Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим (Цветници) – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 05.04.2026 г., во недела посветена на Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј ставрофорот Кирил Трајковски, протоереите Зоран Димовски, Гоце Велјановски и ѓаконот Крсте Атанасов, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Осана на Синот Давидов! „Благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово!“ Бог Господ ни се јави! (Мат. 23, 39).

Денес е голем и спасоносен празник на нашата Света Православна Црква — Влегувањето на Господа Иисуса Христа во Ерусалим.

Ерусалим е град – символ на Небесниот Ерусалим, на Царството Небесно. И ете, во овој ден, шест дена пред Пасха, Христос Спасителот наш, заедно со Своите свети апостоли, прави поворка и сака да влезе во градот Ерусалим, искачувајќи се на Елеонската, Маслинова гора, од каде што како на дланка се гледа целиот град.

И, браќа и сестри, обично пред таква глетка човек треба да се радува и да се весели. Но Христос Спасителот не го гледа Ерусалим таков каков што е — со прекрасни згради, улици и расцветани дрвја, поради што и празникот се нарекува Цветници.

Тој го гледа онаков каков што ќе стане — поради предавството на луѓето, поради откажувањето од Него, поради Неговото распнување на Крстот и поради казната што ќе дојде врз еврејскиот народ.

Го гледа народот кој не го препознава Животот, туку се однесува неразумно и неблагодарно, сакајќи Оној Кој го создаде светот да Го распне на Крст.

Затоа Христос, браќа и сестри, кога го гледа Ерусалим во таква состојба, знае дека во седумдесеттата година по Неговото раѓање тој град ќе биде разрушен до темели од Римската империја, под водство на Веспасијан.

И токму затоа, наместо да се радува, Христос плаче т.е. плаче по втор пат.

Првиот пат заплака кога Му јавија дека Неговиот пријател Лазар умрел. Но Христос рече: „Не умре Лазар, туку заспа“. И поради љубовта што ја имаше кон Својот пријател, пролеа солзи, и потоа го воскресна четиридневниот Лазар од гробот.

Но еве сега, повторно плаче Христос. Плаче за Ерусалим, плаче за луѓето што живеат во него — зашто гледа како истиот народ што денес вика: „Осана! Слава на Синот Давидов! Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа!“, само по неколку дена ќе вика нешто сосема друго.

Кога пред Пилат ќе се бара главата на Христос, кога ќе треба народот да избере меѓу Него и Варава — најголемиот злосторник — кого да го пушти, народот ќе извика со силен глас: „Распни Го! Распни Го!“

Ете, браќа и сестри, затоа Христос, нашиот Бог и Спасител, плаче над Ерусалим. Плаче и вели:

 

„Ерусалиме, Ерусалиме, колку пати сакав да ги соберам чедата твои, како што квачката ги собира своите пилиња под крилјата свои, а вие не сакавте!“

Христос Спасителот, Кого денес на Цветници го пречекуваат со радосни восклици — дури и децата, кои викаат: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа!“ — за само неколку дена ќе биде од истиот тој народ осуден, со зборовите: „Распни Го! Распни Го!“

И веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри: каде сме ние денес?

Кога ќе направиме споредба — каков бил односот на еврејскиот народ кон Христос тогаш, и каков е нашиот однос кон Христос денес — ќе видиме дека не е многу поразличен. Можеби е и полош.

Зашто тогаш тие сè уште не биле просветени со вистината на Евангелието, а ние сме христијани веќе две илјади години. И по две илјади години христијански живот, не само ние Македонците, туку и целото Православие, често не сме подобри од оние што Го распнаа.

Христос рекол дека Го љубат оние што ги исполнуваат Неговите заповеди.

А ако оние што велеле дека Го љубат — Го распнале, зар не Го распнуваме и ние повторно, кога не ги исполнуваме Неговите заповеди?

Кога оние што се поставени на највисоки места — било во државата, било во Црквата — не ги исполнуваат своите обврски што им се доверени?

Кога не сме верни на заклетвите што сме ги дале пред Бога и пред народот — дека чесно, одговорно и пожртвувано ќе ги извршуваме своите должности?

Кажете, браќа и сестри, за кого плаче Христос денес? Плаче за нас. Плаче за нас, кои не ги исполнуваме заповедите. Плаче за тебе, државнику. Плаче за мене, владико. Плаче за секого од нас.

