Преображение Господово – Света Архиерејска Литургија во Зрзе

На 19.08.2023 г., кога го празнуваме Преобразувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос на гората Тавор, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Преосвештенство, свештено-игуменот на манастирот, Епископот Хераклејски г. Климент, архиерејскиот заменик, протоереј-ставрофорот Никола Грамбозов, архимандритите Никола (Трајковски) и Никодим (Солунчев), игуменот Мојсеј (Тодоровски),  јеромонахот Јов, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и јероѓаконот Никита, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот посветен на „Преображението Господово“ во село Зрзе, Прилеп.

На Светата Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, а по завршувањето на Литургијата беше осветен новиот лозов плод.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Oвој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте Го“ (сп. Мат. 17, 5)

Овие зборови, браќа и сестри, ги слушнале Светите апостоли Петар, Јаков и Јован на Гората Тавор, кога Христос пред нив се преобразил и ја покажал Својата слава како Бог, зашто учениците Негови и народот кои Го гледале, во Него гледале обичен човек, заборавајќи дека Христос, покрај тоа што е вистински човек, во сè еднаков на нас луѓето, освен во гревот, истовремено е и Бог. Во Личноста на Христа Спасителот има две природи, односно Божја и човечка. Христос како Син Божји, предвечно се раѓа од Отецот, а во време заради нас и заради нашето спасение, излегол од прегратките на Отецот, останувајќи секогаш со Отецот и со Светиот Дух и примил тело од Пресвета Богородица и станал човек, во сè еднаков на нас луѓето, освен во гревот.

Ете, кога веќе се приближило времето доброволно да страда т.е. да биде распнат на Крст и да умре и со својата смрт да ја уништи смртта, Он ги зел Своите ученици за да не мислат дека Он е само човек, туку е и Бог и пред нив се преобразил. Со Него на Преображението биле и двајца најзначајни старозаветни пророци, Мојсеј и Илија. Мојсеј, кој е пророк на законот, е оној кој го напишат Петтокнижието (Книгите на Законот),) каде се говори за создавањето на светот, а светиот пророк Илија, не видел смрт, туку жив бил вознесен со огнена кочија на небесата.

Еве, овие двајца пророци разговарале со Христа нашиот Бог и Спасител, па така на Тавор имаме две глетки т.е. тројца, кои се возвишени горе кон небото и разговараат и тројцата Апостоли долу, кои кога Христос ја покажал Својата слава т.е. кога од Него почнала да блеска силна светлина, така што и алиштата Негови биле светли како снег, тогаш од зад облакот, кој го претставува Светиот Дух, се слушнал глас на Отецот, кој велел: „Oвој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте Го“ (сп. Мат. 17, 5)

Знаете ли зошто на иконата на Христовото Преображение, од Христа блескаат силни зраци на светлина? Затоа што Он е Светлина од Светлина, Бог Вистински од Бога Вистински, роден, несвторен, како што читаме во Символот на напата Вера.

Ете, тука се покажува оваа светлина, која не е како создадената сончева светлина, која ние ја гледаме или како секоја друга светлина, која ја поседуваат материјалните нешта, туку тоа е поинаква светлина, која не гори. За оваа светлина ни говори Светиот пророк Мојсеј, кој бил избран од Бога да го изведе Еврејскиот народ од Мисирското ропство. Тој на Гората Синај видел една капина која горела, но не согорувала, која е праслика на Мајката Божја, Пресвета Богородица, зашто тој огин, таа Светлина е Синот Божји, Кој влегол во утробата на Мајката Божја, Пресвета Богородица преку дејството на Светиот Дух.

Ете, таа Светлина, браќа и сестри, уште се нарекува благодат Божја или несоздадени Божествени енергии, кои нам ни се даваат за спасение на нашите души.

Светиот пророк Мојсеј, имал и друго јавување на Гората Синај, кога требало да ги прими Десетте Божји Заповеди, каде Го видел Бога, но не во Неговата природа и суштина, туку како светлина, која е благодатта Божја, која од Бога извира. Ете токму затоа Бог му рекол: „Човек не може да Го види Бога и жив да остане“. Затоа тој бил заштитен т.е. му било кажано дека ќе Го види Бога низ процепот на карпата, ама не во лицето т.е. не во суштината, туку од зад грб, преку благодатта, преку оваа светлина, која што се појавила на Гората Тавор, кога Христос се Преобразил пред Своите Свети Ученици и Апостоли.

