На 19.07.2026 година, во Седмата недела по Педесетница, кога Светата Православна Црква го празнува споменот на Преподобниот Сисој Велики, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбизов, протоереите Крсте Тасески и Горан Петковски, како и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, изврши Големо осветување на храмот „Свети Атанасиј Велики“ во село Жабени.

По чинот на Големото осветување на храмот беше отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија. За време на светата богослужба, парохискиот свештеник, отец Горан Петковски, беше произведен во чин протопрезвитер и удостоен со правото на носење набедреник, како признание за неговата ревносна и долгогодишна пастирска служба во Светата Црква.
На крајот од Светата Литургија, многубројниот верен народ со страв Божји, вера и љубов се причести со Светите Христови Тајни, принесувајќи благодарност кон Бога за големиот благослов и историскиот ден за храмот и за целата црковна заедница во село Жабени.
Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Кој сака да се спаси, браќа и сестри, треба да влезе во себе, треба да почне да се преиспитува и да ги осознае своите гревови и своите грешни состојби. Треба да го остави стариот човек, кој живее во гревот, и да се преобрази, односно да се обнови.
Како што денес извршивме обновување, односно осветување на обновениот свет храм, така и секој што сака да се спаси треба уште во текот на својот живот овде на земјата да се потруди да се преобрази и духовно да се обнови.
Ете, денес од светото Литургиско Евангелие слушнавме дека, кога Господ проповедаше меѓу народот, Му пристапија двајца слепи и Го замолија да ги исцели од нивното слепило. А Тој ги праша: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Тие одговорија потврдно, а Господ им рече: „Нека ви биде според верата ваша“, и во истиот миг тие прогледаа.
Браќа и сестри, покрај телесното слепило, за кое сите знаеме колку е тешко и страшно, особено за оние што го носат, постои и духовно слепило, кое е уште пострашно.
Телесно слепите не можат да ги видат убавините на овој свет: сонцето, месечината, ѕвездите и планетите; горите и планините; изворите, потоците, реките, морињата, езерата и океаните; полињата и сè што Бог прекрасно создал.
А кога Бог, како венец на Своето создание, го создаде човекот и го постави во Рајот за да живее во вечна заедница со Него, му даде само една заповед – да не јаде од плодот на дрвото за познавање на доброто и злото. Зашто му рече: „Во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.“
Но нашите прародители, Адам и Ева, не ја исполнија таа единствена заповед. Најнапред умреа духовно, бидејќи духовната смрт е разделување од Бога, прекинување на заедницата со Создателот.
Тоа не е смрт во која човек престанува да постои, туку состојба на вечно умирање. Страшно е и само да се помисли на тоа – колку е тажна, жална и трагична таквата состојба. А камоли, не дај Боже, човек да се најде во неа.
Кога згрешија нашите прародители, нивниот духовен вид се помрачи и настана духовното слепило. Тоа не е како телесното слепило, од кое Господ Исус Христос ги исцели двајцата слепи што се спомнуваат во денешното свето Евангелие.
Духовното слепило е многу пострашно, бидејќи тогаш човекот не Го познава својот Создател и не верува дека Бог е Оној Кој нè создал, додека нашите родители се само соработници во нашето раѓање.
И бидејќи човекот не можеше сам да се спаси, не постоеше друг начин за спасение, освен самиот Син Божји, по Чиј образ и подобие сме создадени, да слезе од небесата, да се смири Себеси, да прими облик на слуга, да стане во сè сличен на нас луѓето, освен во гревот, да поживее меѓу луѓето и да ги исцелува нивните болести, како што ги исцели и двајцата слепи за кои ни говори денешното свето Евангелие.
Господ направи уште едно најголемо чудо и ни покажа пример на совршена љубов и саможртва. Заради љубовта кон човекот и кон целиот човечки род, пострада на Крстот, беше распнат, умре и воскресна во третиот ден, за да ни го дарува спасението и вечниот живот.
Токму преку Неговото страдање, смрт и Воскресение ние се осветуваме и се спасуваме, ако со вера, покајание и духовна подготовка пристапуваме кон Светата Тајна Причест.
Тоа денес јасно го видовме и при осветувањето на овој свет храм. Беше извршен свечен обход околу храмот со светите мошти на светителите, кои потоа се полагаат во Светиот престол.
Светите мошти се делови од телата на оние свети луѓе кои живееле свет живот. Како што вели Светиот апостол Павле: „Не знаете ли дека телата ваши се храм на Светиот Дух?“
Оние што живееле свето станале живеалиште на Светиот Дух. Затоа Светиот апостол Павле вели: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене.“ А самиот Господ вели дека ќе пребива во оние што ги исполнуваат Неговите заповеди. Така и ние, доколку ги исполнуваме Божјите заповеди, ќе станеме храмови на Светиот Дух и Христос ќе живее во нас.
Како што денес со голема чест ги носевме светите мошти на светите маченици и трипати направивме обход околу храмот, така при осветувањето беа прочитани светите Евангелија и беа спомнати сите упокоени кои се труделе околу поранешниот храм, како и сите оние што со својата љубов, труд и жртва придонеле за изградбата и за осветувањето на овој свет храм.
Кога започна осветувањето на храмот, Светиот престол беше измиен со топла вода. Тоа има длабока духовна смисла. Нè потсетува дека и ние треба да пролееме многу покајни солзи за нашите гревови, ако сакаме да се спасиме.
Без покајание и без солзи за своите гревови нема вистинско духовно обновување. Најдобар пример за тоа ни дава Светиот апостол Петар. Иако Господ му го прости неговото одрекување, тој до крајот на својот живот плачел за својот грев. Се вели дека секогаш кога ќе го слушнел петелот како пее, се потсетувал на своето одрекување од Христа и горко плачел.
