Сакаш да му речам на Бога да ги растера облаците? – Старец Иродион Капсалски

Беше многу тешко да се дојде до неговата келија, дури и ако знаешe каде таа се  наоѓа. Со месеци живеев во тој дел од Света Гора и повторно не можев да се снајдам со сите тие патеки. Сите се испреплетуваа и ги имаше толку многу. Еднаш, отидов до самопослугата за прехранбени продукти и со мене беше отецот, кај кого што престојував. На патот забележав дека од урнатината излегува некој старец. 

– Оче кој е тоа? – зачудено го прашав својот сопатник.

– А, тој! Тоа е геронда Иродион… Романец… Не е целиот присебен.

– Ајде да го посетиме, можеби му треба нешто, – му предложив.

– Слушај, не можеш да му се приближиш, штом ќе види човек, веднаш се крие. Тој не сака да зборува со луѓето. Велат дека е непресметлив.

– Добро, тие подобро од мене го познаваат овој крај и луѓето кои тука живеат, си помислив.

Поминаа неколку месеци, пред повторно да слушнам нешто за старец Иродион. Во тоа време, во нашиот крај се појави нов жител. Мој врсник Атињанин, дипломиран математичар, млад монах, сосема неискусен.

На Атос има едно правило: ако монахот сака да живее во испосништво, тој мора да биде духовно зрел, да има искуство во духовната борба, и уште еден услов, тој треба да биде правилно духовно устроен. Во спротивно, постои голема опасност од паѓање во состојба на прелест и од телесни болести. До тој чекор, монахот треба да помине 10-15 години, подготвувајќи се во манастир, или кај некој од старците на послушание, за да ја проучи техниката на борбата, која ѓаволот ја води против нас, да се научи на умна молитва и практична аскеза. После тоа, веќе треба да се оддалечи во осаменост. Таков е општиот поредок на Света Гора, во духот на православната монашка традиција. Испосништвото не е за секој. Испосништвото е само за духовно напредните, за искусните и силни монаси.

Тој мој другар, помина во манастир само две години, кога, после едно сериозно искушение, поради кое, за малку не се распадна и целото братство, отиде во испосница. И тоа без благослов, и против советот на самиот старец Пајсиј.

Дури и јас, сосема „зелен“, новодојденец и неискусен христијанин, ја разбрав целата опасност од таа постапка и се плашев за него.

Отец Исихаст, кај кого што живеев, често ме праќаше да го проверам тој монах. Сѐ трудевме да му помогнеме на секој начин и со сѐ што можевме. Така се здружив со него.

Ете така, еден младич, од удобен атински стан премина во испосништво кај местото Капсала на Света Гора. Физичката работа му била туѓа, не ни видел бавча или градина со зеленчук, немал ни претстава како да насади лук. Во една прилика ми раскажа, дека старец Иродион му покажал некој леб кој го испекол. Бил потврд од цигла.

– Слушај, како го испече тоа? – го прашал старецот.

– Ете како, го помешав брашното со вода и го испеков во печка!

– Дури ни сол со квасец не си додал?

– А што, требаше тоа да го ставам? – го прашал старецот, низ смеа. Заедно гласно се насмеале.

Мојот другар се запозна со старец Иродион и се сожали над него. Почна да му носи храна. Не знам каква храна беше во прашање, но чисто се сомневам дека старецот воопшто и ја вкусуваше. Но, мојот другар од време на време му носеше и конзерви, и леб од продавницата, и шеќер, кафе, сол.

Старец Иродион како млад монах
Старец Иродион како млад монах

Но, не само што мојот другар се сожали на старец Иродион, туку и старецот се сожали над младиот монах. Од таа причина, тој го пушташе кај себе во секое време. Старецот му ја отвораше вратата од својата келија и не се криеше од него. Тој ја виде и ја разбра чувствителноста на неговата возраст, духовната несовршеност, телесната слабост и големата опасност во која се наоѓа младичот.

Поради тоа, тој, покрај вратата од својата келија, му ја отвори вратата и од своето срце. Меѓу јуродивите и неразбирливи изрази, почнал да му дава мудри духовни совети.

