Обидот на иконоборците да ја намалат славата на Небесната Царица

После Третиот Вселенски Собор христијаните почнале уште поревносно и во Цариград и во другите места да се собираат под закрилата на Мајката Божја, и нивната надеж во Нејзиното застапништво не биле изневерена. Таа била помошник на болните, беспомошните и сираците. Многу пати го заштитувала Цариград од непријателите, а еднаш се покажала во видлива форма на св. Андреј Јуродив со чудесен покрoв над народот, кој ноќе се молел во Црквата во Влахерна.

Царицата Небесна им подарила победа на византиските цареви во војните, поради што тие имале обичај да ја носат со себе на походите Нејзината икона наречена Патеводителка. Таа им давала сила на подвижниците во борбата со страстите и слабостите. Таа ги просветлувала и подучувала Отците на Црквата, како и св. Кирил Александриски кога се двоумел да ја признае невиноста на Св. Јован Златоуст. Пресветата Дева пеела химни низ устите на составувачите на црковните песни. Понекогаш недаруваните ги препораѓала, но и оние кои побожно работеле, како што е Роман Слаткопевец. Не е изненадувачки што христијаните тежнееле да го величаат името на постојаната заштитничка. Во Нејзина чест се востановени празници, посветени ѝ биле прекрасни песни, а Нејзините икони почитувани.

Злобата на кнезот од овој свет ги наоружала опасните синови против Емануил и Неговата Мајка во Цариград, кој ја почитувал сега, како и Ефес претходно, Богородица како своја заштитничка. Не смеејќи како порано да зборуваат против Поборницата Војвотка отворено, сакале да ја намалат Нејзината слава забранувајќи почитување на иконата на Христа и Неговите светии, нарекувајќи го тоа идолопоклонство. Мајката Божја тогаш ја зајакнала ревноста на побожните во борбата за почитување на иконите, покажувајќи многу чуда и ја исцелила раката на св. Јован Дамаскин кој пишувал во одбрана на иконите. Прогонот против оние кои ги почитувале иконите и советите завршил со славна победа на Православието, бидејќи почитувањето кое се укажува на иконите се пренесува на оние кои се насликани на нив, а светите угодници Божји се почитуваат како пријатели Божји заради благодадта која пребива во нив, по зборовите на Псалмопевецот: „во голема милост се кај мене пријателите твои“. Пресвета Богородица била почитувана со посебна чест на небото и на земјата, и дури во деновите кога биле исмејувани иконите. Таа пројавила низ нив многу прекрасни знаци, на кои и денес се сеќаваме со радост. Песната „Тебе ти се радува сето ова создание“ и иконата Троеручица, нè потсетуваат на исцелувањето на св. Јован Дамаскин пред иконата, а Иверската икона на Мајката Божја на чудесното избавување кога во морето ја фрлила вдовицата која не можела на друг начин да ја зачува.

Никакви гонења на оние кои ја почитувале Мајката Божја и сè што е во врска со Неа, не можеле да ја намалат љубовта на христијаните кон својата Застапничка. Утврдено е правило секој круг на песни на службите да завршува со песна или стих во чест на Мајката Божја.

Многу пати во текот на на годината, христијаните од сите краишта на вселената се собираат во Црквата да ѝ заблагодарат за покажаната благонаклоност и бараат милост од Неа.

Но, може ли непријателот на христијаните, „ѓаволот  кој рика како лав барајќи некого да проголта“ (1.Петр. 5,8) мирно да ја гледа славата на Пренепорочната? Зар би можел да признае пораз и да престане преку луѓето да се бори против вистината? Кога цел свет беше просветен со благовеста на верата Христова, кога името на Пресветата насекаде се славело, кога земјата се наполнила со Цркви, кога христијанските домови биле украсени со Нејзините икони – се појавило ново, лажно учење за Богородица. Ова учење е поопасно бидејќи мнозина не можат да сфатат до кој степен тоа го разорува вистинското почитување на Мајката Божја.

ПРОДОЛЖУВА

Претходно: Несторијанската криза и третиот Вселенски собор – Св. Јован Шангајски

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог

Извор: http://www.verujem.org