Секој има свој пат– но патеката е една – Петар Мамонов

 

Петар Мамонов, рок-музичар, актер и поет. (познат е по филмовите „Остров“- отец Анатолиј; „Цар“ – Иван Грозни; „Јереј-сан“ – Шатун).

Какви ќе умреме – со тоа и ќе се соединиме. Маслото никогаш нема да се соедини со вода, а подобното со подобно – секогаш. Ако си добар, им простуваш на сите, не се навредуваш – со тоа и ќе се соединиш на тој свет. Ако пак умреш, озлобен на оние кои те опкружуваат, со лутина на твоите деца-внуци, кога ќе дојдеш пред Бог, ќе ти рече: извини, не те познавам, ти никогаш не се обраќаше кон Мене во животот…

 Како да го видиме Бога?

– А како може да не го видиме? Ти само отвори ги очите! Надвор -40 степени, а птичка застанала на гранката и „црр-црр“ – што, сама таа тоа го прави? И краставиците сами растат од земјата? Или излези една јасна ноќ на улица и погледни на небото – зарем е можно, тие ѕвезди сами да се појавиле? Ја знаете една од верзиите, зошто Бог го создал човекот? Затоа што создал сè, и сакал некој заедно со Него да се восхитува. Вклучи ја главата, проучи го прашањето, почитај од Евангелието, како Бог дошол на Земјата, размисли кои сме и зошто живееме.

Јас, мојот пат кон Бога го започнав со книгата „Ризница на духовна мудрост“, издание на Сретенскиот манастир, каде што има евангелски четива за секој ден од годината. Започнав наутро да читам по еден дел од Евангелијата и поуките од светителите за тоа, запишував во книга, тоа што посебно ќе ми се допаднеше. Се радував, како дете. Зашто кога Господ повикува, дава аванс на почетничка благодат, за бесплатно, како дар да Го запознаеш Светиот Дух. А потоа започнува реалната работа, сопнувања и искушенија. Но, треба да помниме, каде е тешко – таму е и среќата. Како дињата – кога е на дрвото, прима живот, зрачи свежина, убавина. Ако се опушти и падне, ќе скапи, кон што нè повикува Западот.

Секој има свој пат – но патеката е една, и тоа е јасно. Стратегијата што да правиме е јасна. Заповеди се само две – љуби Го Бога и ближниот свој – а за тактиката се напишани томови. Еден рецепт за сите не може да има. Но на крај, прашањето за сите е исто: што ќе правиме во четврток, ако умреме во среда?! Што ни е ветено? Проучувајте го прашањето!

За трпението и страдањата

– Секако, не треба секогаш да трпиме. Ако во автобус понижуваат некоја жена или се изживуваат над некое дете – треба да се тепаме. Или ако има војна. Секако, тука е важно за што се војува. Ако е како нашите татковци и дедовци, ја штитиш татковината и семејството – напред! Тука веќе не смее да забавуваме и да мрмориме: домот ни го бомбардирале, жената-децата ги убиле – пушката на рамо и напред! И во страдањата Бог ни е уште поблизок. Во затвор, во болница – тој сам таму оди.

За справедливоста и милосрдноста

– Мојот омилен светител – Исак Сирин (христијански писател – аскет на Црквата на Исток, живеел во Сирија во VII век – заб.ред.) Него го читам по секој повод. И на сите прашања наоѓам одговор. Ми се допаѓа неговиот израз: никогаш не го нарекувај Бога справедлив. Справедливоста и милосрдноста, како сено и оган не можат да постојат во една душа. Ако Бог беше справедлив, илјада пати ќе горевме сите во пеколот, а по милоста Божја ние стоиме тука обуени и згреени, а имаме и палта и кожни чизми по печурки да одиме – и веќе не сме гладни, и нема што да викаме „криза-криза!“ Отвори го фрижидерот – имаш толку продукти, што сè се расипало стопати. За време на Големата Отечествена војна,в о блокадата – имало криза. И пак живееле луѓето! Сирин за тоа пишува: секогаш своите маки споредувај ги со поголеми…

