На 2 август 2026 година, кога Македонската Православна Црква го празнува споменот на Светиот славен пророк Илија и на Светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, а македонскиот народ го одбележува големиот национален празник – Илинден, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Трајко Босеовски, протоерејот Борис Тошевски, ерејот Ѓорѓи Делев и ѓаконот Крсте Атанасов, отслужи Света Архиерејска Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во село Трново.
Во молитвена атмосфера, верниот народ се собра да Му вознесе благодарност на Бога, прославувајќи го Светиот пророк Илија, големиот ревнител за вистинската вера, но и достоинствено да се потсети на историското и духовното значење на Илинден – ден кој останува траен симбол на стремежот кон слобода, правда и достоинство.

По завршувањето на Светата Литургија беше отслужена Панихида за сите паднати борци и бранители на Татковината, со молитва Господ да ги упокои нивните души во населбите на праведните, а на нивните потомци и на целиот македонски народ да им дарува мир, единство, љубов и духовна сила.









