На 05.05.2026 г., во предвечерието на празникот на Светиот Великомаченик Георгиј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Празнична Вечерна богослужба во манастирскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во село Велушина.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос Воскресна!
Христијаните, браќа и сестри, уште од самиот почеток ја сведочеле верата преку страдање. Нивното мачеништво не било знак на пораз, туку сведоштво на вистината. Тие не се плашеле од смртта, зашто знаеле дека нивниот живот е во Бога.
Верата во многу и различни богови е заблуда и човечка измислица. Затоа Господ, во Светото Писмо, ни открива: „Јас сум твојот Бог, и освен Мене друг Бог нема.“
И ние, како христијани, знаеме и веруваме во Еден Бог – не во некакво измислено божество, ниту во ангел од небото, туку во Самиот Син Божји, Кој од Отецот предвечно се раѓа.
Тој, заради нас и заради нашето спасение, слезе од прегратките на Отецот и посака да стане човек, во сè еднаков со нас, освен во гревот, за да нè избави од гревот и од смртта, во кои човекот падна.
Со својата непослушност, со своето човечко мудрување и самоволие, нашите прародители не ја исполнија Божјата заповед да не вкусат од плодот на дрвото на познавањето на доброто и злото.
Господ јасно им рече: „Во оној ден кога ќе вкусите од него – ќе умрете.“
Но тие не размислија за последиците од престапувањето на заповедта. Ева згреши, вкуси од забранетиот плод и му даде на Адам, и тој јадеше.
Така, преку непослушноста, гревот влезе во светот. Како што вели Апостол Павле, преку еден човек гревот влезе во светот, а преку гревот – смртта.
И навистина, преку Адам и ние грешиме и умираме, зашто гревот се всели во човечкиот род.
Најнапред дојде духовната смрт. А духовната смрт, браќа и сестри, е тогаш кога душата се одделува од Бога. Кога човекот престанува да живее со Бога, тогаш душата умира, зашто вистинскиот живот е само во заедницата со Него.
Тоа најдобро го сведочат светите маченици, кои и пред најголеми страдања не се откажале од верата. Таков е и Свети Георги Победоносец, кој и покрај заканите и мачењата од царот, не сакал ни да помисли да се откаже од Бога – Отецот, Синот и Светиот Дух.
Поради тоа бил подложен на големи страдања. Му ставале тежок камен на градите, го мачеле на различни начини, но тој сè поднесувал со Божја помош.
Зашто Господ им помага на оние што веруваат во Него. Како што самиот рекол: ако имате вера и ѝ речете на оваа планина да се помести и да се фрли во морето – ќе биде така.
Таква била верата на сите маченици. Затоа тие издржувале во страдањата, зашто Господ, заради нивната вера, не дозволувал да умрат сè додека не го извршат своето сведоштво – да покажат и да докажат дека не живеат веќе тие, туку дека Бог живее во нив.
Како што вели Апостол Павле: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене.“
И навистина, не тие живееле, туку Бог живеел во нив, и преку нив говорел и дејствувал.
По овие маки, и по многуте други страдања што му биле нанесени на Свети Георги Победоносец, бил изведен на уште едно страшно мачење.
Било поставено големо тркало со остри клинци и шила, и кога го вртеле тркалото, тие клинци го раскинувале неговото тело, нанесувајќи му тешки и длабоки рани. Неговото тело станало една голема рана.
Но мачителите не престанале тука. Го закопале во земја до главата, и така поминал три дена и три ноќи.
Кога потоа го откопале, го нашле жив и здрав. Се зачудиле и се восхитиле, гледајќи како Господ ги исцелил сите негови рани.
И кога виделе дека ништо не може да го оттурне од верата, многумина од присутните почнале да веруваат во Христа, нашиот Бог и Спасител.
Она што свети Георгиј го поднесол со вера и трпение, другите не можеле ни да го замислат, а камоли да го издржат без вера.
