На 17.05.2026 г., во Шестата недела по Пасха (Недела на слепиот), кога го празнуваме споменот на Светата маченичка Пелагија Тарсиска, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереи ставрофорите Никола Грамбозов, Златко Костовски, протоерејот Злате Стефановски, ереите Славчо Петровски, Игор Велјановски, протоѓаконот Драган Георгиевски, изврши Големо осветување на храмот „Света Петка“, во село Ношпал.
После Големото советување, беше отслужена Света Божествена Литургија.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Кога си заминуваме од домот Господов, браќа и сестри, во нашите срца останува духовна радост. Таа радост денес сигурно ја почувствувавте сите вие, кога зачекоривте и влеговте во овој новоосветен Божји храм.
Овој свет храм има своја долга историја. Тој бил изграден од нашите предци, кои со љубов и жртва го подигнале и во него еднодушно Му се молеле на Бога. Но, низ текот на времето, поради човечките гревови и животните околности, се случуваат нешта што никој не ги посакува. Дури и храмовите, кои се градат да останат сведоци на верата сè до Второто Христово доаѓање, понекогаш се разурнуваат.
И овој древен храм ја доживеал таа судбина. Но, по Божја промисла, во нашето поколение и во нашево време, беше обновен врз темелите на некогашниот храм што постоел на ова свето место.
Со благодарност можам да кажам дека во ова свето дело се вградивте и вие, браќа и сестри. Секој што придонесе – со труд, со средства, со молитва или со добра волја – остави дел од себе во обновувањето на овој храм. Особено ме радува што денес меѓу нас гледам многу млади луѓе, кои покажаа љубов кон Божјиот дом и несебично се вложија овој храм да заблеска во својата сегашна убавина и благолепие, украсен онака како што доликува на светите храмови Божји.
Но, со тоа што го градевте и украсувавте овој видлив храм, вие се вградувавте и во еден многу поголем и повозвишен храм. Светиот апостол Петар вели дека ние сме „живи камења“ кои се вградуваат во духовниот дом Божји. Значи, не се вградуваме само во овој ракотворен храм, туку и во оној нерукотворен храм – Црквата Христова.
А Црквата Христова не е само градба од камен. Таа е заедницата на сите верни кои веруваат во Света Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух; кои ја исповедаат верата онака како што е изложена во Символот на верата; кои живеат според Светото Писмо и Светото Предание; кои го следат учењето на светите Отци и ги почитуваат правилата и каноните на светите Вселенски и Помесни Собори.
Затоа, продолжете да се вградувате во тој духовен храм, истовремено грижејќи се и за овој видлив, ракотворен храм, кој денес е толку убаво украсен и уреден.
Има луѓе кои велат: „Бог е насекаде. Зошто тогаш е потребно да се градат и украсуваат храмови? Зошто да се вложуваат средства во нив?“
Некои велат дека нема потреба да се градат и украсуваат храмови, бидејќи Бог е насекаде. Но, браќа и сестри, таквото размислување е погрешно.
Материјалниот храм, изграден од камен и други земни материјали, не е само обична градба. Тој истовремено се гради и духовно, бидејќи своето вистинско значење го добива од Црквата – а Црквата не се ѕидовите, туку верниот народ Божји.
Како што веќе рековме, Црквата ја сочинуваат сите оние кои правилно веруваат во Света Троица, кои живеат според Светото Писмо, Светото Предание, учењето на светите Отци и каноните на светите Вселенски и Помесни Собори. Тоа е народот Божји, собран околу своето свештенство, монаштво и својот епископ. Таа полнота ја претставува земната Црква, која е икона и предобраз на небесната Црква.
А што е храмот, ако не небо на земјата?
Кога ќе ги погледнеме овие прекрасни икони и фрески, насликани според светите канони на Православната Црква, ние всушност ја гледаме претставата на небесната Црква. Таму, во небесната слава, на престолот пребива Света Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух. Господ Исус Христос, Единородниот Син Божји, Кој заради нас и заради нашето спасение се воплоти од Пресвета Богородица, е центарот на сето создание.
Затоа, веднаш по Христос, највозвишено место во храмот ѝ припаѓа на Пресвета Богородица, преку која Синот Божји го прими човечкото тело. Потоа следуваат Свети Јован Крстител и сите светии, кои со својот живот ја прославиле Божјата благодат.
