Свети Спиридон Тримитундски Чудотворец

Житие на светиот Спиридон Чудотворец, епископ Тримитундски

Место на раѓањето и на службата на овој славен светител е островот Кипар. Роден е од прости родители, земјоделци, а и самиот беше и остана прост и смирен с ѐ до својата смрт. Во младоста се ожени и имаше деца. А кога умре жена му, тој сиот се предаде на служба на Бога. Заради неговото особено благочестие беше избран за епископ на градот Тримифунт. Но тој и како епископ не го измени својот прост начин на живеење и околу својата стока и обработката на земјата се трудеше самиот лично. За себе многу малку употребуваше од стекнатото, поголемиот дел им го раздаваше на бедните луѓе. Со Божјата сила покажа големи чуда: низведе дожд во време на суша, го запре текот на реката, воскресна неколку мртовци, го исцели царот Констанс од тешка болест, ги виде и ги слушна ангелите Божји, проѕираше во тајните на човечките срца, многумина обрати во вистинската вера итн. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и со своето просто но јасно исповедање на верата, како и со многубројните моќни чуда што ги изврши, голем број еретици ги врати во Православието. Беше облечен толку просто, што кога еднаш поканет од царот сакаше да влезе во царскиот дворец, војникот мислејќи дека е некој просјак му удри шлаканица. Кроткиот и незлоблив Спиридон му го заврти и другиот образ. Откако Го прослави Бога со многубројни чуда и на многумина им покористи поединечно, а и на целата Божја Црква, се упокои во Господ во 348 година. Неговите чудотворни мошти сега се на островот Крф и ден денес Го прославуваат Бога со многубројни чуда.

spiridon trimifundsky
Свети Спиридон Тримитундски Чудотворец

Молитва:

О, себлажен светителу Спиридоне, голем угодниче Христов и преславен чудотворче! Стоејќи на Небесата пред Престолот Божји со ангелските хорови, погледни со своето милостиво око на луѓето кои стојат пред тебе тука и ја бараат твојата силна помош. Измоли го благоутробието на Човекољубивиот Бог, да не нè осуди според нашите беззаконија, но и со нас да постапи по милоста Негова! Испроси ни од Христос нашиот Бог мирен и безметежен живот, здравје душевно и телесно, на земјата благполодност и во сè изобилие и благоденствие, и да не ги претвориме во зло добрата, подарени од штедриот Бог, туку во слава Негова и прославување на твоето застапништво! Избави ги сите кои со несомнена вера приоѓаат кон Бога од секакви беди душевни и телесни, од сите измачувања и ѓаволски напади! Биди утешител на тажните, лекар на немоќните, помошник во неволјите, на голите покровител, на вдовиците застапник, на сираците заштитник, на младенците хранител, на старите укрепител, на туѓинците патеводител, на оние што пловат управител и застапи со твојата крепка помош, за сите кои бараат сè што е полезно за спасение! За, со твоите молитви упатени и запазени, да стигнеме во вечниот покој и заедно со тебе да Го прославиме Бога, во Света Троица прославуваниот, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.