Еднаш, еден од монасите – духовно чедо на старец Пајсиј – дошол во каливата на Чесниот Крст. Старецот се наоѓал во дворот на каливата и непрестајно, од сесрце повторувал: „Слава Тебе, Боже“. Тој ги повторувал тие зборови повторно и повторно, и обраќајќи се кон монахот гостин му рекол: „Вака на човек му станува непријатно – во добра смисла на зборот“. „Каков човек, старче?“ – „Јас мирно си седев во келијата, а таа дојде и ме извади од секојдневието. Добро си живеат таму, горе“. – „Старче, што зборувате?“ – „Ќе ти раскажам, само никому да не зборуваш за тоа“.
Одненадеж слушнав тропање на вратата и женски глас: „По молитвите на светите отци наши…“
И старецот го раскажа следното: „Неодамна, јас излегов во светот за едно прашање, кое се однесуваше на Црквата, и повторно се вратив на Света Гора. Во вторникот, околу десет часот изутрината, јас бев во келијата и ги читав часовите. Одненадеж слушнав тропање на вратата и женски глас: „По молитвите на светите отци наши…“
„Од каде на Света гора жена?“ – се зачудив јас, но истовремено, почувствував во срцето некаква Божествена сладост. Прашувам: „Кој е таму?“ Слушам одговор: „Ефимија“. – „Каква Ефимија? – си помислив. – Белким не е некоја луда, која се пресоблекла во машка облека и дошла на Света Гора? И што да правам?“ А таа пак тропа. Јас повторно прашувам: „Кој е таму?“ И таа повторно одговори: „Ефимија“. Јас не знаев што да правам, и не ја отварав вратата. А кога таа тропна по трет пат, вратата се отвори сама, иако однатре беше затворена со резе. Слушнав чекори во ходникот, излегов од келијата и видов пред мене жена со марама, слична на шал. Покрај неа стоеше некој, сличен на евангелистот Лука – но наеднаш некаде исчезна. Жената излачуваше светлина, и затоа, јас бев уверен дека тоа видение не е од лукавиот. Сепак, без оглед на тоа, ја прашав: „Која си ти?“ „Маченичка Ефимија“ – ми одговори таа. „Ако, – ѝ реков, – ти си маченичката Ефимија, да одиме, да ѝ се поклониме на Света Троица. Што ќе правам јас, ти повторувај по мене“. Јас влегов во храмот и направив земен поклон со зборовите: „Во името на Отецот“. Таа ги повтори тие зборови и направи земен поклон. „И Синот“, – реков јас. „И Синот“ – повтори таа со тенок глас. „Зборувај погласно, – реков јас, – да те слушам“, и таа ги повтори зборовите погласно.
Јас стоев во црквата, а таа – во ходникот. И поклони правеше не кон храмот, туку кон мојата келија. Отпрвин се зачудив, но потоа се сетив, дека над влезот од келијата, кај мене стоеше една малечка, залепена на штичка, икона од Света Троица. Кога се поклонивме и по третпат со зборовите: „И Светиот Дух“, јас реков: „Сега, јас тебе ќе ти се поклонам“. Јас ѝ се поклонив, ѝ ги бакнав нозете и челото, сметајќи дека ќе биде неприлично да ја бакнам на лицето.
После тоа, светителката седна на клупата. А јас – на сандакот, и таа ми го разреши едно црковно прашање, кое ме мачеше.
Потоа ми раскажа за својот живот. Јас знаев, дека во Црквата има светителка по име Ефимија, но не се сеќавав на нејзиното житие. Кога таа ми раскажуваше за нејзините измачувања за Христос, јас не само што слушав, но и како да ги гледав, доживував тие измачувања. Ме опфати трепет, ужас! Ах, какви сè маки преживеала!..
„Како ги издржа тие маки?“ – ја прашав јас. „Кога би знаела за тоа, во каква слава се наоѓаат светителите, би направила сè што е можно, да бидам подложена на уште поголеми маки“, – одговори таа.
После тој настан, јас три дена не можев ништо да правам: едноставно, скокав од радост и непрестајно го славословев Бога. Не можев ни да јадам, ништо, ништо… само славословие – непрестајно“.
Во едно од писмата, старецот вели: „Во сиот мој живот јас нема да можам да го отплатам мојот голем долг пред светата Ефимија, која – иако беше непозната за мене, и немајќи никакви обврски кон мене – ми направи толку голема чест…“
Раскажувајќи за тој настан, старецот со смирение додаваше: „Света Ефимија ми се јави, не затоа што бев достоен за тоа, но затоа што ме вознемируваше едно прашање, поврзано со состојбата на Црквата. А освен тоа, имаше уште две причини“.
Старецот бил поразен од тоа, што „светата – толку кревка, слабечка – како издржала толку страшни маки? Разбирливо е, ако беше крупна, силна жена… А таа – во што ли се држела нејзината душа“.
Наоѓајќи се во состојба на таква рајска радост, старецот составил во чест на света Ефимија стихира (подобна на „Со какви пофални венци…“) :
„Со какви пофални венци да те прославиме Ефимијо, која одозгора слезе и го посети окајаниот монах, што на Капсала живееше. Трипати во вратата негова тропна, и четвртиот самата чудесно се отвори, и влегувајќи со небесна слава, Христова маченичке, се поклонивте заедно на Троицата Света“.
И екзапостилар (Подобен: „Учениците се собраа“):
„Великомаченичке славна Христова Ефимија, те љубам многу-многу, после Светата Панагија…)
Секако, старецот не ги составил овие стихири за литургиско користење. Тој дури не ги пеел ни во присуство на подалечни луѓе.
Без оглед на немањето желба да патува во светот, старецот, нарушувајќи ги своите правила, повторно заминал во Суроти, и раскажувајќи им за она што се случило на сестрите, ги направил сопричасници на својата небесна радост. Со помош и под раководство на старецот, сестрите нацртале икона на света Ефимија во оној вид, во кој му се јавила.
На парче челик, старецот своерачно изгравирал икона на света Ефимија и со помош на таа матрица правел дрвени иконки, пои потоа ги раздавал на поклониците во нејзина чест. При гравирањето на матрицата, старецот никако не успевал да ги направи прстите на левата рака на светителката. „Многу ми се смачи, да ѝ ја пресекувам раката, – раскажувал старецот, – но потоа вклучив добра помисла: „Можеби, тоа е затоа што и јас бедниот ја измачив со моите „проверки“.
Во Минејот, под 27-ми февруари, старецот потпишал: „†Света ЕФимија!!!!!!“
Јеромонах Исак, Житие на старец Пајсиј Светогорец, Света Гора, 2006. Стр. 220-224.