Во овој храм особено се почитува светата великомаченица Параскева – Света Петка Римјанка, на која храмот е посветен. Таа живееше свет и чист живот, а во времето на страшните гонења храбро ја исповеда Христовата вера. Иако царот и неговиот син сакале да ја земат за жена, таа веќе Му беше ветена на својот небесен Жених – Христос. Не сакаше никој друг освен Него и затоа во својата младост доброволно го положи животот, за вечно да остане соединета со својот Господ и Спасител.
Затоа нашиот православен народ со голема љубов ги почитува светителите, а особено светите маченици. Тие се вистински сведоци дека Бог постои, дека Христос воскресна и дека постои вечен живот. Тие ја презреа земната слава, земната татковина и земниот Ерусалим, за да го наследат Небесниот Ерусалим и вечното Царство Божјо.
Кога влегуваме во храмот, треба да размислуваме духовно, а не само човечки. Не е сеедно како ќе влеземе, како ќе се прекрстиме и како ќе им пристапиме на светите икони.
Иконите не се идоли, како што погрешно тврдат некои. Тие се свети образи кои нè упатуваат кон своите првообрази, кон оние што се претставени на нив. Кога се молиме пред иконата на Христос, нашата молитва не останува на дрвото и боите, туку се вознесува кон Самиот жив Христос, Кој царува на небесата. Така е и со Пресвета Богородица и со сите светии – ним им оддаваме чест затоа што целиот свој живот Му го посветиле на Бога, а преку нивната молитва и ние се приближуваме кон Него.
Затоа, кога влегуваме во Божјиот храм, треба да го правиме тоа со длабока вера, знаејќи дека тука Божјото присуство се доживува на особено благодатен начин. Самиот Христос рекол:
„Каде што се собрани двајца или тројца во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив.“
Навистина, Бог е насекаде. Но, таму каде што е собрана Црквата Божја – верниот народ, заедно со свештенството, монаштвото и својот епископ – таму особено се пројавува единството на Телото Христово.
Во храмот се извршуваат најсветите дела на нашата вера. Тука се совршуваат Светите Тајни, преку кои човекот се раѓа за нов живот во Христа и останува член на Неговата Црква.
Во храмот Божји најнапред се извршуваат Светите Тајни на Крштението и Миропомазанието, преку кои човекот влегува во Црквата Христова и станува член на Телото Христово. Но, иако на Крштението сме се одрекле од сатаната, од сите негови дела и од сета негова гордост, поради слабоста на нашата човечка природа повторно паѓаме во грев.
Светиот апостол Павле нè потсетува дека преку Адам гревот влезе во светот, а со гревот и смртта. Но Бог не го остави човекот во неговата пропадливост. Го испрати Новиот Адам – Господ Исус Христос, Кој стана човек еднаков на нас во сè, освен во гревот. Тој дојде да живее меѓу луѓето, да ги научи на вистинската вера, да ги исцелува болните, да ги воскреснува мртвите и да им покаже дека Тој е Господар и на животот и на смртта.
Затоа Господ ѝ ја дарува на Својата Црква благодатта на Светите Тајни. По Крштението и Миропомазанието, човекот, кога ќе згреши, се очистува преку Светата Тајна Покајание и Исповед.
Ваш духовник, браќа и сестри, пред сè е вашиот парохиски свештеник. Нему Господ му ја доверил грижата за вашите души. Не трчајте постојано по разни духовници, старци и самонаречени учители, запоставувајќи го свештеникот што Бог ви го поставил. Вашата вера треба да ја негувате во својата парохија, заедно со својот свештеник.
Како што во едно семејство таткото и мајката ги решаваат семејните прашања, така и духовните прашања треба најнапред да се решаваат во духовното семејство – во парохијата. Оној што постојано бара совети на други места, а го запоставува својот духовен отец, лесно може да тргне по погрешен пат.
Во Црквата се совршува и Светата Тајна Елеосвештение, која им се дава на болните. Но тоа не значи дека треба да ги отфрлиме лекарите. И тие се дар Божји. Не треба да ги слушаме оние што велат дека не треба да се лекуваме, туку само да се молиме. Христос никогаш не ги презирал лекарите. Напротив, Тој нè научи дека најнапред треба духовно да се исцелиме – преку покајание, исповед и исправување на животот – а потоа со доверба да ги користиме и средствата што Бог им ги дал на лекарите за лекување на телото.
