Свети Никола – богатиот што влегол во Царството Небесно

Денес празнуваме спомен на човек, кој бил богат, но влегол во Царството Небесно. Господ рекол – тешко е за богат да влезе во Царството Небесно (Мт. 19, 23). Но Господ не рекол дека богатиот не може да влезе во Царството Небесно. Ако речел така, тоа би значело дека многу богати наследници, без разлика за својата виновност, би биле лишени од Царството. Би се лишил и царот Немања, кој имал „седум кули грошеви и дукати“. Би биле лишени сите кои се сметали богати во овој свет, но и покрај тоа, ние ги читаме нивните имиња во црковниот календар.

Не браќа мои, благиот Господ никого не го лишува од Своето Царство, пред никого од оние кои го бараат вечниот живот, каков чин и да има, не ги затвора вечните врати. По неискажливото човекољубие, Бог сака сите да се спасат, и никој никого не може да го спречи да се спаси, доколку самиот не си попречи.

Тешко е за богатиот да влезе во Царството не затоа што е богат, туку затоа што ретко кој могат може да ги победи искушенијата кои доаѓаат од богатството. Ретко кој богат може да се воздржи од злоупотреба на богатството. Малку на светот се богати, кои за своето богатство не купиле пекол наместо рај, вечни маки наместо живот вечен. Малку се оние кои не се прилепиле со срцето кон богатството и не отпаднале од Создателот. Малку се, но има и такви. Тешко е богатиот да влезе во Царството Небесно, но некои влегле. Влегол свети Никола, влегол царот Немања, влегле други. Богатството не им пречело, па дури им помогнало да влезат во Царството и во календарот на светителите, зашто го употребувале во слава Божја и за спасение на ближните. Имајќи богатство, внатрешно тие биле слободни од него. Сè што имале, го сметале за Божји имот, а себеси за слуги Божји и ризничари на туѓо наследство, со кое располагале и го раздавале според евангелските заповеди. Така тие ги спасиле своите души и помогнале да се спасат и други. Тоа се храбри души, кои не му дале на богатството да ги победи, но самите станале негови победници.

Покрај земното богатство, свети Никола имал уште три ризници, кои ги надминувале земните по вредност – ризница на вера, ризница на правда и ризница на милосрдие. Раздавајќи го од љубов кон Христа своето богатство на бедните, самиот тој осиромашел. Но трите ризници се умножувале во него до крајот на неговиот земен живот: колку повеќе вера им давал на луѓето, толку побогат станувал; колку повеќе ревнувал за правдата Божја, толку пополна станувала неговата душа; колку повеќе милосрдие излевал на луѓето, толку помеко станувало неговото срце. Верата, правдата и милосрдието – се небесните ризници, кои од среќа се умножуваат. Верата, правдата и милосрдноста – се трите ризници на свети Никола, кои тој го оставил во наследство на Црквата и кои остануваат непотрошени. Таа тројна ризница ви ја оставил светителот Божји во наследство и вам, кои го спомнувате и прославувате денес.

Знајте, вие кои го прославивате свети Никола, дека тој повеќе сака да ви даде, отколку да прими од вас.

sveti nikolaВерата на свети Никола била чиста како кристал, и цврста како дијамант. Тоа го докажал во Никеја, кога ставајќи го во опасност својот живот, го заштитил православието од еретикот.

Правдата Божја во свети Никола била јасна како сонце. Тој го покажал тоа, кога не му дал на џелатот да ги казни тројата невино осудени мажи. Светителот дотрчал и успеал со сопствена рака да му го земе мечот од рацете на џелатот, повторно ставајќи го во опасност својот живот.

А милосрдието на светителот кон бедните и сиромашните било како милосрдието на Христа. Тој го раздал во милостиња сиот свој имот, како правило, правејќи го тоа тајно, и оставајќи се себеси во глад и сиромаштија.

Но овој голем слуга Божји не се плашел ни од еретиците, ни од џелатите, ни од гладот. Тој цврсто знаел дека Севишниот е внимателен и верен кон Своите слуги; така и било, Севишниот го заштитувал до крајот на животот и толку го прославил после смртта меѓу ангелите и луѓето, како што малкумина прославил.

Но, освен трите големи духовни ризници – верата, правдата и милоста, свети Никола имал неисцрпна ризница на духовни богатства, во која имало кротост, воздржание, пост, молитви и смирение. Таа ризница, преполна со духовни и морални богатства, ни ја оставил прекрасниот светител Христов во наследство нам, православните христијани. Денес таа ризница е широко отворена, и нејзините богатства се отворени за нас. Угодникот Божји ќе ги прими од вас и свеќите, и молитвите, и славскиот колач не како дар, туку како благодарност. Тој денес ви ги предлага неговите дарови. Ако ги примите, и тој ќе ја прими вашата благодарност, но ако ги отфрлите, и тој вашите ќе ги отфрли. Гледајте да не ги презрете тие дарови, кој ви ги предлага овој богаташ Христов.

И уште запомнете и зарадувајте се – свети Никола не пишувал книги, не ја пролеал маченички крвта за Христа, и сепак, тој е повеќе почитуван од многу светители, мудри, кои пишувале книги или маченички пострадале за Христа. Оваа тајна е голема и чудесна. Тоа е дело на промислата Божја, со кое благиот Господ сакал да покаже, дека во Своето Царство не ги воведува само мудрите богослови и маченици, но и безбројно мноштво добри души, кои ја чувале вистинската вера и ги исполнувале заповедите Божји. А такви меѓу верниците имало и има мноштво, меѓу кои не зборувале, а правеле, не пишувале книги, но дишеле со Духот Божји. Навистина, мудрите богослови и маченици се многубројни, но тие сепак се помалку, во споредба со великото мноштво на последните, прославени не како богослови и маченици, а како молчаливи и верни слуги Христови, како свет народ Божји.

Свети Никола – е народен светител, совршен образ за оние, кои слушајќи го словото Божјо, побрзале да го исполнат и другите да ги научат со својот пример. Во тоа е причината што угодникот Никола е почитуван повеќе од многу свети учители и маченици. Тоа е основата за тоа што Црквата му посветила, покрај овој ден, да се празнува и секој четврток од секоја недела во годината, заедно со светите апостоли, и тој – Николај, Мирликискиот чудотворец.

На нашиот Бог слава, на светиот Никола чист и пофалба, а на сите вам мир, здравје, радост и благослов во веки.

Амин!

Свети Николај Велимировиќ