Меѓу оние што поверувале и се осмелиле да Го исповедаат Христа, била и Александра, жената на царот.
Така, гледајќи какви искушенија и какви страдања поднесе свети Георгиј, многумина се осмелиле да ја исповедаат верата. Меѓу нив била и Александра, жената на царот, која отворено изјавила дека е христијанка, поради што била осудена на смрт.
И не само таа – и други, кои сведочеле за Христа, пострадале за верата. Така, преку нивното мачеништво се потврди дека верата во Бога е вера во вистинскиот Бог и дека нема друг пат преку кој може да се спаси човечкиот род, браќа и сестри.
По страдањето на Свети Георги Победоносец, се случувале многубројни чуда – не само тогаш, туку и денес. И во поново време има сведоштва за чудесни настани, на пример во Северна Африка, каде што постои храм посветен на свети Георгиј. Но тоа не е единствен случај – безброј чуда се случиле и продолжуваат да се случуваат.
Но некој ќе праша: зошто тука, кај нас, не се случуваат чуда? Зошто и во овој манастир не гледаме такви пројави?
Одговорот е во нашата вера, браќа и сестри. Поради нашето неверие и маловерие, ние не ги гледаме чудата.
Христос, нашиот Спасител, исцелувал секакви болести и правел чуда. Чудото, по својата суштина, е дејство што ги надминува природните закони. Но таму каде што луѓето не верувале – таму Господ не правел чуда.
И поради нивното неверие, Господ не правел чуда.
Но, од друга страна, имало и такви кои не биле од избраниот народ, кои не биле ниту православни, ниту дури верувале во Месијата, а покажале силна вера – и токму заради таа вера Господ правел чуда.
Таков е примерот со една жена која Го молела Христа Спасителот да ја исцели нејзината ќерка. Господ, пак, намерно ја испитувал нејзината вера, за да го поучи народот што бил присутен.
Тој ѝ рекол: „Не е добро да се земе лебот од децата и да им се фрли на кучињата“, споредувајќи ги незнабошците со кучиња, а децата – со избраниот народ.
Но таа жена покажала длабока смиреност и силна вера, и одговорила: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“
Со тие зборови, таа не само што не се навредила, туку со смирение ја исповедала својата вера и надеж во Бога.
И Господ ѝ рекол: „О, жено, голема е твојата вера! Нека ти биде според верата твоја.“ И во тој час се исцелила нејзината ќерка.
Така било и со многу други чуда што ги направил Господ Исус Христос.
И сега се поставува прашањето: што е со нас денес?
После толку време, после повеќе од две илјади години од Христовото раѓање, дали ние ја имаме таа вера?
Ние се нарекуваме христијани – како што првите ученици биле наречени христијани во Антиохија – но дали живееме како вистински христијани?
Безброј маченици, милиони и милијарди, пострадале за верата. Тие со својот живот и крв сведочеле за Христа.
Црквата Христова низ историјата поминала низ многу искушенија – војни, страдања и духовни борби. Тие искушенија особено се пројавувале кога Црквата се борела против погрешните учења и ересите што се појавувале во текот на времето.
Затоа биле свикувани Помесни и Вселенски Собори – Седум Вселенски и многубројни Помесни – на кои, под дејството на Светиот Дух, Светите Отци, епископите и сите присутни едногласно ја утврдувале вистината на верата.
Тие, според каноните и правилата на Црквата, јасно ја исповедале и ја зачувале православната вера.
А каква е таа наша света вера?
Ние имаме Символ на верата – исповед на вистината која не постои во ниту една друга вера или религија во својата полнота.
Во историјата, за жал, се случиле и разделби. Така, до Големиот раскол 1054, постоело единство, но потоа дел од христијаните се одвоиле од Православната Црква и почнале да воведуваат нови учења.
Подоцна, во XVI век, се појавиле и други движења, кои протестирале против тие погрешни учења, но наместо да се вратат кон полнотата на православната вера, создале уште поголеми разделби. Така настанале бројни протестантски учења и заедници, кои се размножиле во илјадници различни правци.
