На 27.02.2026 г., во првиот петок од Великиот пост, Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Николче Димовски Чонтев, Игор Ризановски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Мало повечерие со читање на првата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Радувај се, Лествице небесна, по која слезе Бог!
Браќа и сестри, денес го отслуживме Акатистот на Пресвета Богородица – првата статија од Акатистот, кој е поделен на четири статии. Во текот на првите четири петочни вечери од Великиот пост се чита по една статија, а во петтиот петок се чита целиот Акатист во целост.
Акатистот е роден од длабока вера и од голема неволја. Кога Божјиот народ немал никаква друга надеж, освен надежта во Господ – нашиот Бог и Спасител – тогаш прибегнал кон заедничка, соборна молитва упатена кон Пресвета Богородица.
Во тоа време, во нејзината црква во Влахерна се наоѓале нејзините свети реликвии: чесната риза и појасот на Пресвета Богородица. Со тие свети предмети бил направен литиен (соборен) молитвен опход низ улиците на Цариград, додека народот со солзи и надеж се молел на Мајката Божја за заштита и спасение.
Патријархот Сергиј, кога стигнале до морето, ги спуштил краевите од ризата и појасот на Пресвета Богородица во водите. И тогаш, по Божја промисла, настанала силна бура, која ги потопила и растурила бродовите на непријателските војски. Народот и војската се охрабриле, непријателот бил протеран, и Цариград бил спасен.
По ова чудесно избавување, во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна се пееле многу благодарствени песнопенија. Подоцна, Георгиј Писидиски, протоѓакон на Цариградската црква, го составил ова молитвено песнопение во чест на Пресвета Богородица, кое го нарекол Акатист – што значи служба што се пее стоејќи, односно без седење, како знак на почит, благодарност и духовна будност.
Слушаме од денешниот Акатист, браќа и сестри, како ѝ се обраќаме на Пресвета Богородица со многу посебни песнопенија и ја именуваме со прекрасни имиња. Ја нарекуваме мост, кој го води човечкиот род од земјата и го соединува со небото. Но исто така слушнавме дека Пресвета Богородица е наречена и лествица, односно скала, преку која Бог слезе од небесата кај луѓето.
За тоа имаме јасно сведоштво и во Светото Писмо, во Стариот Завет. Кога Јаков, синот на Исак, патуваше од Вирсавија кон Харан, дојде на едно место што подоцна ќе биде наречено Ветил, што значи „Дом Божји“. Таму го затекна ноќта; зеде еден камен, го стави под главата како перница и заспа. И во текот на ноќта имаше видение: виде една голема скала, која допираше до земјата, а нејзиниот врв се издигаше до небесата. По неа се качуваа и слегуваа ангели, а на самиот врв беше Самиот Бог.
Тоа, браќа и сестри, е праобраз и преднавестување дека Самиот Бог, Синот Божји, Господ наш Исус Христос, ќе слезе од небесата. Синот, Кој предвечно се раѓа од Отецот, се роди во времето од Пресвета Богородица, за да го спаси човечкиот род.
Местото што Јаков го нарече Дом Божји, тој го нарече и Небесна врата. И токму затоа и Пресвета Богородица со право се нарекува Врата, преку која дојде Бог кај луѓето, и преку која, по нејзините свети молитви, како наша застапница, и ние, браќа и сестри, наоѓаме спасение.
Зошто, тогаш, го вршиме ова молитвено богослужение кон Пресвета Богородица?
Затоа што, браќа и сестри, како што некогаш Цариград бил опколен од непријателските војски – од Персијците и Аварите – и кога немало никаква надеж, освен во Бога и во молитвеното застапништво на Пресвета Богородица, така и ние денес, во овој Велики пост, немаме друга надеж.
Во борбата против непријателските сили – поднебесните, духовните, темните сили, демоните предводени од Сатаната – кои сакаат и нас да нè поробат, како што некогаш сакале непријателските војски да го поробат градот, нашата надеж е во Бога и во застапништвото на Пресвета Богородица.
Како што во тоа време Цариград бил опколен и луѓето немале друга надеж освен во Бога и во молитвеното застапништво на Пресвета Богородица, така и ние денес, браќа и сестри, во борбата со нечистите демонски сили, немаме друга надеж.
Затоа сме повикани да ја повикаме Пресвета Богородица како наша заштитница и наша предстојателка пред Нејзиниот Син и нашиот Бог, за да се застапува за нас и да нè избави од сите напади на нечистите сили.
А во што се состојат тие напади, браќа и сестри?
Тие се состојат во обидите на нечистите духови да нè поробат преку лоши и грешни мисли: преку телесни наслади и уживања, преку прејадување и опивање, преку постојани кавги и расправии меѓу нас, преку завист, омраза, поделби меѓу семејства, народи и држави.
И како што гледаме, речиси целиот свет е во војна – надворешна и внатрешна. И човечкиот род не може да се спаси од сите тие напади, освен преку молитвеното застапништво на Мајката Божија – Пресвета Богородица.
Затоа и со доверба ѝ се обраќаме, како што пееме во црковната песна посветена на Неа, особено во овој свет Акатист: „Војводко избрана, Ти што нè избавуваш од сите зла, ние, слугите Твои, Ти принесуваме благодарствено пеење.“
Знаејќи дека нејзината молитва има голема сила пред престолот на Нејзиниот Син – нашиот Бог и Спасител Исус Христос – ја молиме да се застапува за целиот човечки род, а особено за нас, кои во овој Велики пост се трудиме да Му угодиме на Бога.
Преку нејзините молитви, да бидеме избавени од сите грешни мисли и помисли, од фантазии, од грешни желби и чувства, од похоти и страсти.
И само така, браќа и сестри, по примерот на верниот народ во Цариград, кој бил опколен од непријателските војски, и ние да ја повикуваме Пресвета Богородица да ни помогне во остатокот од овој Велики пост, да ни даде духовна и телесна сила, и да нè избави од секое искушение.
По нејзините Свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè и спаси нè нас грешните. Амин!