Животот – не е за да си створиме удобност. Како што е напишано во книгата Јов: „Човекот се раѓа за страдање, за како искра, горејќи, да одлета нагоре“. Во страдањата се скрушува срцето. Значи, во каменот ќе се појави пукнатина, низ која ќе може да влезе благодатта Божја, Духот Свет. Дури кога нешто силно ќе нè потресе, си спомнуваме за Бога. Храмовите со каков народ се полни? Од љубов дошле кај Бога? Ниту еден таков нема! Сите – од мака: синот-наркоман, кој нога скршил, мажот умрел… Каде да одиме? Кај Бога, каде на друго место! Како што пеат, кај нас, во селскиот храм, бабичките: „со тебе спокојно заспивам, со тебе радосно станувам…“

За националното прашање

– Си седел мојот омилен старец Исак Сирин во својата сириска пештера во седмиот век, а неговите ученици ги запишувале одговорите на моите прашања, кои јас ќе ги поставам во 21-от век. А што се случува сега во Сирија, во неговата татковина? Ѓаволот е силен – и не мирува. Тој има само една идеја – да ги раздели и избие сите насамо. Така и дејствувале искусните владетели: раздели, па владеј. И така – насекаде.

Јас имав една конкретна случка, во која сè е очигледно: на крајот на 80-те полетувавме од една од прибалтичките земји. Младиот стујард во авионот на сите им даде чај, а нам не ни даде, затоа што зборувавме на руски. Оди по ходникот, го гледам, дури и вратот му поцрвена од омраза – толку беше горд, што ни чај не ни даде. Таквиот може само да го жалиме, кутро момче, зашто тој треба да живее со таа омраза.

Интересно е тоа, што кога порано доаѓавме во Рига, тие „борци против советските окупатори“ нè пречекуваа како свои. Како ние, неофицијално, да бевме на нивна страна – нешто како разрушители на советскиот поредок. Сето тоа е глупост! Сите ние сме роднини со вас, сè до Адам и Ева, Како може да се делиме? Ние сите сме едно, благодарение на живите делчиња кои се во нас, а не по државите или нациите. А понатаму, како кај Висоцки: „Не го чепкај шурата! Каков-таков, роднина ни е“. Дали биле руси, латвијци, католици, православни… Глупост! Два по два – се четири, а не три и пол. Вистината е само една.

За напливот на бегалци

– Да се размислува за глобалните проблеми – дали да се примаат бегалци или не, не е твоја грижа. Треба себеси да се оправаме, а не други да ги судиме и осудуваме. Ѓаволот нè одвлекува да гледаме наоколу, а не во себеси. Вие ја имате Европа со бегалците, а ние – Украина. Ден и ноќ си го поставувам прашањето: како можам да помогнам? И мојот одговор е овој: мојата помош – е откажување од гревот. Бог ќе види како се трудам, и ќе помисли: ако Петја се откажа од својата стара гревовна навика, заради тој Петја и јас ќе направам повеќе мир на Земјата. А ако такви Петја-Васја-Колја има многу, совеста на земјата ќе се зголеми. Бог не Николау – да гледа по малу. Притоа, тој ја гледа како целата слика општо, така и тебе-мене посебно.

Ако некој арап во неволја се најде покрај тебе, во секој конкретен случај треба да мислиш со својата глава, но за совет секогаш кон Бога да се обраќаме. Жена ми ми вели: Петар Николаевич, сега по скајп може бесплатно да се разговара со било која земја во светот. Решив да не ја разочарувам младата дама со откритието дека со Творецот на Вселената можеме од секое место бесплатно да разговараме: Господи, помилуј! Гледате колку е јак!

Да речеме, стои покрај вас некој арап во шапка, прашајте го Господа, која е Неговата волја за тој Мухамед? Кажи ни Господи! Зашто Бог сака секој од нас да се спаси, сите да дојдеме кон Него преку околностите, кои ни ги испраќа. Ако ти испратил арап – мисли и моли се. Ако имаш малечки деца, не знаеш како да ги прехранеш и израснеш, а уште и некој арап тропа – што ќе ти е и тој?! А ако си сама и не знаеш што да правиш, веќе го плетеш десеттиот џемпер, тогаш можеби тој арап, како ангел од небото се спуштил кај тебе. И преку него ќе ја спасиш твојата душа.

