Денес, кога Светата Православна Црква го празнува споменот на Свети Јован Шангајски и Санфранциски Чудотворец, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, отслужи Света Архиерејска Божествена Литургија во храмот „Света Троица“ – Руска црква во Битола.
На Светата Литургија, Митрополитот г. Петар сослужуваше со протоерејот-ставрофор Никола Грамбизов и протоѓаконите Драган Ѓоргиевски и Константин Сековски.
Оваа година прославата на споменот на Свети Јован Шангајски беше дополнително збогатена со одбележувањето на 100-годишнината од осветувањето на храмот, еден значаен јубилеј кој сведочи за вековното молитвено присуство и духовниот живот во овој свет храм.
Во молитвена радост и благодарност кон Бога, верниот народ се собра да земе учество во Светата Литургија, прославувајќи го големиот светител на нашето време – Свети Јован Шангајски, и принесувајќи благодарност за благословот овој храм веќе цел еден век да биде место на молитва, утеха и духовно укрепување.
Нека по молитвите на Свети Јован Шангајски и Санфранциски Чудотворец, Господ излева изобилен благослов врз сите што со вера и љубов го посетуваат овој свет храм.









