Свети Лука: преку чудата и после смртта – и служи на медицината – I дел

Синот Божји, Бог Словото по својата безгранична љубов слезе на земјата, и зеде на себе човечко тело, за да го спаси грешното човештво. Он ја зел врз Себе сета човечка болка и неговиот грев. На земјата ги учел луѓето, ги исцелувал, им помагал во нивните потреби и умрел за нив. После своето Воскресение, Господ им заповедал на Своите ученици да го проповедаат Евангелието на сите луѓе – да ги просветуваат, крштеваат и исцелуваат. И апостолите „отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа“ (Марко 16, 20).

Светите апостоли правеле чуда не со својата сила и не за да предизвикаат впечаток или да добијат слава и препознатливост, како што тоа го прават сите гатачи и заведувачи. Апостолите за единствена цел ја имале Славата Божја и спасението на луѓето.

Во делата се потврдуваат зборовите Христови: „кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши“ (Јован 14, 12).

Тоа Христово ветување не се однесува само за времето во кое живееле апостолите. Христос не престанува да прави чудеса и денес во Црквата преку своите светии. И во нашите дни Он не престанува да ја пројавува Својата љубов. И ако светиите, според изразувањето на отец Јустин Попович, „се Христос – Кој продира низ вековите“, тогаш тоа не е изненадувачки, затоа што, правејќи чудеса, светиите ги исцелуваат луѓето, и со тоа го продолжуваат делото на Господа Исуса Христа.

Свети Лука е еден од личностите на тој долг ланец, кој потекнува од апостолските времиња. Он го сакал Христа и луѓето. Он му служел на образот Божји – на човекот, а посебно на – страдалниците, им служел со неверојатна љубов и самопожртвуваност. Свети Лука го сметал лечењето на болните како големо дело, кое е следење на самиот Христос.

Во една од своите проповеди он го разјаснува своето разбирање на тоа прашање. И ние јасно ги разбираме тие мотиви, кои го поттикнале да се посвети себеси на медицината. Не заради парите и славата, не заради некои други цели, туку за да му послужи, олесни и да го исцели страдалниот човек.

Свети Лука говорел: „…Вие некогаш сте размислувале за тоа, зошто Господ ги испратил Своите ученици не само да проповедаат, туку и да ги исцелуваат болните? Ако Господ го сметал лекувањето на болните за таква важна работа, што ја ставил нејзе на исто рамниште со проповедта на Евангелието, тогаш тоа и за нас значи, дека е една ос важните работи за човекот. Он на пример не рекол: Проповедајте го Евангелието и научете ги луѓето, како да си го организираат својот социјален живот“.

Он апсолутно никаде за тоа не зборува. Но, Он им дава на апостолите заповед да лекуваат болни. Зошто? Бидејќи Господ Наш Исус Христос и самиот ги исцелувал луѓето, демони изгонувал, мртви воскреснувал и на учениците им дал заповед да лекуваат болни. Бидејќи болеста е најголемата болка и најголемиот проблем на човештвото.

Постојат многу болести, ужасни заболувања, кои го мачат човекот, го разрушуваат неговиот живот и го доведуваат во очајание. Но Господ е човекољубив и благ и од нас бара, да бидеме милостиви и да вршиме дела на љубовта. Прво дело на милосрдието – е лекувањето на болните. На таков начин, ние го покажуваме своето сострадание и  љубов кон несреќните наши собраќа, кои страдаат.

Блажен е тој лекар, кој се занимава со медицина, кој покажува љубов кон болниот, кој станал лекар, не за да би живеел убав и прекрасен живот, туку за да му помага на човекот и на ближниот. Блажен е тој лекар, бидејќи извршува една од двете служби, кои ги извршувале учениците Христови.

Навистина блажен бил свети Лука. Тој, како и самиот Господ, дошол во светот, за да „прави добро и да лекува“. Затоа и добил од Бога дар на чудотворство. Безбројни се неговите чудеса и неверојатни за човечката логика.

Свети Лука после својот маченички живот се преселил во небесниот Ерусалим на 11 јуни, 1961 година. Но, нас не нè оставил и не заборавил на својата професија – хирургијата. За време на својот земен живот, тој брзал да им помогне на луѓето, употребувајќи ги сите средства – сопствените нозе, коњите, санките, колите, возовите, авионите. А сега за него не постои ни преграда, ни растојание, ниту пак државни граници. Тој брза насекаде, каде го повикуваат.

Јас првпат за свети Лука слушнав во летото 1996 година. Мене ме восхити неговиот живот, и решив да дознаам повеќе за тој човек. Јас неколку пати отидов во Крим, а подоцна отидов и на тие места, каде светителот живеел и работел. Во јануари 1999 година, ние го издадовме житието на Свети Лука на грчки јазик, подоцна го преведоа на романски, англиски, француски и албански јазик. Книгата доживеа неколку изданија на грчки јазик. Нејзиниот тираж е 80 илјади примероци. Тоа е една потврда, колку го засакаа грците свети Лука.

