Тодорова Сабота – Света Архиерејска Литургија во Прилеп

На 28.02.2026 год., во Првата сабота од Великиот пост, посветена на Светиот Великомаченик Теодор Тирон, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереи ставрофорите Влатко Ристески, Илчо Смилески и ѓаконот Миле Маџароски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.

После Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Господ Исус Христос им вели на Своите свети апостоли: „Одете и научете го светот, научете ги луѓето да веруваат во Мене и да се крстат во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и да пазат сè што сум ви заповедал.“

Овие зборови, браќа и сестри, во денешното Свето Евангелие, зборуваат за тоа како Светите Апостоли, гледајќи кон Христос, нашиот Бог и Спасител, од Него добиле власт да одат во светот.

И ние, браќа и сестри, сме должни да пазиме сè што ни заповедала нашата Света Црква. А како грижлива Мајка, Светата Црква, според зборовите на Христос, нашиот Бог и Спасител, нè повикува да се покаеме за нашите гревови.

Зашто и Светиот Пророк, Претеча и Крстител Јован, кој беше испратен како предвесник на Христос, за да ги порамни патиштата за Неговото доаѓање, му се обраќаше на народот и им велеше: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно.“

А Јован проповедаше крштение за простување на гревовите. А Христос Спасителот рече за Јован дека тој ќе крштева со Дух Свети и со оган.

Крштението на Христос, нашиот Бог и Спасител, претставува целосно обраќање кон Бога – преку вистинско и искрено, од длабочината на душата и срцето, покајание.

Без вистинско покајание, браќа и сестри, нема спасение.

А што, всушност, беше Рајот, ако не љубовта Божја кон човекот? Љубовта Божја кон Своите созданија – кон Адама и Ева, создадена од неговото ребро; и љубовта на Адам кон Ева и обратно.

И токму затоа, Рајот не е ништо друго, освен – љубов.

А ние, браќа и сестри, многупати се залажуваме, слушајќи разни мисли и мудрувања на луѓето, на философите, кои давале само одредени примери за некакво подобрување на животот, но никогаш не решиле ниту еден суштински проблем што се однесува на човекот и човечката природа.

Еден кинески мислител, Метсија, во својата книга вели дека ако сакаме да решиме некаков проблем, најнапред треба да ги запознаеме причините за тој проблем. Тој поставува прашање: зошто луѓето се мразат? Зошто таткото ги сака своите деца само до одредена мера? Затоа што е самољубив – затоа што најпрво се сака себеси, па дури потоа, до некаде, ги сака и децата.

Но ние знаеме дека во Стариот Завет, во Божјата заповед, се вели:

„Почитувај го татка си и мајка си, за да ти биде добро и да поживееш долго на земјата.“

Овој мислител понатаму прашува и зошто брат не го сака братот. Затоа што, вели тој, секој најпрво се сака себеси, а потоа, ако има простор, го сака и братот. Обично постарите најпрво себеси се сакаат, а потоа другите, а помалите често ги намразуваат постарите, бидејќи не им е возвратена иста љубов, каква што тие очекуваат.

И така, омразата меѓу луѓето постојано се јавува – не само во семејствата, туку и во пошироките заедници, во племињата, меѓу народите, па дури и меѓу државите. И знаеме дека војните се последица токму на недостатокот на љубов меѓу луѓето.

Кинескиот мудрец Лао Це вели дека на навредите треба да возвраќаме со љубезност. Но да бидеме љубезни затоа што некој нè навредил, не значи дека навистина го сакаме. Како што и во секојдневниот говор, кога некој ќе нè навреди, а ние ќе кажеме „извини“ или „сори“, тоа често е само формално извинување, без вистинска љубов во срцето.

И Конфуциј говори дека треба да ги сакаме луѓето и да покажуваме љубов, но тој прави разлика: најпрво да го сакаме ближниот – оној што ни е најблизок, било во потесното или поширокото семејство, потоа ближниот по род, па по нација. Колку е некој подалеку од нас, толку помалку, според него, треба да го сакаме.

Дури вели дека човек треба да се научи колку да ги сака луѓето и колку да ги мрази. Тоа значи дека љубовта е поставена на одредени граници и мерки.