Исповедта не е само набројување на гревовите. Таа е почеток на нов живот. Кога ќе ги признаеме своите гревови, потребно е да се трудиме да ги замениме со спротивни добродетели, живеејќи според Христовите заповеди.
Во храмот се извршува и Светата Тајна Брак. Кога младоженецот и невестата стапуваат во брак, тие Го повикуваат Христос да биде темел и сила на нивната заедница. Без Него тешко може да се зачува вистинската љубов.
За жал, денес сме сведоци на многу разводи. Тоа е голема духовна трагедија, особено кога во семејството има деца. Господ јасно нè учи дека бракот не треба лесно да се раскинува. Единствената причина што Светото Евангелие ја наведува како оправдување за развод е брачното неверство. Сè друго треба да се надминува со љубов, трпение, простување и заедничка молитва.
Кога родителите без сериозна причина го разрушуваат својот брак, најголемата болка ја носат децата. Тие остануваат раздвоени меѓу таткото и мајката, а родителите ќе дадат одговор пред Бога за својата одговорност.
Но над сите Свети Тајни, покрај Светата Тајна Свештенство, се возвишува Светата Тајна Евхаристија – Тајната над тајните. Тоа е најголемото чудо што се случува на секоја Божествена Литургија.
На Светиот Престол, преку слегувањето на Светиот Дух и молитвите на Црквата, благословениот леб станува вистинско Тело Христово, а благословеното вино – вистинска Крв Христова. Иако за нашите телесни сетила тие остануваат под вид на леб и вино, нивната суштина е преобразена со силата на Светиот Дух.
Затоа, кога се причестуваме, не примаме обичен леб и обично вино, туку Го примаме Самиот Христос – нашиот Господ и Спасител, Кој ни се дарува за живот вечен. Причеста е најголемиот дар што Бог му го дал на човекот и врвот на целиот литургиски живот на Црквата.
И затоа, браќа и сестри, денес нашите срца се исполнети со голема духовна радост. Се радуваме што толку многубројно сме собрани во овој свет храм, заедно да Му принесеме благодарност на Бога и да го прославиме Неговото свето име.
Најнапред, со благодарност ги спомнуваме сите оние што го подигнале овој храм во минатото, а потоа и сите што во нашево време се вложија во неговото обновување. Господ ги знае нивните имиња и нивната жртва, а Црквата секогаш ќе ги спомнува во своите молитви.
Особена благодарност заслужуваат денешните настојатели на храмот, како и младите момчиња и девојки, кои со голема љубов, труд и пожртвуваност придонесоа за довршувањето, уредувањето и украсувањето на овој свет Божји дом.
Благодарност упатуваме и до Дејан Макариоски и неговата екипа, кои според светите канони го изработија овој прекрасен живопис. Преку нивниот дар и труд, храмот доби духовна убавина што ќе им сведочи на многу поколенија за верата на нашиот православен народ.
Сето ова е причина денес нашата радост да биде голема и неизмерна. Да Му благодариме на Бога за сите Негови добрини и да се молиме оваа радост да остане трајно во нашите срца.
Нека ни е честит денешниот празник и нека Господ ни дарува уште многу години да се собираме во овој свет храм, еднодушно и едномислено, прославувајќи Го Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Но, никогаш да не заборавиме дека храмот е светиња. Кога влегуваме во него, треба да влегуваме со страв Божји, со вера и со побожност.
Како што пееме на Божествената Литургија:
„Секоја сега животна грижа да ја оставиме.“
Тоа значи дека, кога ќе го преминеме прагот на Божјиот дом, треба да ги оставиме зад себе сите световни грижи, немири, расправии и суети. Нашите мисли и срца треба целосно да Му ги принесеме на Бога.
Само така ќе можеме вистински да го доживееме храмот како место на Божјото присуство, како предвкус на Царството Небесно и како небо спуштено на земјата.
Нека Господ, по молитвите на Пресвета Богородица, на светата великомаченица Параскева – Света Петка, покровителка на овој свет храм, и на сите светии, нè укрепува во верата, да нè сочува во единството на Својата Света Црква и да нè удостои сите со Царството Небесно. Амин!
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.












