За епархијата

Преспанско-пелагониската православна епархија денес се наоѓа во составот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и територијално го зафаќа југозападниот дел на Република Македонија. Во нејзиниот состав влегуваат градовите: Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Крушево, во кои се наоѓаат и седиштата на истоимените намесништва. Црковното седиште на Преспанско-пелагониската православна епархија се наоѓа во градот Битола.

Историски осврт

Епархијата има долг историски континуитет. Се смета дека нејзината црковна катедра, во античкиот период била сместена во градот Хераклеја Линкестис, којшто се наоѓал на патот Виа Игнација. Таквото гледиште е поткрепено и со историски документи, во кои се говори за учеството на епископите од оваа црковна катедра во работата на неколку вселенски и помесни собори. На пример, епископот Евагриј од Македонија, Хераклеја, учествувал на Сердикискиот помесен собор во периодот од 343-344 година; епископот Квинтилиј, учествувал на Ефескиот собор во 449 година и тоа како заменик на архиепископот на Солун, Атанасиј. Овој хераклејски епископ учествувал и на IV (Халкидонскиот) Вселенски собор. Епископот Бенигнус од Хераклеја, Македонија Прима, како заменик на архиепископот на Солун, Илија, учествувал на Константинополскиот собор во 535 година.

Во периодот на владеењето на македонскиот цар Самоил, оваа епархија територијално влегувала во диецезата на Самуиловата патријаршија, а останала составен дел на Охридската архиепископија сè до 1767 година.

Во Битола, како седиште на Преспанско-пелагониската православна епархија, низ вековите се вкрстувале најразлични политички и црковни интереси. Тоа налагало во градот и во неговата непосредна околина да бидат изградени и неколку богословии. Едната од нив била формирана во 1882 година од страна на грчкиот епископ Матеј, црковен достоинственик на Цариградската патријаршија. Оваа богословија работела сè до 1888 година, кога била затворена. Истата била повторно отворена во 1896 година, и тоа во непосредна близина на градот, во село Барешани, а во 1903 година била преместена во Битола. Mеѓу двете светски војни во Битола постоела и српска богословија, во која како професор предавал рускиот светител Свети Јован Максимовиќ, наречен Битолски, кој подоцна станал епископ на Шангај, Париз и наСан Франциско.

Во периодот на постоењето на Бугарската егзархија, на чело на оваа епархија се наоѓал егзархискиот митрополит Григориј. Во негово време е изградена зградата на Битолската Митрополија (1901), во која денес се наоѓа епископското, митрополитско седиште на Преспанско-пелагониската православна епархија.

Во 1958 година, по обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, како прв епископ на оваа епархија бил назначен епископот Климент (Трајковски), родум од Битола. Во овој период, името на епархијата било Преспанско-битолска.

Во 1974 година, со арондација на епархиите, во рамките на Македонската православна црква, името на оваа епархија било сменето во Охридско-битолска.

По упокојувањето на епископот Климент во 1979 година, за администратор на оваа епархија бил назначен митрополитот Гаврил. Во 1981 година, за надлежен архиереј на оваа епархија бил возглавен митрополитот Петар (Каревски).

По донесувањето на новиот Устав на Македонската православна црква во 1994 година, оваа епархија е преименувана во Преспанско-пелагониска и тој назив се употребува до денес.

 

 

Преспанско-пелагониската епархија се протега на територијата на градовите: Битола, Прилеп, Демир Хисар, Ресен и Крушево, а нејзиното седиште е во Битола.

 

Пелагонискиот регион е еден од осумте региони во Македонија. Овој регион се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, се граничи со Грција и со Албанија, а внатрешно со југозападниот и вардарскиот регион. Зафаќа површина од 4.717 квадратни километри или 18,9 проценти од територијата на Република Македонија.

 

По неговата површина најголем е пелагонискиот регион со најмногу населени места, околу 343, но се одликува со мала густина на населеност од 50 жители на квадратен километар.

Моменталниот број на населението во пелагонискиот регион е 238.136 жители, или 11% од вкупното население на Република Македонија.

Оваа епархија има четири архиерејски намесништва, и тоа:

  1. Битолско,
  2. Прилепско,
  3. Ресенско и
  4. Крушевско-демирхисарско.

Нејзин администратор е Неговото Високопреосвештенство, митрополитот г. Петар.

Досега во оваа Епархија се изградени и осветени повеќе од 120 цркви и манастири, а обновени и осветени се повеќе од 30, како и над 350 црковни објекти, конаци, параклиси, камбанарии итн. Моментално изградени и подготвени за осветување, како и во доизградба се повеќе од 60 цркви и манастири.