Се разбира, старецот предвидел дека младичот по неколку месеци ќе се пресели во келија близу неговата. Таа келија била во добра состојба, затоа што, монахот кој тука живеел бил добар домаќин и градител.

– Геронда, но таму живее некој монах, – сѐ зачуди мојот другар.

– Не грижи се, на пролет ќе замине одовде, ќе ја ослободи келијата и ти ќе ја добиеш на користење од манастирот, – му рече старецот и сето тоа се случи до последната буква.

Тој монах беше зилот и на пролет ја напушти Света Гора, каде во таа иста келија помина полни 20 години без прекин. Се пресели во некој друг манастир надвор од Атос.

Мојот пријател и јас бевме под голем впечаток од тоа што го рече старецот.

– Па, тој нас сите нè надмудри! – ми рече другарот, кога му бев во редовна посета.

– За кого зборуваш?

– За старец Иродион… Тој ни се смее на сите нас, се прави дека е луд, но навистина е многу духовен човек.

– Како знаеш?

Младиот монах почна до детали да ми ги прераскажува разните настани и духовни совети, што ги добил од старецот.

– Слушај, ајде да го посетиме некој пат, – го замолив.

– Ајде, – се согласи.

Беше пладне, кога стигнавме кај старецот.

– Почекај овде позади аголот, затоа што ако те види нема да отвори.

Сѐ скрив зад аголот.

– Геронда, геронда, викна тој. После неколку минути се отворија вратите и се покажа подгрбавениот старец Иродион. Тие двајца малку позборуваа и младиот монах со движење на раката ме викна да се приближам.

– Старче, ова е Атанасиј, мојот другар. – Старец Иродион неочекувано се разбуди, веројатно не знаејќи дали да се скрие или не, но на крајот на краиштата остана на своето место, ме погледна и ништо не ми рече, па продолжи да разговара со мојот другар.

Во тоа време ме мачеа три прашања:

Зошто Бог во Стариот Завет допуштил повеќеженство?

Како е можно Давид, со толку духовност, пророк кој го благослови Господ, кој зборуваше со Бог и кој ја добиваше Неговата помош во сите тешки моменти, да го совлада телесната сладострасност и да падне во грев со Вирсавија и да биде во брак со повеќе жени?

Како во таа епоха се вклопувале тие противречности?

Го следев нивниот разговор и забележав дека старец Иродион одговори на сите мои прашања, иако јас сѐ уште не успеав ни да му ги поставам. Мојот другар не ни разбра за што станува збор. Бев целосно одушевен, го гледав старецот со почитување и восхитеност.

Во одреден момент монахот се сврте и му рече на старецот:

– Геронда, Атанасиј сака да стане монах.

– Каков монах! Тој е… домаќин. Најпрвин Солун, па ќе живее во едно село во близина на Солун, потоа Флорина, потоа… – направи пауза, – Сибир, Сибир.

Мојот другар се сврте и ме праша:

– Геронда, од каде знаеш, дека е од Флорина?

– Каква Флорина, не реков Флорина, реков Флорида, во Америка, таму каде што пристигнуваат бродовите, – и почна да кажува колкави се брановите таму. Нѐ засмеа како тој итро се снајде.

kapsala
Книга „Пустината Капсала“ на Атанасиј Раковалис

После 30 години гледам дека практично сè што старецот прорече, сѐ случи:

На крај не станав монах.

Живеев 24 години во Солун.

И, веќе неколку години живеам во едно село во близина на Солун. Што уште остана? Флорина и Сибир. Верувам дека и тоа ќе се исполни. Не ме изненади само тоа што сите мои мисли и расположението на моето срце беа откриени пред духовниот поглед на старецот, туку и тоа што му беше позната мојата иднина. „Дивен е Бог во светиите Свои“, слава на Бога!

После таа средба бев во состојба на радост, но, истовремено и се замислив: што сè крие Света Гора! Какви богатства! Какви духовни богатства таа ни поклонува!