Светиот пророк Мојсеј, браќа и сестри, не знаел дека ја попримил оваа Божествена светлина, па кога слегол од гората со Десетте Божји Заповеди, луѓето не можеле да го гледаат, затоа што од неговото лице сјаела силна светлина, па морал да си стави покривало на лицето за луѓето да можат да гледаат кон него. Такво слично видение имал и Светиот пророк Илија, кога бил кај гората Хорив, кога настанал силен ветар, но Господ не бил во него, потоа настанал земјотрес, но и во земјотресот не бил Господ, туку во едно тивко ветерче, кое го почувствувал Светиот пророк Илија, во него бил Господ.

Ете, сето тоа се случило на Светото Преображение, за Апостолите кога ќе дојде страдањето на Христа нашиот Бог и Спасител, да можат да разберат дека Он покрај тоа што е совршен човек, истовремено е и Бог. Преку Христа Спасителот ние дознаваме за Бога Отецот и за Светиот Дух, зашто е кажано дека никој друг не може да Го објави Бога, освен Единородниот Син Христос нашиот Бог и Спасител Кој дошол во светот за да го избави човечкиот род од гревот и смртта. Светиот апостол Павле вели: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние грешиме и умираме“, но преку Вториот Адам, Христос нашиот Бог и Спасител, ние се спасуваме, зашто Он доброволно одлучи да стане човек, да се понижи себеси т.е. од совршен дух да прими човечко тело како нашето, да поживее со луѓето и да им открие за постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот и Светиот Дух, а потоа да биде распнат и со Својата смрт да ја уништи смртта, и во третиот ден да воскресне, а во 40-тиот да се вознесе на Небесата.

Светлината која била таму, браќа и сестри, немала сенки, бидејќи како што кажавме тоа не е создадена светлина, туку е несоздадена светлина. Ете, таа несоздадена светлина или Божја благодат за која говориме, ја примиле Светите пророци Мојсеј, Илија и Исаија, но исто така ја (по)примиле колку што можеле и учениците Христови Петар, Јаков и Јован, кои не можејќи целосно да ја поднесуваат таа светлина, паднале ничкум, зашто сеуште не биле исполнети со Светиот Дух. Ете, токму во тоа е и суштината на денешниот Празник дека пророците пророкувале не од себе, туку говореле од Светиот Дух.

Кога зборуваме за благодатта Божја, да се запрашаме како човекот ја задобива Божјата благодат?

Светиот Максим Исповедник дава објаснување како човекот ја задобива благодатта Божја. Тој дава пример со јагленот и вели дека јагленот, кој е црн и мислиме дека не може да се преобрази, кога ќе биде ставен во оган, огнот го гори и јагленот станува проѕирен, односно тој веќе не личи на онаа супстанца што била пред тоа, бидејќи  е во оган и како таков се појавува сè додека огнот не згасне.

Свети Серафим Саровски на Мотовилов му објаснива како е можно Светиот Дух, односно благодатта Божја, да се всели во глинени садови како што вели Свети апостол Павле.

Имено, во зимно време кога тие биле некаде во гората, Свети Серафим му вели на Мотовилов да дојде кај него и да погледне во неговото лице, а тој видел во неговото лице светлина. Па така , браќа и сестри, ние ја примаме Божествена светлина преку Светите Тајни, подвизи и молитви, и се преобразуваме, зависно од тоа колку сме се усовршиле. Она што е за нас најсвето, тоа е Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител. Бог нам ни дава дарови, а даровите, кои се неопходни за живот, се лебот и виното.

Тука на  Светиот Престол, се случува најголемото чудо т.е. лебот и виното, кои ние на Бога Му ги принесуваме, преку слегувањето на Светиот Дух, се претвораат во Телот и Крв Христови, ние кога нив ги примаме, во себе Го примаме Христа нашиот Бог и Спасител под вид на леб и вино, како вистинско Тело и вистинска Крв.

На прашањето на Мотовилов до Светиот Серафим Саровски: која е целата на животот на човекот? Свети Серафим рекол: „Здобивање на Светиот Дух“, односно да се задобие благодатта Божја, да се задобие оваа Светлина што на Светото Преображение се појавила пред тројцата Христови апостоли Петар, Јаков и Јован. Таа светлина, браќа и сестри, ние не можеме да ја задобиеме, ако не Го следиме Христа нашиот Бог и Спасител и не ги исполнуваме Неговите Свети Заповеди. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар