Проф. м-р Борче Грамбозов, докторант на Аристотели универзитетот во Солун беше еден од учесниците на меѓународната конференција „Свети Климент Охридски-Милоста и милосрдието во библијата и во црквата“, која се одржа од 20 до 22 октомври 2016 година во Охрид во рамки на одбележувањето на 1.100 години од блаженото упокојување на Свети Климент Охридски.
– Ќе се обидам да покријам, колку е можно, една навистина голема тема за ”Mилоста Божја (το έλεος τουΘεού) кон човекот, во списите на Светите Отци, преку вочовечувањето на Синот”. Во продолжение, ќе се осврнеме прво – на неколку старозаветни и новозаветни текстови каде се изразува милоста Божја, второ – ќе го испитаме правецот кон кој се движи милоста Божја, трето – ќе ја видиме целта на вочовечувањето на Логосот, и четврто – ќе ги разгледаме харизматичните дарови на милоста Божја, дадени преку вочовечувањето на Синот. За таа цел, ќе се фокусираме на некои од оригиналните текстови на Светите Отци. Низ Светото писмо, повеќе од двесте и педесет пати се говори за милоста Божја. Позначајни места: Генеза 19: 17-19, Псалм 24, 10, Псалм 32,5, Послание до Ефес. 2: 4-10 иПосланието до Рим. 9: 15-16 – каде се употребува глаголот σπλαχνίζομαι (жалам) – во прво лице еднина, со кој Бог се самокарактеризира како Милостив. Стариот Завет, којшто сочинува едно движење од невоплотениот Логос во воплотувањето, се реализира во Богочовекот, бидејќи зборува за Христос кој доаѓа, согласно зборовите на Светиот Евангелист Јован кој сведочи оти Логосот стана човек – σὰρξ «Καὶ ὁ Λόγος σὰρξ ἐγένετο». Толкувањето на 14 стих во 1-та глава на Евангелието според Свети Апостол Јован, во комбинација секогаш со формулацијата ‘’се воплоти и се вочовечи’’ во Никејскиот Символ, претставува појдовна точка за разбирање на Божјата милост кон човекот. Би сакал да дадам нагласок на милоста Божја која се чини кулминира во вочовечувањето на Синот, на Христос, кое се случи «за нас». Фразата «за нас» е превод од старогрчката фраза «δι᾽ ἡμᾶς», која се сретнува во списите на Светите Отци. Нам не интересира токму оваа фраза, затоа и би сакал малку да се задржам на истата. Би бил бесцелен овој обид, доколку не се осврнам на Свети Атанасиј Велики, кој ни посведочи за една теологија во рамките на Божјата икономија: Светата Тријада која е Една, но истовремено Вечна и Икономиска. Затоа и објасни што во Светото Писмо се толкува со Вечната, а што со Икономиската Тријада. Во ”Τретото слово πротив Аријаните”, Свети Атанасиј го пишува следното:
«Раѓањето на Христос е, според икономија, воплотување на Логосот, Којшто за нас (δι᾽ ἡμᾶς) стана човек» (Αγ. Αθανασίου, Κατά Ἀρειανῶν Γ, 33 PG 26, 393B).
Напишаното во списот ”Трето слово против Аријаните”, хармониски и органски се поврзува со формулацијата во Никејскиот Символ: τόν δι᾽ ἡμᾶς τοὺς ἀνθρώπους καίδιά τήν ἡμετέραν σωτηρίαν κατελθόντα καί σαρκωθέντα – Кој за нас луѓето и за нашето спасение слезе и се воплоти. Клучот кој ги разјаснува овие две формулации е фразата «δι᾽ ἡμᾶς», во која најјасно и целосно се изразува милоста Божја кон човекот. Преку оваа фраза се согледува односот Божји кон човекот кој е зачудувачки милостив. За нејзиното воведување во Никејскиот Символ ни дава информации Свети Александар Александриски, кој во ‘’Циркуларното послание’’ со иронија ја напаѓа позицијата на Ариј за целта на постоење на Синот, како создаден орган за преку Него да не создаде Бог. Според тоа, се гледа оти фразата ‘’за нас луѓето’’ со додавката ‘’за нашето спасение’’, се внесе во Никејскиот Символ против позициите на Аријаните. Фразата «δι᾽ ἡμᾶς», ја сретнуваме и во еден друг спис на Свети Атанасиј Велики ”За воплотеното јавување на Бог Логосот, и против Аријаните”, каде стои:
«Неговото снисходење (воплотувањето) е наша слава. Затоа преку Отецот ја бара славата за нас (δι᾽ ἡμᾶς)» (Αγ. Αθανασίου, Περί τῆς Ἐνσαρκου Επιφάνειας του Θεού Λόγου, και κατά Αρειανών, PG 25, 992B). Слична фразеологија сретнуваме и кај Свети Григориј Ниски во списот ”За светата Пасха”, каде што се потенцираат правецот и целта кон кои се насочува вочовечувањето:
«За нас (δι᾽ ἡμᾶς) Станатиот како нас» (Αγ. Γρηγορίου Νύσση, Εἰς το Ἅγιον Πάσχα, PG 46, 628B). Би сакал само да потсетам дека секогаш кога ја користиме фразата «Станат» – «γενόμενος», која воведува време, се однесуваме на икономијата, на Логосот како човек.
