Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 35-то

17/04 април, 1970

Св. Јосиф и Георгиј

Драг отец во Христа, Серафим [Бобиќ],

Благослови, отче! Радувајте се во Господа! Не можеш да си ја замислиш радоста и воодушевувањето кога го добивме твоето писмо и  „Отвореното писмо“ што го објави отец Никита. На крај, после неколку месеци на интриги, полу-вистини, кукавички компромиси, клевети, од Митрополијата доаѓа јасен, едноставен, храбар глас на вистината и на совеста. Слава на нашиот Господ! Го кажавте она што треба да се каже, и ние ќе се бориме со вас на овој фронт, борба за вистинското Православие!

Искрено, ќе се предомислевме да го кажеме во целост, онака како што ти го рече, ние сме луѓе  на Синодот, и ќе бевме обвинети за анти-митрополиска хистерија, фанатизам и останато. Но, ти беше со нив, и ги знаеш од прва рака, и го кажа токму она што треба да се каже.

Ние, исто така, би сакале да го испечатиме твоето писмо, а во истото издание да ги изнесеме и некои од твоите изјави за Архиепископот Јован Шаховској и отец Шмеман. Се надеваме дека ќе подготвите, исто така, отворено писмо до отец Маендорф за неговиот неодамнешен неодговорен напад врз нашиот Синод. Ако се такви аргументите кои ги има против нас, тогаш тие воопшто немаат факти и се раководат врз основа на нивните емоции и точно според планот, со кој Никодим, кој ја знае нивната психологија, ја води својата борба против Православието!

Ние би сакале да  слушнеме повеќе од тебе – за твоите сегашни планови, и т.н. Дали знаеш за некој друг во Митрополијата, кој зборува отворено (освен отец Алексиј Јонов, госпоѓата Толстој и другите во рускиот печат)?

Веројатно нема да имаш лесен период сега – ѓаволот ќе се обиде да создаде секакви неволји за тебе. Но, Бог ги чува оние кои сведочат за Него. Нашите молитви се со тебе.

Ги просиме и твоите молитви за нас. По Божја волја и со молитвите на светиите најдовме тивко место каде што се молиме, кое наскоро може да стане и мал скит. Во моментов сме само ние двајца. Глеб дипломира на Џорданвил и еднаш те посетил тебе во Свети Тихон (пред неколку години).

Со љубов во Христа, нашиот Спасител,

Евгениј Роуз