За гревопадот на Европа

– Јасно е, зошто Европа се здоби со сите тие проблеми. Таму веќе се пројавува целосно откажување од Бога: еднополови бракови, зоофили, педофили. И сето тоа, се крие под сликата на доброто. Насекаде тело, тело, тело… Само размислете, во Франција 8% од децата се раѓаат во официјален брак, а останатите – блуд. И што сакаш, ако живееш така?! Што им велат арапските дојденци? Мајко, што си се облекла како проститутка?! И иако нивните методи се неправилни, суштината на проблемот постои. Излегуваат на улица жени, и не знаат веќе што да облечат, за да се слечат. Јас не сум некој книжник, разбирам младост, едно, друго, но навистина е непријатно да гледаш голи дами на улица. Облечи нормална сукња, да има некоја тајна.. И така, Бог гледа-гледа на тие улици – не сакате да разберете, ете ви!

Бев во Рим – таму, огромниот храм на свети апостол Петар е празен. Зошто е изграден толку голем? Порано бил полн со народ! И Saint Paul во Лондон бил полн. А сега, само туристи одат. Сакате да живеете без Бога? Ќе добиете, како во 17-та година [Револуцијата во Русија, заб.прев.], кога луѓето заборавиле на Бога, и самите сакале да создадат нов свет. И ете го резултатот. Ако во 13-та година – имало економски раст, 14% прираст на продуктите (такво нешто никогаш не се случило!), наталитетот бил толкав, што по пресметките на Димитриј Менделеев, ако и понатаму продолжел, како при Николај II, сега би имало 600 милиони руси… А ние сме само 140 милиони. Зошто? Затоа што живееме без Бога. Затоа што ги убиваме сопствените деца – секоја жена убила по четири-пет, а мажот дозволил. И што сакаме, земја на убијци?! Среќа да се роди од таа крв? Двапати – ништо нема да добиеме, додека не се освестиме. Начинот е еден – откажување од гревот.

mamonovЗа цврстото семејство

– Главно – е трпението. Некогаш е многу лошо. Во селата имаме толку раскошни услови – таа има една куќа, јас друга – можеме сосема одделно да живееме. Се случува, ќе избегаш, ќе се скриеш, ѝ се лутиш и размислуваш: ваква-таква, ништо не прави како што треба, парите ги потроши, внуците ги разгали… А знам, дека разделувањето – е бес. Мојот ум – е стражар на срцето – сфаќам, дека треба да одам. Да се направи првиот чекор – е тешко. Затоа што – ти си маж, имаш его, но треба да згазниш на гордоста – и така ќе прогледаш: како можев да мислам толку лошо за неа, кога таа кутрата, толку работи трпи од мене?! Тоа е бракот. „Носете ги тешкотиите еден на друг“, – како што рекол апостол Павле. Не оди ден, два, три, потоа одиш на изворот, полниш вода, ѝ носиш пред врата – и веќе се стабилизирала работата. Светиот Дух ми дојде на помош. Сфаќам, дека без неа нема да бидам среќен, нема да можам своите омилени албуми да ги сушам на мир. А штом ќе се смириме, толку е добро, што си мислиш – каков глупак бев, три дена се лутев? На тие кавги губиме скапоцено време од животот, а животот е толку прекрасен без взаемното измачување и постојаните барања едни од други: ти мажу – си должен, жено – ти си должна… И во светот е истото, но во поголеми размери – Сирија, евреи, арапи… Нема да бидеш среќен, додека си разделен.

За пцовките и другите штетни навики

– Порано јас, како и сите нормални советски луѓе пцуев, а сега може и со чекан да се удрам по прст – и ниту еден лош збор да не излета. Ги нема во мене. Така Бог исцелува, ако човек посака. Кај нас, еден маж 10 години не пиеше, стигна до орден на Трудот со црвено знаме, а кога почнаа да го слават тоа дело со коњак, после два месеци умре од пиење. Значи, сите тие десет години, тој бил пијаница -само трпел. Бог таму не постоел. Бог засекогаш би му помогнал да заврши со желбата, ако му се обрател со таа прозба. Но тој, самиот ја зел иницијативата врз себе. Бог не може некого присилно да штити. Зашто Бог е љубов, а може да се љуби само со слободен избор.

 

http://greylib.align.ru/999/petr-mamonov-put-u-kazhdogo-svoj-no-tropa-odna.html

 

(Преземенo од последниот број на Епархиското списание „Вистина“, бр 89)