Исто така, на Светиот престол се излеваат и се мијат вино и вода. Тоа го претставува Крвта и Водата што потекоа од реброто на нашиот Господ Исус Христос, кога еден од војниците со копје Го прободе на Крстот. Од Неговото свето ребро истекоа крв и вода, а токму тоа е смислата и значењето на полевањето на Светиот престол со вино и вода.
За нашите направени гревови треба да пролееме покајни солзи, ако сакаме да се спасиме. Без искрено покајание нема спасение. Пример за тоа ни дава Светиот апостол Петар, кој, иако му беше простено одрекувањето од Христа, до крајот на својот живот плачеше за својот грев. Се вели дека секогаш кога ќе го слушнеше петелот како пее, се потсетуваше на своето одрекување од Господа и со солзи се каеше.
Затоа, браќа и сестри, при осветувањето на Светиот престол се врши и негово миење со вино и вода. Тоа ја претставува Крвта и Водата што потекоа од реброто на нашиот Господ Исус Христос, кога еден од војниците со копје Го прободе на Крстот. Од Неговото свето ребро потекоа крв и вода. Во тоа се состои и значењето на полевањето на Светиот престол со вино и вода.
Потоа, браќа и сестри, во Светиот престол се полагаат светите мошти. Без полагањето на светите мошти во Светиот престол и без Светиот антиминс, во кој исто така се вградени свети мошти, не може да се служи Божествена Литургија. Ако нема антиминс, Литургија не може да се служи ниту во храм, ниту на кое било друго место.
Светиот антиминс е, всушност, подвижниот престол на Црквата. Каде и да биде поставен со благослов на надлежниот архиереј, таму може да се служи Божествената Литургија.
Откако го очистивме и го измивме Светиот престол, го помазавме и со Свето миро. Тоа нè поучува дека и ние треба да правиме добри дела и да шириме духовен мирис на добродетелите, како што Светото миро е составено од многу благоухани мириси.
Потоа Светиот престол беше обвиткан со белата обвивка. Таа белина ја означува чистотата. Како што белата обвивка е чиста, така и нашата душа треба да биде чиста од гревот. Кога говориме за преобразување и обновување, всушност зборуваме за враќање на човекот во онаа чиста состојба во која се наоѓале нашите прародители Адам и Ева пред падот во грев.
Потоа, како што видовте, на Светиот престол се поставуваат покровците, Светиот антиминс со светите мошти, без кои не може да се служи Божествената Литургија, а потоа се поставува и Светото Евангелие.
Сето тоа нè поучува дека човекот кој сака да се преобрази и да се обнови треба својот живот да го темели врз Евангелието Христово. Затоа на Светиот престол се поставува и светиот Крст, кој нè потсетува на спасоносната жртва на Господ Исус Христос. На Крстот беше пролеана Неговата пречесна Крв, без која немаше да има спасение за човечкиот род.
Само преку страдањето, смртта и Воскресението Христово, преку пролевањето на Неговата света Крв, ни беше отворен патот кон спасението и вечниот живот.
И кога сето тоа ќе се изврши, храмот се смета за осветен. Тогаш во него изобилно пребива Божјата благодат. А Божјата благодат, браќа и сестри, се божествените сили, односно божествените енергии што произлегуваат од Бога и ни се даруваат за наше осветување и спасение.
Но, таа благодат не можеме да ја примиме ако не се подготвиме, ако не се преобразиме и духовно не се обновиме. Само тогаш можеме да се удостоиме да ја примиме таа сила Божја, која ни се дарува преку Светите Тајни.
Таа благодат ја примаме преку Светото Крштение, Миропомазанието, Покајанието и Исповедта, Светата Тајна Брак, Свештенството, Светата Тајна Елеосвештение, која се извршува над болните, и особено преку Светата Тајна Евхаристија – Причеста со Телото и Крвта Христови, која е Тајна над сите тајни и круна на целиот светотаински живот на Црквата.
Преку сите овие Свети Тајни и преку проповедта на Божјото слово нам ни се дарува Божјата благодат. Но, ако живееме во грев, особено ако остануваме во тешки и нераскајани гревови, таа благодат се оддалечува од нас. Затоа псалмопевецот Давид се моли: „Не одземај го од мене Твојот Свет Дух.“ Зашто Светиот Дух е Оној преку Кого ни се дарува Божјата благодат.
Денес ја имаме таа голема радост да го почувствуваме изобилното слегување на Светиот Дух врз овој свет храм. Но храмот не го сочинуваат само неговите ѕидови. Живата Црква сте вие – верниот народ, кој се собира во овој храм, особено на Светата Божествена Литургија, заедно со свештенослужителите, монаштвото и својот архиереј.
Така сите заедно ја принесуваме земната Божествена Литургија, која е предвкус на Небесната Литургија и на Царството Небесно, кон кое сите се стремиме. Ако ги исполнуваме Божјите заповеди и живееме според светото Евангелие, ќе се удостоиме да станеме наследници на тоа вечно Царство.
По молитвите на Светиот Атанасиј Велики, Архиепископот Александриски, еден од големите столбови и учители на Христовата Црква, Господ Исус Христос нека нè помилува и нека нè спаси сите нас.
Честит нека ви е, браќа и сестри, новоосветениот храм! Да Му благодариме на Бога што нè удостои да го дочекаме овој благословен ден. Нека Господ ги благослови сите што со својата вера, љубов, труд и жртва придонесоа за изградбата и за осветувањето на овој свет храм, особено неговите големи приложници и добротвори.
Нека Господ ги награди со Својата изобилна благодат, а овој свет храм нека го утврди да остане место на молитва, спасение и духовно укрепување за многу поколенија, во сите векови. Амин!