Неможноста на човекот самиот да се спаси од падот, ја прави неговата состојба да биде потрагична. Случката на падот на човекот, го отвора патот за «човекољубието» Божјо. Карактеристично движење, мотивација на воплотената икономија е «човекољубието». Човекољубието се поистоветува со милоста и љубовта Божја. Св Григориј Ниски го употребува терминот «φιλανθρωπίа» – «човекољубие», кое претставува почеток на откривањето на Бог помеѓу луѓето. Терминот «човекољубие» –«φιλανθρωπία», ставен во внатрешна врска со воплотувањето на Синот, се сретнува во неговиот спис‘’Катихетско слово’’ – ‘’Κατηχητικός Λόγος’’ (Αγ. Γρηγορίου Νύσση, Κατηχ. λόγος, PG 45, 52D). Кај Свети Атанасиј Велики сретнуваме поистоветување на терминот «човекољубие» – «φιλανθρωπίа» со јавувањето на Логосот Божји. Доколку се анализира внимателно неговиот спис ‘’За воплотувањето на Синот Божји’’, ќе се забележат термините «човекољубие» и «јавување» паралелно поставени еден до друг (Αγ. Αθανασίου, Λόγος Περί ἐνανθρωπήσεως τοῦ Λόγου, PG 25, 109A: «Τούτου δὴ ἕνεκεν ὁ ἀσώματος καὶἄφθαρτος καὶ ἄυλος τοῦ Θεοῦ Λόγος… παραγίνεται συγκαταβαίνων τῇ εἰς ἡμᾶς αὐτοῦ φιλανθρωπίᾳ καὶἐπιφανείᾳ»).
Целта на вочовечувањето, пишува Свети Атанасиј во списот ”Περί της ενανθρωπήσεως του Λόγου” – ”За воплотувањето на Логосот”, не беше само во тоа да се објави Логосот, туку да се уништи смртта и да се даде спасение: «Поради милоста и добрината на Отецот, за нашето спасение, во човечко тело ни се објави» (Αγ. Αθανασίου, Περί τῆς ἐνανθρωπήσεως του Λόγου, PG 25, 97C). Свети Григориј Ниски патот кон вечниот живот на човекот го гледа преку воплотувањето (Αγ. Γρηγορίου Νύσση, Κατηχ. λόγος, PG 45, 52D). Не постоеше друг начин, читаме кај Свети Кирил Александриски, да се спаси човечкиот род, доколку не беше јавувањето на Бог во светот (Αγ. Κυρίλλου, Εἰς Ἰωάννην 1, 1 PG 70, 808B: «οὐχ ἑτέρως δύνασθαι δυασωῆναι το γένος ἐνενόει τό ἀνθρώπινον, εἰ μή διά μόνης τῆς ἐπιφανείας τοῦΥἱοῦ τοῦ Θεοῦ, τοῦ τά πάντα ῥαδίως, ἐφ᾽ ὅπερ ἄν βούλοιτο, μετταῤῥυθμίζειν ἰσχύοντος»).
Логосот го обожи она кое го стави на себе и му го даде на човекот. Кога Спасителот дојде помеѓу нас, ние бевме подобрени, спасени од гревот. Токму ова е харизматичниот дар на милоста Божја –можноста за обожување и осветување на човекот со вечен живот во потполна смисла, која се дава преку вочовечувањето на Логосот.
Пишува: Борче Грамбозов, докторант на Аристотели универзитетот во Солун
Преземено: религија.мк