Во Епархијата постојат 7 манастири со монашки машки и женски заедници, и тоа: Св. Преображение во Епархијата – с. Зрзе, Св. Богородица – Трескавец, Св. Архангел Михаил – Варош, Св. Христифор – с. Крстоар, Св. Јован – с. Слепче, Св. Атанасиј – с. Журче и Св. Богородица – с. Јанкоец.

Меѓу најзначајните цркви во Епархијата се: Соборниот храм Св. Вмч. Димитриј во Битола од 1830 година, Св. Благовештение во Прилеп од 1938 година, Св. Богородица во Битола од 1870 година и Св. Недела во Битола од 1863 година. Меѓу најзначајните манастири се: Св. Ѓорѓи во Курбиново од 12 век, Св. Петар на островот Голем Град, Преспа од 14 век, Св. Ѓорѓи  во с. Велушина од 18 век, Св. Преображение во с. Буково од 17 век, Св. Богородица во Трескавец од 13 век, Св. Никола во с. Манастир од 13 век, Св. Преображение во с.Зрзе од 14 век, Св. Архангел Михаил во Варош од 14 век, Св. Никола Болнички од 14 век, Св. Јован во с. Слепче од 11-18 век, Св. Атанасиј во с. Журче од 17 век, Св. Богородица во с. Сливница од  7 век, и Варошките цркви: Св. Никола од 12 век, Св. Петар и Павле од 12 век, Св. Димитриј од 13 век, Св. Атанасиј од 14 век и Св. Богородица Пречиста од 15 век.

Во Епархијата има еден Митрополит, еден Викарен Епископ Климент (Божиновски), 61 свештеник, 8 ѓакони, 10 монаси и 14 монахињи. Вкупниот број на верници во Епархијата е околу 220 000.

Епархијата ја поседува Митрополитската современа библиотека Св. Јован Богослов, чијшто вкупен книжен фонд се состои од над 10 000 книги. Таа, како издавачка куќа, досега има издадено повеќе од 60 наслови, најразлична богословска литература, од кои најзначајни се книгите: „Бог е жив“ и „Посен Триод“. Должни сме да спомнеме дека на почетокот од 2007 година, од нашата издавачка куќа, од печат излегоа шест книги: „Од Купелот до Гробот“, „Грев, Покајание, Исповед“, „Новите чуда на Свети Јован Руски“, „Што е православие“, „Водич низ Светите тајни“ и „Целта на христијанскиот живот“.

Во состав на Епархијата работи Хуманитарната Организација „Самарјанин“ која истовремено е иницијатор и исполнувач на идејата за проектот „Трето дете – зголемување на наталитетот“. Оваа хуманитарна организација, со благослов и под покровителство на надлежниот Архиереј, организира голем број хуманитарни изложби, приредби, аукции, со цел прибирање помош за штитениците на Епархијата. Нејзина исклучително значајна активност е и народната кујна.

Епархиска администрација

Архиерејски заменик и епархиски секретар: Протоереј-ставрофор Никола Грамбозов

Епархиски благајник: Протоереј Кирил Трајковски

Епархиски сметководител: Константин Пројкоски

Референт за црковна уметност: Александар Гулевски

Референт за просветно-издавачка дејност: Весна Апостоловски

Службеник во издавачка дејност: Игор Ризановски

Курир, економ – Кице Велјановски

Возач: Зоран Стерјовски

Хигиенски техничар: Весна Василевска

Битолско архиерејско намесништво

Седиште: Соборен храм “Св. Вмч. Димитриј”- Битола

адреса: ул. „11-ти Октомври” бб Битола

контакт телефон: 047/241-607

Архиерејски намесник

Протоереј Златко Костовски

контакт телефон: 070/460-230

Помошник архиерејски намесник

протоереј Николче Димовски-Чонтев

контакт телефон: 078/236-967

Прилепско архиерејско намесништво

Архиерејски намесник

Протоереј Благоја Станкоски

Храм „Свето Благовештение“, Прилеп

адреса: ул. „Александар Македонски“ бб

контакт телефон:075/499-461

Ресенско архиерејско намесништво

Архиерејски намесник

Протоереј Сотир Гочевски

Храм „Св. вмч. Георгиј“

адреса: ул. „Христо Герасовски“ бб

контакт телефон: 047/452-899
мобилен: 075/793-658

Крушевско – демихисарско архиерејско намесништво

Архиерејски намесник

Протоереј Дејан Секулоски

Храм „Свети Никола“

адреса: ул. „Илинденска“ бб Крушево

контакт телефон: 078-969-019