Единаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп

На 16.08.2026 година, во Единаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на преносот на моштите на Светиот Климент Охридски, во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп беше отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија.

Со Светата Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереи-ставрофорите Влатко Ристески, Илчо Смилески и Златко Ангелески, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Миле Маџароски.

Празничното литургиско собрание беше збогатено со уште еден особено значаен и радосен настан во животот на Црквата. Во текот на Светата Божествена Литургија, Митрополитот г. Петар, го ракоположи ипоѓаконот Александар Бошкоски во ѓаконски чин, повикувајќи ја благодатта на Светиот Дух врз него за достојно служење на Бога и на Неговата Света Црква.

Верниот народ, собран околу својот архипастир и свештенството, молитвено учествуваше во Светата Литургија, а верните пристапија кон Светата Чаша и се причестија со Светите Христови Тајни.