Тело Христово примете – Свети Николај Јапонски

Проповед, произнесена на јапонски јазик од светиот рамноапостолен Архиепископ Николај Јапонски. Преводот од јапонски на руски е направен од весникот на Јапонската Автономна Православна Црква „Сејкјо ѕихо“ („Православен весник“) 1978, № 3.

Во далечната древност, луѓето решиле да ја изградат вавилонската кула, но Бог слегол и им ги измешал јазиците, така што еден човек не ги разбирал зборовите на другиот, „и ги расеја Господ оттаму по лицето на целата земја“ (Бит. 11, 8). Но, затоа и била создадена сета земја за родот човечки. Со тоа расејување Господ не сакал да ги раздели луѓето меѓу нив. Он ги сврзал со единствени внатрешни врски, и затоа, на почетокот луѓето не го губеле чувството на единство во љубовта. Среќавајќи се еден со друг, тие во секое време и во секакви околности ја пројавувале таа љубов. Како пример за тоа можат да послужат безбројните случаи на пројавување на сочувство и сострадување на жителите на Азија кон европејците. Во ваквите моменти гледаме дека во родот човечки не недостига стремежот за единство. Но тоа се постигнува не на сметка на личните усилија на човештвото, зашто човекот само со свои сили не може да го стекне тоа. Сето создание Божјо се исполнило со совршенство само со доаѓањето на Самиот Господ, Спасителот наш.

Големо мноштво сведоштва за тоа наоѓаме во светото Евангелие. Да се сетиме, како Самиот Господ ги учел на единство луѓето, на пример во приказната за милостивиот самарјанин (Лк. 10, 25-37), или на тоа, како Бог пред Своето вознесение на Небесата им заповедал на Своите ученици: „Одете и научете ги сите народи“ (Мт. 28, 19). Господ, не проповедал љубов само со збор, но со сиот Свој живот ја јавил таа Божествена љубов кон човештвото и го повикал на единство.

Истиот призив го слушаме и во ангелското славословие на Бога, кое се слушнало, кога Господ наш слегол на земјата (Лк. 2, 14). Со тоа, станува јасно дека и самото воплотување на Синот Божји бара сите луѓе да се сплотат во едно.

Особено, тоа се гледа од размислувањето за Тајната на Евхаристијата. Востановувајќи го ова Таинство, Господ нè учи сите да се соединуваме во љубов во едно семејство, пред да пристапиме кон ова таинствено Јадење. Преку него ние се присоединуваме на родот на синовите Божји, и престануваме да бидеме само синови Адамови. Тоа не можат да го направат никакви човечки усилија или заслуги, навистина само преку учеството на оваа таинствена Трпеза ние стануваме чеда Божји. Слично на тоа, како што дојките на мајката ги хранат младенците, како што водите на земјата ги напојуваат луѓето, така Телото и Крвта на Господ Исус Христос го хранат нашиот дух, и преку тоа ние растеме во Едното Тело Христово.

Некои во тоа Таинтсво гледаат само условно означување на Христос, но ние веруваме, дека пред нас навистина лежи Телото на Самиот Исус.

Нашето сопствено тело – е предмет на објективна реалност. Нашиот дух – е реална супстанца. За да го храниме тој реален организам, треба да употребуваме реална храна. Зашто, колку и да пишуваме и да читаме наслови на различни јадења, колку и да не ги предизвикуваме нивните образи во нашите мисли, нема да успееме да го заситиме гладното и жедно тело. Никоја симболика не е доволна за да се задоволи гладот и жедта. Исто така, за таквата реална суштина, како нашиот дух, сосема е неопходна реална Храна – Телото Христово. И ние, вкусувајќи од она, што е вистинско Јадење и вистинско Пиење, стануваме не само семе адамово, но и вистински синови на Отецот Небесен.

Денес вие пристапувате кон оваа таинствена Храна не само заради себеси, но и заради тоа, цела Јапонија преку Телото и Крвта Христови да станат род на синовите Божји. Иако сте малубројни, но меѓу јапонците денес вие го претставувате тоа големо братство.

japanese orthodox

Ако без потребното расудување ја примаме и најполезната храна, таа ќе го ранува нашиот стомак, и не само што нема да добиеме никаква полза, туку напротив, ќе си нанесеме голема штета. Сосема е јасно, дека истото може да се каже и за оваа таинствена и страшна Трпеза.

По зборовите на светиот апостол Павле: Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. (1. Кор. 11, 28-29). Од недостојното причестување со Телото и Крвта Христови, си заработуваме голема гибел.

Но, бидејќи вие, за среќа, се подготвувавте за ова Таинство, во текот на цела недела со усрдна молитва и покајание, неминовно ќе примите во душите ваши „благодат врз благодат“ (Јн. 1, 16) – мислам на она духовно богатство, кое ни го дава ова велико Таинство, кое нè прави синови Божји.

Соединети со Христа, да бидеме и ние достојни чеда на Отецот Небесен. Амин.

Свети Николај Јапонски

Журнал на Московската Патријаршија, 1979, N 2