И Гаутама Сидарта, наречен Буда, проповедал дека луѓето треба да се сакаат и дека љубовта треба да ги надминува и болките, слично на стоичките философи, кои учеле дека чувствата треба да се притапуваат, за болката да не се чувствува.

Но тоа значи љубов не само кон луѓето, туку и кон животните, па и кон сè друго, така што, на крајот, секоја поединечна душа треба да се стопи во една општа, таканаречена душа – сите луѓе да влезат во нирвана, во некаква наводна состојба на мир, стишување, па дури и во ништожност, во која човекот престанува да биде личност.

Тоа е една силовна љубов, која повеќе наликува на мраз – во неа нема ништо човечко, ништо чувствително, ништо што може да го направи човекот вистински човек.

Затоа и во Стариот Завет, како што вели Господ Исус Христос, се говорело: „Око за око, заб за заб“, односно – за добро да се возврати со добро, а за зло со зло. Но тоа, браќа и сестри, ни покажува дека таму сè уште нема совршенство во вистинското сакање, во вистинската љубов кон човекот.

И токму затоа, во оваа прва седмица од Великиот пост, имавме можност да слушнеме во молитвите на богослужбите – во утринските и вечерните служби, на часовите од првиот до деветтиот, во Изобразителната служба, како и во Великото повечерие со Канонот на свети Андреј Критски – како во Стариот Завет често се говори за истребување на непријателите.

И тука, секако, многумина мислат дека тоа значи дека треба да ги мразиме луѓето. Но Псалм 50 не зборува за непријатели луѓе, туку за непријатели – нечисти духови. За оние што отпаднале од Христа Бога, од Троичниот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух – преку својот татко на лагата, Денница, Сатаната, кој од самољубие, од љубов кон себе, а не од љубов кон Создателот, се спротивставил на Бога.

Тој, кој од почеток е богоборец и човекоубиец, татко на лагата, со себе повлекол една третина од ангелите. Тие се нашите вистински непријатели.

Затоа, браќа и сестри, ние не треба да ги сметаме луѓето за непријатели. Луѓето се од истата човечка природа како и ние. Не сме повикани да ги мразиме луѓето, туку да го мразиме злото во нив – и пред сè, злото во нас самите.

Господ Исус Христос кога говори за „омраза“, не нè повикува да ги мразиме луѓето, туку гревот. Дури вели дека треба да се „омразиме“ себеси – што значи да го замразиме сè она што е грешно во нашата душа: лошите мисли, чувствата, желбите, фантазиите што се раѓаат во умот, грешните похоти и страсти што преминуваат во дела.

Да ги очистиме умовите од грешни помисли, срцата од грешни желби и чувства, и волјата од злото. И ако така, во себе, го мразиме гревот и нечистотијата – духовна и телесна – тогаш ќе можеме да покажеме вистинска љубов кон другите.

А како изгледа таа вистинска љубов? Кои се најголемите заповеди?

Кога еден законик Му пристапи на Христа и Го праша која е најголемата заповед, Господ најнапред му ги наброја заповедите: да не краде, да не лаже, да не прелюбодејствува. А кога тој рече дека сето тоа го исполнува уште од младоста, Господ му одговори: ако сакаш да бидеш совршен, откажи се од себе и тргни по Мене.

И потоа Христос ја кажа најголемата заповед од сите:

„Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја мисла; и ближниот свој како себеси.“

И токму во тоа, браќа и сестри, е суштината на нашето постоење на земјата. Да Го возљубиме Бога, нашиот Создател, зашто од Него потекнува нашиот живот, и само ако сме во заедница со Него – навистина живееме. Инаку, само преживуваме.

Вистинската љубов е љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот. А ближен ни е секој човек. Тоа Христос јасно ни го покажа во параболата за човекот што паднал меѓу разбојници: оние што му биле најблиски по народност – свештеникот и левитот – го одминале, а милостивиот Самарјанин, кој по народност му бил непријател, се смилувал над него.