Низ цела Грција во чест на свети Лука се изградени околу 30 параклиси и скоро во секоја грчка црква има негова икона. Во нашиот манастир во 2004 година е осветен параклис во чест на свети Лука, каде се чува честица од неговите чесни мошти. Во близина направивме и мал музеј. Таму се наоѓаат лични преднети и фотографии од животот на светителот. Веќе после два месеци после од излегувањето на книгата за свети Лука, се случи и првото чудо поврзано со него.

За сите тие години ние слушавме многу раскази за чудата на свети Лука, ги запишувавме сведоштвата на луѓето за тоа, како светителот им се јавил и им помогнал.

Тој им се јавувал на роднините на болните или на самите нив – во домот, на болница, на операција, во одделот за интезивна нега. Он им се јавувал во сон, во виденија, а понекогаш се појавувал пред човекот и јавно, како жив. Свети Лука се појавувал или како епископ, или како лекар.

Понекогаш луѓето го имале видено со скалпер и завој во рацете. Он правел операции, и многумина, разбудувајќи се, забележувале на своето тело траги од крв или конци. Некој од болните го имал видено во операциона сала како асистент или како ги упатува другите хирурзи за време на операцијата. Дури и самите хирурзи често потврдуваат, како тие да не оперирале, туку како раката сама да им се движела. Јавувајќи им се на некои болни, свети Лука ги советувал да го посетат нашиот манастир, говорејќи им: „Таму е мојот дом, дојди да се видиме“. И кога луѓето доаѓаат кај нас, тие со восхит се запознаваат  со светителот  или според иконата или според неговите фотографии.

Од огромниот број на сведоштва за чудата на свети Лука, јас избрав само неколку, кои во целост ги потврдуваат веќе спомнатите Христови зборови: „кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши“ (Јован 14, 12).

luka

Во што помага свети Лука?

  1. „Јас го прославив Бога и свети Лука – покровителот на моето семејство“.

 Отец Г. го знае рускиот јазик и ги исповеда руските емигранти, кои живеат во Грција. Тој ни раскажа една неверојатна историја за хирушката помош, која му ја укажал свети Лука во мај 2002 година.

„Во врска со компресијата  на рбетниот мозок во  меѓупршленските дискуси, меѓу 4-от и 5-от пршлен, престана да ми функционира левата рака, нејзините мускули беа закржлавени, така што едвај ја подигав. Невролозите и хирурзите кои ја следеа мојата здравствена состојба, ме советуваа да направам операција. Сепак, еден од докторите ме посоветува да не брзам. Мене како дијабетичар ме советуваа да посетувам морски бањи и да одам на физикална терапија. Есента јас се помирив, дека сите мои обиди да си ја поправам здравствената состојба не донесоа никаков резултат.

Кај ниеден доктор повеќе не се обратив. Почнав со вера да се молам на светиот лекар – Лука. Секоја вечер читав кон него акатист на руски јазик. И свети Лука одговори на мојата молитва.

В зори, на 8 декември 2002 година, мене во сон ми се јави свети Лука во архиерејска облека. Врз одеждите носеше бел докторски мантил, а не главата имаше капа, која обично ја носат хирурзите за време на операцја. Во левата рака држеше ножици и завој, а во десната – скалпер. Свети Лука обраќајќи се кон мене, ми рече: „Мене ме испратија кај тебе. Знам, колку ти го сакаш рускиот народ, и колку духовно им помагаш тука во Атина. Затоа од преголема љубов кон тебе, јас сам ќе те оперирам. Зарвти сè со грбот“.

Јас се завртив, и за една секунда операцијата беше направена. Повторно го слушнав гласот на свети Лука: „Готово, ти веќе си здрав. Утре раката ќе можеш слободно да ја подигаш, а за три дена јас повротно ќе дојдам кај тебе“. После неколку минути, се разбудив.

Беше 4 и 30 наутро. Станав, отидов до огледалото, почнав да ја подигам раката нагоре и надолу, и разбрав, дека сум здрав. Раката целосно функционираше. Дури и трагите од атрофијата исчезнаа. Најмногу од сè, ме изненади тој факт, што на маицата, каде што беше болното место, имаше остатоци од крв.

Јас го прославив Бога и свети Лука – покровителот на моето семејство.

После сè што се случи, јас решив да отидам кај својот доктор. Докторот со восхит ме праша, што се случи и на каков начин оздравев толку брзо. Како одговор јас му подарив книга со житието од свети Лука и му реков: „Докторе, прочитајте ја оваа книга и тогаш ќе разберете, што ми се случи“.

