Малку почисти и малку послободни – Игумен Нектариј Морозов

            Луѓето различно ја разбираат слободата! И не само слободата – воопшто сè различно разбираат…

Постои ваква случка во житието на свети Спиридон Тримитутски. За време на постот отишол кај него на гости некој човек. Светителот ја замолил својата ќерка (тој бил вдовец, и од својот брак имал само една ќерка) да подготви за него ручек. Но, се покажало дека немаат ништо за да го нахранат гостинот, бидејќи светителот вкусувал храна само во одредени денови и дома немало никакви продукти. Ништо, освен солено свинско месо. Свети Спиридон решил тоа да се подготви и да се послужи на трпеза. И освен тоа, тој самиот без никакво двоумење почнал да јаде, за да му покаже на гостинот пример.

Сепак, гостинот не се согласувал да јаде, објаснувајќи дека е христијанин.

  • Тогаш уште помалку треба да се откажуваме, одговорил светителот, бидејќи Словото Божјо говори: „За чистите сè е чисто“ (Тит. 1, 15).

Примеров, е навистина впечатлив. И притоа, во никој случај не е единствен – на сличен начин понекогаш постапувале и други светители. Не е единствен, но сепак на некој начин е многу привлечен.

Јас честопати имав можност да се сретнувам со свештеници и мирјани, кои беа спремни да го следат овој пример. Односно – да го разрешат постот (или да ослободат било кого од постот, ако станува збор за свештеници), од причини кои се формално слични со погоре споменатиот случај од животот на светителот. Односно – за време на постот ни дошле на гости роднини и „потребно е со нешто да ги пречекаме“. Или го повикуваат некој човек некаде за Нова година, и „таму тој не сака никого да посрамоти“.  Или пријателот купил кола и нè повикува на частење – „не треба да го навредиме“ итн, итн, итн…

Колку е оправдано таквото разрешување, и колку е непогрешливо? Велат дека тоа е прашање на христијанската слобода… Се повикуваат на укажаниот од светителот цитат од Апостолот: „За чистите сè е чисто“ (Тит. 1, 15).

Се чини дека сè е правилно: имаме пример во Светото Предание, а исто така имаме потврда и во Светото Писмо.

Во исто време е и точнo и неточно.

„Чисти“… Зошто ние сме цврсто уверени во својата чистота? Имаме ли ние за тоа сериозни причини? Тешко. Тогаш од каде е увереноста во другото – во тоа, дека кршењето на црковното правило за постот нема да ѝ наштети на нашата душа?

А што е со слободата… Слободен е тој, кој е слободен пред сè од страстите. Но и тоа не се однесува на нас, точно. Тогаш кои се причините во овој случај за „разрешување на сите“ од постот?

Истиот пример од светителите? Можеби.  Но за да ги следиме нив со „леснотија“ во однос на разрешувањето на постот, потребно е и во самиот пост да ги следиме – зар не? А всушност излегува едностран „пример на следење“…

The semiautonomous peninsula of Mount Athos in Northern Greece is the spiritual center of the Eastern Orthodox church.  Monasteries and Cloisters began appearing within its 130 square miles during the 9th century.   Since 1045 women have been prohibited from entering the territory as a sign of respect for the Virgin Mary, after whom the peninsula is dedicated.   Trapeza at the Dohiariou monastery.
Манастирската трпезарија во Дохијар, Света Гора – фото: Трејвис Дав

Нема сомнеж: кога човек е болен, кога не може да пости физички, кога се наоѓа во услови, во кои постот не може да го запазува (практикува) – пример на службено патување на крајниот северен дел, во пустина, во армија, во болница, тогаш свештеникот може да благослови поблаг пост или целосно ослободување од постот. Но ако не постојат вакви околности, тогаш дали е соодветна претераната снисходливост кон себеси – без оглед со што ќе ја оправдуваме истата. И не затоа што духот на христијанскиот живот е дух на законитост, јуридизам. Туку затоа што денес ние живееме многу раслабено (опуштено), „млако“ како што се изразувал преподобниот ава Исак, и нам ни треба повеќе строгост, отколку мекост. И зарем постои попогодно време за строгост, со цел да се поучиме на таа строгост, од постот? И навистина ако во текот на постот цело време си „простуваме“, тогаш што да кажаме за „обичните“ денови во годината…

Ние не треба да ја потценуваме важноста на таквите „мали нешта“, како што е воздржанието, бидејќи неслучајно сите светители, покрај другите подвизи го применувале и постот. Се разбира, не се состои во тоа добродетелта, да се јаде помалку и „полошо“. И не е во тоа, со строгост да гледаме на правилото – од причина, затоа што  многу ретко на кого тоа му успева целосно: на пример, јадењето на сува храна, денес малкумина имаат сила и здравје тоа да го практикуваат.

Со што нè мами нас непријателот, со што нè искушуваат нашите сопствени страсти?

– Задоволството, кое може да биде многу разновидно, нè повлекува нас кон себеси и – кон гревот, кон потежок или полесен, кон погруб или посуптилен. Секогаш ние поминуваме преку оваа борба – со цел да не погрешиме, – преку едно и исто: преку изборот помеѓу чувството за задоволство, или на друго – задоволство, односно откажување од него заради верноста кон Христа. И колку повеќе имаме навика да се откажуваме од нешто, за нас вредно, навиката на саможртвување или барем ограничување на себеси, е полесно да се извојува победа. А постот – е првото скалило во стекнувањето на таа навика, и без него – не се може ништо.

Откажувањето од најпростото и во исто време од бескрајно познатото – од храната, која ние ја сакаме, која со вкусувањето ни причинува задоволство, и нејзината замена со поедноставна и помалку обилна храна, не е едноставна работа. Туку е многу посилна. Ако ние во овој мал, микроскопски подвиг не сме подготвени да се подигнеме, тогаш што да кажеме за сè друго останато? За другите работи – кога станува збор за ситуации, кога соблазната е навистина голема, кога искушението е навистина силно и пламено?

Не, се разбира, дека постот сам по себе не е гаранција на нашата добрина во сè. Но сепак тој е неопходен услов за оваа доблест. Ако он се постигнува со разумот, односно со разбирање на неговата вистинска цел, со смирение и покајание, тогаш тоа Господ ќе го види, дека ние не само со зборови сакаме да му бидеме верни Нему, туку и со дела. И тоа и го правиме. Малата работа, за луѓето е незабележлива, но сепак за нашата душа е важна. Да постиме.

И ако не почнеме прерано да се сметаме себеси за „чисти“ и не почнеме сами да се ослободуваме од постот, тогаш преку чудесното дејство на постот, преку благодатта Божја, ќе станеме малку почисти и малку послободни.

 

Превод: Игор Ризановски

Извор: http://www.pravoslavie.ru/57735.html