Во Христос е секоја убавина, секое здравје – Старец Порфириј Кавсокаливит

Ако го засакаме Христа, сè е лесно. Јас уште не сум го достигнал тоа. Сега се трудам да го засакам. Во Христос постои сè. Секоја убавина, секое здравје. Здравата душа ги прима и живее даровите на Светиот Дух, кои се љубовта, радоста, мирот, долготрпението, благоста, милосрдноста, верата, кротоста, воздржанието (Гал. 5, 22-23). Божјиот човек ги доживува во себе и оние нешта, за кои што зборува апостолот Павле во химната на љубовта: „Љубовта е долготрпелива, полна со добрина… не мисли зло… сè извинува, во сè верува… Љубовта никогаш не престанува“ (1 Кор. 13, 4-8)

Ги имате ли тие нешта? Тогаш ја имате среќата, го имате Христос, рајот. Тогаш дури и телото функционира чудесно, без аномалии. Божјата благодат го променува човекот, го преобразува телесно и душевно. Тогаш сите болести исчезнуваат. Нема колитис, ниту тироидна жлезда, ниту стомак, ниту ништо. Сè функционира нормално. Убаво е да одиш, да работиш, да се движиш и да си здрав.  Но, прво треба да имаш душевно здравје. Основата на душевното здравје, а како последица на тоа доаѓа и телесното. Речиси сите болести произлегуваат од недостатокот на доверба во Бога и тоа предизвикува смут, вознемиреност. Бунилото и вознемиреноста се случуваат поради промаршувањето на религиозното чувство. Ако немате љубов кон Христа, ако не се занимавате со свети нешта, со сигурност ќе се исполните со меланхолија, со зло. Што се случува во светот? Чујте ме, да ви раскажам еден пример.

Една девојка отишла на лекар, кој ѝ препишал хормони. Јас и реков:

– Чедо мое, не ги земај! Не сум лекар, не сакам да дејствуваш само затоа што јас така ти велам, но разбирам дека не треба да ги земаш. Добро е понекогаш да отидеш кај некој ендокринолог, но твојот проблем е поголем од компетенциите на ендокринолог. Сè доаѓа од стресот.

– Навистина, имав некои стресови.

– Е, тоа е! Смирисе, успокој се, исповедај се, причести се и сè ќе се поправи.

Тогаш, таа отиде кај еден ендокринолог и му кажа од што страда.

– Леле, – и рече лекарот – никако не ги земај тие лекови! Фрли ги! Многу ќе ти наштетат.

После тоа, ми се јави на телефон:

– Како што ми рековте, истото ми го рече и лекарот.

Гледате ли што се случува? Додека со исповедта и со Светата Причест многумина се излекувале.

Кога човек е празен од Христа, тогаш доаѓаат и го исполнуваат илјадници други нешта: завист, омраза, досада, меланхолија, ропот, суета, световни радости. Потрудете се да ја исполните душата со Христа, за да не биде празна. Душата ни прилега на еден резервоар, полн со вода. Ако ја насочиш водата кон цвеќињата, то ест, кон добродетелите, по патот на доброто, тогаш ќе чувствуваш вистинска радост, а злобата, трњата ќе се исушат. Ако пак ја насочиш водата кон трњата, тие ќе избувнат и ќе те задушат, а сите цвеќиња ќе овенат.

starec porfirij

Преобразувајте сè околу себе. На тој начин, со Божјата благодат ќе живеете во радоста. „Сè можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи…“ (Фил. 4, 13). Никогаш не велете дека ќе постигнете нешто. Никогаш не копнеете по тоа. Господ рекол: „без Мене не можете да направите ништо“ (Јн. 15, 5). Поинаку не може. Човек никогаш не може да се потпре на сопствените сили, но на Божјата милост и благост. Човекот ќе даде најмало усилие, а Христос ќе го овенча. Прелест е да верувате дека сте направиле нешто сами. Колку повеќе човек напредува и се приближува кон Христа, толку повеќе чувствува дека е несовршен. Додека фарисејот, кој вели: „Јас! Јас сум добар, правам едно, друго, трето…“, се наоѓа во прелест.

 

Извор: http://pravoslaven-sviat.org/2017/12/04/w-hrista-e-wsqka-krasota/