Христос плаче денес и за работодавците, но исто така плаче и за работниците — за работодавците кои не им ги даваат навреме заслужените награди за нивниот труд.

Плаче и за нас, свештенослужителите, кои не го проповедаме Словото Божјо како што треба — не само со убави зборови, туку со својот живот и со своите дела.

Плаче и за вас, верните, браќа и сестри — зашто ако ние не го проповедаме Словото Божјо како што треба, а вие не го слушате, тогаш сите заедно одговараме. Зашто кога говори архиерејот, владиката, од тронот, од солејата, кога говори свештеникот или ѓаконот — не говорат тие, туку Христос преку нив говори.

Затоа, ако ние, свештенослужителите, не сакаме да го проповедаме Словото Божјо, како што вели старозаветниот пророк: „Тешко мене ако не го проповедам!“, тогаш тешко и на верните чеда ако не го слушаат она што се чита и се проповеда од Светиот Апостол и од Светото Евангелие на Божествената Литургија. Плаче Христос за сите нас.

 

Плаче за учителите, кои не ги воспитуваат децата во вистината, не ги учат не само на знаење, туку и на вера, на добродетел и на живот според Бога. Плаче за сите оние кои ги носат имињата на Светите Кирил и Методиј, на Свети Климент и Наум, на светите просветители и учители, а не го следат нивниот пример.

Плаче и за сите нас, кои не сме достојни во извршувањето на својата служба и повик. Затоа, ние денес сме собрани во овој свет храм, браќа и сестри, да размислиме сериозно за Христовите зборови: „Тешко тебе, Ерусалиме, зашто не го позна времето во кое те посетив!“

Времето кога Христос дојде да го спаси човечкиот род.

Зашто Христос, Кој го создаде човекот по Свој образ, заедно со Отецот и Светиот Дух, од преголема љубов кон нас, грешните и недостојните, се понизи Себеси. Иако беше пребогат во љубовта на Света Троица, се смири и излезе од прегратките на Отецот, се всели во утробата на Пресвета Богородица и стана човек, еднаков со нас во сè, освен во гревот.

Ете, од преголема љубов кон нас Христос доаѓа во овој свет. А што Му даваме ние? Како што ќе пееме на Велики Четврток: „Народе Мој, што ти направив? Или со што те ожалостив? Во пустината со мана те нахранив, а ти Ми возврати со жолчка. Кога жеден беше, од камен ти изведов вода, а ти Ми даде оцет да пијам. Народе Мој, што ти направив?“

Христос, Кој ни се дава Себеси како Небесен Леб преку Светата Тајна Евхаристија, добива од човекот неблагодарност, предавство и распнување. И затоа вели: „Но ќе повикам други народи…“

А кои се тие народи што ќе ги повика Христос?

Незнабошците — оние што не Го познавале вистинскиот Бог, оние што Му подигнувале жртвеници на „непознатиот Бог“, за кого светиот апостол Павле ќе рече: „Оној Кого вие, не познавајќи Го, Го почитувате — Него јас ви Го проповедам: Христос, распнатиот на Крст.“

Ете, браќа и сестри, тоа го направиле Евреите — не ги исполниле Неговите заповеди.

Но истото, ако не и полошо, го правиме и ние денес.

Зашто тешко е да се разбере во денешно време христијани да прават такво зло: син да убие мајка, син да убие татко, татко да убие син, брат да стане против брат, сестра против сестра — и тоа луѓе што се нарекуваат христијани, православни, крстени и миропомазани.

Каде е грешката? Во нас ли, свештенослужителите, што не го проповедаме Словото Божјо како што треба?

Или и во вас, верните, што не сакате да го слушнете она што се говори на богослужбите — на вечерните и утрените служби, на Божествената Литургија, на акатистите и на сите Свети богослужби?

Затоа да се помолиме, браќа и сестри, на Христа, нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас и заради нашето спасение излезе од прегратките на Отецот, се всели во утробата на Пресветата Дева и стана човек.

Оној Кого целата вселена не може да Го опфати — се смести во утробата на Пречистата Богородица и Секогаш Дева Марија.

По нејзините молитви, по молитвите на светите ангели, на светите апостоли и на сите светии, да Му се помолиме: Господи Иисусе Христе, Сине Божји, помилуј нè и спаси нè нас грешните. Амин!

(Аудио) «Празнична аудио проповед на Митрополитот Петар»