На 19.08.2026 г., кога Светата Православна Црква го празнува светлото Преображение на Спасителот наш Господ Исус Христос на гората Тавор, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Преосвештенство, свештено-игуменот на манастирот, Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Атанасиј (Арсовски), протоереите-ставрофори Никола Грамбозов и Трајко Босеовски, игуменот Мојсеј (Тодоровски) и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Преображение Господово“ во село Зрзе, Прилепско.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, соединувајќи се со Христа во радоста на големиот Господов празник.
По завршувањето на Литургијата, согласно со древната црковна традиција на празникот Преображение Господово, беше извршено осветување на новиот лозов плод, со молитвена благодарност кон Бога за Неговите изобилни дарови.
Празникот Преображение нè потсетува на славата Христова, која на гората Тавор им беше откриена на Светите апостоли Петар, Јаков и Јован, и нè повикува и ние, преку вера, покајание и свет живот, непрестајно да се преобразуваме и да чекориме кон светлината на Царството Божјо.