Некои монаси сметаа дека старец Иродион полудел. Беше невозможно да ги убедиш во спротивното. За да ја решам таа недоумица сѐ обратив кај старец Пајсиј. Штом го споменав старец Иродион, неговите очи засветлија од радост, а душата му заигра.

„Геронда Иродион е голем аскет, – ми рече старец Пајсиј. Му го испратив отец Арсениј, но геронда Иродион не го прими. Тој седи во еден ќош во келијата, кој сѐ уште е покриен со покрив, и се моли цела ноќ. Тој е голем подвижник.“

– Геронда, слушнав дека од протатонот дошле да го посетат, за да се утврди дали тој е навистина голем подвижник или просто лудак.

Старец Пајсиј се насмеа.

– Не плаши се, старецот и него ќе го насамари.

И тоа навистина се случи. Протатот го зеде мојот другар да го одведе до пустината Капсала, за да ја види оваа „неистражена тајна“…

Вака ми раскажа мојот другар:

– Старец Иродион целосно го излудел, му покажал таква глетка, што овој побегнал во паника, сто постотно уверен дека старецот полудел. Залудно поминал толку пат по шумските патеки во Капсала.

На малите, немоќни и духовни деца им се откри старец Иродион. Но, никогаш на љубопитните, без духовна потреба. Ние тогаш бевме духовни деца, неискусни, тажни, – затоа тој нѐ прегрна со својата љубов и го подели со нас своето духовно богатство.

Во една прилика, мојот другар – монах доведе кај него еден млад отец, кој сакаше да го напушти манастирот. Го измачувале мноштво мисли, борбата била непрестајна и многу напната. Тоа беше зима – слој од десет метри снег ја прекриваше земјата, а небото беше исполнето со оловни дождовни облаци.

Откако го ислушал, старецот му рекол:

– Твоите помисли се слични на овие дождовни облаци, тие го кријат сонцето од нас, т.е. благодатта Божја. Ако сакаш духовно да се огрееш, треба да ја вложиш целата снага да ги истераш помислите, инаку ќе се оладиш.

– Како да ги истерам, геронда?

– На Бога Му е сосема просто да ги изгони, но ти сам треба да се помачиш.

Монахот ништо не одговори. Беше очигледно дека не му верува на старецот.

– Сакаш јас да се помолам да исчезнат твоите помисли? Сакаш да се помолам Господ да ги растера облаците и малку да се стоплиме на сонцето?

Младиот монах повторно ништо не одговори, се сомневаше.

– Заминете облаци, заминете, рече старецот и ветрот ги растера облаците и зрак од сонцето нѐ осветли сите нас.

Бевме шокирани.

– Сакаш да замавнам со раката и земјата да се покрие со цвеќиња? – му рече старецот на младиот монах.

– Не геронда, нема потреба! – вознемирено извика монахот. Тој стана, му се заблагодари на старецот, го замоли да се моли за него и си отиде во манастирот, духовно зајакнат. Неговата духовна состојба веднаш се промени.

270273.p

Многу го засакав старец Иродион. Секој пат кога имав прилика да дојдам на Атос сѐ распрашував за него и сакав да се сретнам со него. И старецот ме примаше во посета. За жал, се сретнав со него само неколку пати.

Поминува времето и старците многу брзо слабеат. Затоа, кога старецот целосно изнемошти, му дозволи на еден романски монах да се грижи за него. Тој го однесе старецот во својата келија во Долна Капсала. Тој монах, како што сам лично се убедив, не беше нешто посебно вешт во духовниот живот. Тој многу повеќе беше за работа, отколку за молитва. Работеше многу и мошне засилено. Мислам дека старецот се согласи да премине во неговата келија, за духовно да му помогне. За волја на вистината, не знам дали тој монах успеа да ја прошири својата духовност преку помошта од старецот. Кога отидов да го замолам за дозвола да го посетам старецот, ме погледна многу чудно. Сигурно помисли: и овој не е баш нормален. Иако, јас не бев единствен, кој искажуваше таква почит спрема старецот. На неговиот келијник тоа му беше крајно неразбирливо.

Нашата последна средба помина на следниот начин. Тогаш, за срце ми се прилепија делата на ава Доротеј, кој напиша: „Не се прилепувај за ниедна работа. Ако кај тебе дојде братот и те замоли за таа работа, а ти не му ја даваш, на тој начин над љубовта спрема својот братот ја ставаш минливата работа. “ Многу ми се допадна таа мисла и се обидев сам да ја остварам во пракса…

Кога се сретнав со старецот, ме замоли да му дадам некоја моја работа, што и го направив со радост. На крајот ме замоли да му го дадам својот ранец и почна да го претресува. Тоа веќе не можев да го издржам и му се подналутив. Во ранецот беше бројаницата која ми ја поклони старец Пајсиј.

Тој го преврти ранецот и почна да го претресува. „Ох, – помислив, сега уште и бројаницата ќе ми ја земе “. Многу ме вознемири тоа. Мислев дека таа бројаница не треба да ја дадам за ништо на светот. Баш и за тоа зборуваше ава Доротеј… Старецот ги разбра моите чувства, ме погледна и застана. Ги врати сите работи назад во ранецот и ми ги даде.

Како одгатна што мислев и дека пробував да ги исполнам зборовите на ава Доротеј? Мојата душа пред него беше како отворена книга. Тој беше сличен како древните испосници, за кои читаме во Старечникот.

Нашиот наставник сигурно имаше харизма, беше просветлен од Бога… Можам само да замислам, што сѐ се обидуваше со тој монах Романец, за да го разбуди духовно.

Од тој момент кога живеев во Капсала, поминаа веќе неколку години. Ретко ја посетував Света Гора и тоа на кратко. Еднаш, итно допатував на Атос и не планирав да останам долго. Кога дојдов во келијата каде што секогаш ноќевав, ми рекоа дека по еден час ќе биде одржан погребот на старец Иродион. Каква неочекувана вест!.. Побрзав колку што ме носеа нозете.

На погребот се собраа тие што го сакаа старецот. Јас од Солун, друг човек од Атина и уште еден од другиот крај на Атос. Сите тројца „случајно“ дознавме дека старецот се упокои, и сите се собравме благодарение  на „совпаѓањето на околностите“. Старецот сите нè собра.

Тоа што беше одржано, тешко може да се нарече погреб. Тоа беше Воскресение! Празник! Свеченост! Сите чувствувавме радост.

Утредента отидов кај старец Пајсиј и сè му раскажав. Старецот внимателно ме слушаше, се сложи со сѐ, „потврди“ со еден збор:

– На старец Иродион му е отворена капијата од Рајот!

Нешто слично се случи после неколку години при откривањето на земните остатоци од старецот. Повторно сите „случајно“ се најдовме на тука на денот на отворањето. За време на пренесувањето на правот од старецот, царуваше атмосфера на радост и увереност дека старецот престојува во рајското семејство. Неговите коски беа во боја на темен восок, што на Атос е знак дека се работи за Божји угодник.

По молитвите на старец Иродион, Господи Исусе Христе, помилуј не!

Старец Иродион несомнено беше голем подвижник. Неговиот живот беше многу суров: непрестајно самоодрекување и смирување на самиот себеси. Со обичен човечки труд, тоа не може да се постигне, освен ако Духот Господов не го запали твоето срце.

Старец Иродион под мантијата на јуродивоста го криеше својот голем подвиг, својата висока духовна состојба.

Ако успееме од очите да го тргнеме тој духовен превез, тогаш јасно пред себе ќе го видиме еден од најголемите испосници.

Господ се смилува на мене според Својата Промисла, на таков начин да се утврдам во верата.

Кај другите луѓе тоа се случува на друг начин во согласност со расположението на нивното срце. Ако Бог види дека сме благодарни и на малку, тогаш ќе ни подари уште повеќе. Бог никогаш нѐ не остава. Он постојано ни дава прилики. Само ние тоа не го сакаме. Проблемот е во нас самите.

Од руски Александар Ѓокиќ

Извадок од книгата „Пустината Капсала“

Атанасиј Раковалис

26.07.2017

 

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог

Извор: http://www.pravoslavie.ru