Унинието нека си унива – Игумен Нектариј Морозов

Од „обичното“ време после исповед, поточно – откако веќе завршила исповедта:

– Зошто сте натажен? Во униние ли сте?

– Во униние сум, оче. Многу.

– Зошто така?

– Од една страна не е ништо страшно, но околностите се такви..!                 Во работата не успевам да го направам, она што сакам. Имам чувство дека градам, а некаква зла сила разрушува сè. Дома постојано се караме за глупости, се измачив. Здравјето исто така не ми е многу добро, треба да почнам да спортувам, но никако да се организирам.

– Многу сте потиштен… Треба да се потрудите побрзо да излезете од таа состојба.

– Се обидувам! Постојано се чудам како да ја оправам работата, како да си ги подобрам односите со жена ми, како да најдам време за спорт… Но, ќе биде, ќе го направам!

Без никаков сомнеж, унинието е една од најстрашните и најразрушителни болести на човечката душа. Ако другите страсти, завладејувајќи со човекот, го тераат да посакува нешто, да се стреми кон нешто, и активираат различни процеси, унинието, без да го запира дејството на тие страсти, постепено го доведува човекот до потполно парализирање. Кој потпаднал под негово влијание, личи на цвеќе, покриено со непрониклив капак, лишено од светлина, воздух и вода, цвеќе кое венее и се суши.

И чудна работа: наспроти бессилноста, пустошот, предизвикан од унинието, човекот кој е во униние многу често и тешко греши. И од гревовите, нивната тежина и помислите за посмртната казна унинието само се зголемува. И така се влече во тој затворен, страшен круг, без да знае како да излезе и да се ослободи од него.

Притоа, една од главните грешки, колку и да звучи чудно, е токму тоа, споменатиот погоре стремеж „да променам сè“, поточно – гледањето на лекот во тоа: „промената на сè“ – е она, кое го тера да унива, кое го врзува човекот и промената на неговата душевна состојба. Изгледа логично, но…

Што да правиме, кога не можеме да ги промениме надворешните околности? Ако ги вложиш сите можни усилија, бараш решение, дури и молиш за помош од оние, кои можат да помогнат, и се молиш, се разбира, а сè останува по старо? Или уште полошо – ситуацијата воопшто, никако не зависи од тебе. Што тогаш? Да продолжиш да униваш, додека преуспеваш „во злото“?

Мислам, не, тоа не е правилно. Сите сили треба да се вложат не само во „решавањето на проблемот“, а пред сè, во борба со унинието. Победата над него – тоа е првостепената задача! Тогаш ќе се појават сили и за сè друго.

Лесно е да се каже, но не е лесно да се направи? Безусловно, како и сè, што се однесува на нашето спасение. Царството Божјо како се зема? Со сила. „И силните го грабаат“ (Мт. 11, 12). Човек може да нема сили да ги промени околностите, но секогаш може да го промени својот однос кон нив. Преподобен Антониј Велики вели: „Нека она,кое ти прилинува мака, стане извор на радост“. Звучи чудно, загадочно, парадоксално, нели? Сигурно… Но, христијанскиот поглед на животот, често изгледа парадоксален за човек од страна. А суштината тука, е токму во христијанскиот поглед.

Болен си и болеста не те напушта? Но, нели Господ ти ја испратил, за да се усовршиш во трпението, да преуспееш во христијанската храброст. Или таа мисла не е доволна да те утеши? Те притискаат неблагонамерни луѓе, те навредуваат, ти досадуваат, те гонат за ништо? Но, преку нив, зарем ти не стануваш поблизок со Оној, со Кого постапувале на истиот начин, а после тоа – дури и Го распнале? Не ти оди некоја работа, се мачиш, но ништо не излегува? А не ти текнало ли, дека Господ од некоја причина не ти помага, а напротив, те попречува, зашто на крајот на краиштата таа работа ќе ти донесе штета, а не полза? Ти се трудиш, се подвизуваш, за да се научиш да ги надминуваш искушенијата, да водиш вистински, приличен христијански живот, но постојано паѓаш и паѓаш? И те боли, се огорчуваш? Но, помисли: Господ го гледа и трудот твој, и ревноста, но ги допушта тие падови, за да… се смириш, зашто сака да те научи на најважната и највисоката добродетел.

Победата над унинието е дело на верата. Нејзина пројава, сведоштво за неа. Притоа, не е задолжително верата да е силна, голема – нека биде и само колку едно синапово зрно, само нека ја има. Духот на унинието се стреми да ја умртви, да го одземе од нас тој дар, зашто ја знае неговата сила. Не треба да отстапиме пред него во никој случај!

Треба да си претставиме сè што е најсветло, најрадосно пред погледот на нашиот ум, и да го воведеме во темнината на нашето срце: случаите на Божјата помош, примерите на Неговата милост кон нас; мислата за тоа, дека не секогаш сме биле толку неуспешни, како сега; увереноста, дека и ние ќе видиме светлина во тунелот. И задолжително да благодариме на Бога – за сè! Дури ако срцето не ни се откликнува, да благодариме само со уста. И уште – да правиме сè обратно на унинието, обратно на она, кое тоа го сака. И сигурно, самото ќе започне да паѓа во униние и ќе избега. Дури нема ни да забележиме како.

 

Извор: pravoslaven-sviat.org