Јас ја очекував средбата. Свети Лука ми вети дека после три дена ќе ме посети. Во средата, отидов во храмот и буквално заедно со мене, дојде и господинот Д. Г. и ми подари икона од свети Лука со честица од неговите свети мошти! Таа икона сега престојува во нашиот храм!

  1. „Овде беше свети Лука…“

Госпоѓа Т. од градот Ливадја ни испрати писмо со следнава содржина:

„На 18 септември 2005 година, нашиот син Константин имаше сообраќајна несреќа, во која се здоби со сериозни скршеници на двете нозе. Ние, неговите родители, во тоа време бевме на службено патување. Дознавајќи за несреќниот случај, ние почнавме да се молиме на Бога да го сочува животот и здравјето на нашето дете.

Од Атина во градот Ливадја под хитно беше испратен хелихоптер, за да го пренесе нашето дете во централната градска детска болница. Поради големата загуба на крв, резултатите од првате анализи беа шокирачки. Сите лекари беа за да се изврши ампутација на двете нозе. Да го измениме решението на докторите ние не можевме. Ни остануваше само да се молиме на Бога и да бараме Негова помош, да направи нашето дете да не остане инвалид.

За наша среќа, во операционата сала тој ден дојде раководителот на клиниката за ортопедија, господинот Г. П. И тој ја зеде на себе сета одговорност за донесените одлуки и извршувањето на операцијата. Имено, тој хирург го промени решението за ампутација, и како што ни соопштија подоцна, буквално тој се борел за тоа, да се зачуваат двете нозе на детето, и ја бранел својата позиција во однос на мислењето на сите други доктори. Левата нога на детето ја зачуваа целосно, а на десната извршија ампутација само на петата.

После операцијата, цел месец нашиот син се наоѓаше на интезивна нега во Атинската детска болница Аглаи Кирјаку. Многу доктори, кои учествуваа во консултациите, се сомневаа, дека нозете во иднина ќе успеат да ги сочуваат. Се плашеа од разни инфекции и компликации. Започнаа и серија пластични операции во детската клиника „Света Софија“. Сите доктори во еден глас говореа: нозете на детето ги зачувавме, но една од нив никогаш нема да биде подвижна, бидејќи на неа не останаа никакви крвни садови, ни нервни влакна, ни кожа. Таа нога за секогаш ќе остане безнадежна.

На 26 ноември 2005 година, нашиот син за првпат го спомна името на светиот, нарекувајќи го другарот Лука. Тој другар, според зборовите на нашето дете, го будел после анестезијата и му говорел: „Константин, разбуди сè и оди кај мама“. Тоа се повторувало, според зборовите на нашиот син, после секоја операција. Ние мислевме, дека станува збор за некој конкретен доктор, кој работи во таа болница. Почнавме да прашуваме. Ни одговорија, дека доктор со такво име во болницата нема. Но потоа, после една од наредните операции, Константин ни кажа нешто конкретно: „Денес го видов Свети Лука“. Ние го прашавме хирургот господин Н. П за пластичната хирургија., что означуваат тие зборови. Докторот со насмевка од џебот на мантилот извади икона со ликот на свети Лука и рече: „Еве за кого сето време ви зборува вам Константин. Овој светител навистина присуствува за време на најсложените операции, слични на тие какви што ги имаше вашиот син“.

Потребно е да кажеме дека за тој светител, ние порано не знаевме ништо. По совет на нашиот доктор, ја прочитавме книгата со житието на свети Лука Кримски. Здогледувајќи ја кај мене во рацете книгата за свети Лука, Константин покажа на една од фотографиите и рече: „Ете, мамо, гледаш, тоа е мојот другар.“

Чудесните јавувања на свети Лука продолжија. Беше празникот Торжество на Православието. Ногата на нашето дете почна да заздравува, и он можеше да мрда со прстите. Докторите, гледајќи го процесот на заздравување само се погледнуваа и говореа: „Да, Константин има свој светител заштитник.“

Свети Лука му се јавил на нашето дете неколку пати директно во операционата сала (над детето беа направени повеќе од 30 операции со различен степен на ризик). На 27 март, светителот во операционата сала се појавил во архиерејска облека, а над одеждите носел медицински мантил, и му рекол на нашиот син: „Константин, ти моли се, а јас ќе се обидам да те излекувам.“

Психолозите кои работеа во болницата, го бодреа Константин и му говореа, дека лекувањето ќе заврши добро, само што во иднина не ќе може да се вози на велосипед, како и останатите деца. Сепак, Константин, излегувајќи од болница, не само што почна прекрасно да оди и трча, туку и научи да вози велоситед! Целосното  оздравување – е вистинско чудо!

Ние многу брзо ја заборавивме болката и сите свои грижи. Но, нашите грижи не се ништо во однос на таа голема Божја благодат, која се изли над нас по молитвите на свети Лука.“

М. Т. г. Ливадија.

Превод: м-р Игор Ризановски

Извор: http://www.pravmir.ru/svyatitel-luka