Тоа, браќа и сестри, е ликот на Христос – нашиот Бог и Спасител. Тој Му пријде на ранетиот, му ги изми раните, ги помаза со масло и вино и го однесе во гостилницата – односно во Црквата Божја, каде што се лекува човекот.

И секој од нас, како христијани, токму тука треба да го бара вистинскиот лек – најнапред за својата душа, а потоа и за телото.

Зашто Христос, Кој лекува, никогаш не ги лекува најнапред телата, туку пред сè ги лекува душите. Затоа и ги прашуваше болните што страдаа од телесни болести:

„Дали веруваш дека можам да го направам тоа?“

„Дали веруваш во Бога?“

И кога ќе слушнеше дека тие навистина веруваат во Него, тогаш најнапред ја очистуваше душата, велејќи:

„Ти се простуваат гревовите.“

„Ти се очистуваат гревовите.“

А дури потоа, откако ќе ја излекуваше душата од гревот, го лекуваше и телото.

 

Така е и во денешното Свето Евангелие, каде што слушаме како Господ го излекува човекот со исушена, парализирана рака. А кога Јудејците Му забележаа зошто го прави тоа во сабота, Тој им одговори:

„Зар не треба да се прави добро и во сабота? Зар не ги одврзувате во сабота своите добиточиња за да ги напоите и нахраните? Ако тоа го правите за стоката, тогаш уште повеќе треба да го правите за луѓето.“

И така, браќа и сестри, во овие изминати денови од првата седмица на постот научивме и сфативме дека лекувањето треба да започне од душата, а потоа и од телото. Зашто што е Великиот пост, ако не покајание – и тоа вистинско покајание?

Тоа значи да ги осознаеме и препознаеме нашите гревови, да го испитаме својот живот – од детството па сè до денешниот ден. Но не само тоа, туку и да донесеме цврста одлука дека нема да ги повторуваме, особено тешките и смртните гревови: гордоста, среброљубието, мрзеливоста, омразата, злобата, блудот и сите други гревови.

Тука спаѓа и губењето на желбата за живот, очајанието што води кон саморазрушување – нешто што, за жал, денес е присутно и кај нас, и во целиот свет, па дури и меѓу православните, иако некогаш бевме земја со многу малку такви појави.

Затоа, браќа и сестри, пред сè сме повикани да покажеме љубов кон луѓето. Но не можеме да покажеме љубов ни кон Бога, ни кон ближниот, ако не се „омразиме“ себеси – односно, ако не ги намразиме нашите грешни состојби.

Оној што ја испитува својата совест, што ја препознава својата грешна волја и го замразува гревот – почнувајќи од грешните мисли, помисли, фантазии, желби, чувства, похоти и страсти – тој веќе е на патот да ги засака другите. Зашто сето зло произлегува од самољубието.

Од љубовта кон себе ги мразиме родителите, браќата и сестрите, блиските и далечните, народите и сè друго – затоа што себеси се ставаме над сите. Со тоа, браќа и сестри, самите стануваме идолопоклоници, самите се прогласуваме за богови, како што тоа го направи и Сатаната.

Од тоа мора да се откажеме ако сакаме да разбереме дека вистинското покајание е преобразување на човечката душа. Покајанието значи да се откажеме од сè што е грешно во нас и да покажеме љубов преку дела.

Тоа е вистинско покајание: кога правиме спротивни дела на гревовите што сме ги направиле. Ако сме лажеле – повеќе да не лажеме. Ако сме краделе – да го вратиме украденото и да дадеме повеќе од она што сме го земале: на сиромаси, на сираци, на вдовици, на бедни.

И така, ако целиот наш пост го поминеме во молитви, пост, подвизи и добри дела, преку застапништвото на Пресвета Богородица – на која синоќа го отслуживме првиот акатист – ја молиме Мајката Божја да се застапува за нас пред престолот на Нејзиниот Син, нашиот Господ Исус Христос, за прошка на нашите гревови.

Многу може да помогне молитвата на Мајката, браќа и сестри. И нејзините молитви, и молитвите на денешните светии – на светите апостоли, на преподобните Евсевиј и Евфросинија, и на светиот великомаченик Теодор Тирон – нека нè покријат со Божјата милост.

Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè нас грешните. Амин!