Денес сме сведоци дека тие учења се шират насекаде, дури и кај нас. Се делат разни пропагандни материјали, се збунуваат луѓето, особено младите, и се создаваат недоразбирања за верата.
Некои дури велат дека почитувањето на крстот е идолопоклонство. Но тоа е длабока заблуда.
Зашто крстот е знак на нашето спасение. На него Христос пострада за нас и заради нашето спасение. Нема Воскресение без Крст, без страдање и без жртва.
Како што вели апостолот: ако со Христос страдаме – со Него и ќе воскреснеме.
Затоа, кога го целиваме крстот, ние не му се поклонуваме на дрвото, туку на Оној Кој беше распнат на него – на Христа, нашиот Бог и Спасител.
Не смееме да ја заборавиме оваа вистина: ако не ја знаеме својата вера и ако не живееме според неа – нема спасение.
Никој нема да се спаси само затоа што е роден како православен или затоа што родителите му биле православни.
Спасението доаѓа тогаш кога ја знаеме верата, кога го исповедаме Символот на Верата, кога живееме според него, кога доаѓаме на богослужби, особено на Светата Литургија, и кога ја практикуваме верата во секојдневниот живот.
Само тогаш човекот оди по патот на спасението.
Светите маченици биле подготвени да го дадат својот живот за верата. А ние денес, браќа и сестри, често се поколебуваме за многу помали работи, дозволувајќи да бидеме заведени од разни лажни учења и ветувања.
Затоа ве повикувам: отворете ги очите – и телесните, и духовните. Слушајте внимателно и расудувајте. Не дозволувајте да бидете измамени.
Вие што сте во вистинската вера, во нашата света православна вера, чувајте ја како најголемо богатство.
И ако забележите некој да проповеда нешто погрешно, не молчете, туку со љубов и вистина посочете го тоа. Зашто многумина се жртви на пропаганда и на лажни учења, зад кои често стојат интереси што немаат ништо заедничко со вистината.
Затоа и имаме толку многу маченици – милиони што пострадале за верата, меѓу кои и Свети Георги Победоносец – затоа што ја чувале вистината и не отстапиле од неа.
И ако некогаш некој од нас – па дури и јас – каже нешто што не е во согласност со верата, со Символот на Верата, со учењето на Светите Отци, со каноните на Црквата, со одлуките на Вселенските и Помесните Собори, или со Светото Предание – не плашете се да укажете.
Зашто вистината не се брани со молчење, туку со љубов, со смирение и со храброст.
Слободно тоа да го кажете. А уште нешто да ви кажам: кај нас има некои што многу сакаат да се прават паметни, како некои од струмичко, што имаат направено свој календар за телефон и по секоја цена сакаат да наметнат свое мислење.
Велат дека утре, на Преполовение – празник што е на средината меѓу Воскресението и слегувањето на Светиот Дух – не треба да се пости, туку да се мрси.
Тоа е измислица. Не може некој да измислува правила во верата и да го лаже народот.
Срам е да се внесува забуна меѓу верниците, и да се шири нешто што не е во согласност со црковното предание. Затоа и народот се збунува и поставува прашања.
Јас тоа јавно го осудувам и укажувам дека не е правилно.
Не може некој да измислува приказни за верата и да го доведува народот во заблуда.
Од почетокот, измамата доаѓа преку лагата – како што и Ева беше измамена од ѓаволот, а потоа и Адам. Господ јасно им покажа дека поради лагата го изгубија рајот.
Така и денес: ако некој лаже и погрешно учи, нема место во вистината.
Ако јас, како свештеник, зборувам невистина, треба да бидам исправен од Црквата.
И секој – било да е Епископ, Архиепископ, Патријарх или било кој друг – ако учи и проповеда нешто лажно, тоа не е во духот на Црквата и не припаѓа на неа. Амин!
Христос Воскресна! Навистина Воскресна!









