Живеј го својот живот вистински – отец Андреј Конанос

Живот без смисла и цел. Така секој ден ги оценуваш деновите кои си ги проживеал. Се мачиш со саати, се уморуваш, се досадуваш, старееш пред време. Сето тоа доброволно си го сугерираш себе си. Постои решение, постои излез! Исполни го својот живот со убавина, своето дружење, својот дом, својата работа. Менувај се. Барај го она што не те задоволува и подобрувај го. Не повлекувајќи се, не предавајќи се и не жалејќи се постојано.

Вообичаено, не го живееш својот живот, туку животот кој ти го наметнуваат другите: родителите, друштвото, политичарите, педагозите и свештениците. Несвесно се сложуваш со стекнатото воспитување, ни трошка не трудејќи се, живеејќи без напор, без жртва. И твоето срце го обзема длабока тага. А сето тоа е заради тоа што си заборавил дека пожртвуваноста е најважната работа.

konanosРешението е следно: живеј со длабок стремеж на својата душа и своето срце. На тоа си повикан и даден ти е талент тоа да го овоплотиш.

Христос дојде на земјата за да ги оживее и воскресне нашите срца и нашите очекувања, а не за да нè умртви. Дојде да ја искорени нашата лага, а не радоста од нашиот живот. Со Христовиот глас кој звучи во тебе, твојот живот станува поубав, помирен и порадосен.

Ако се мачиш, пронајди го она кон кое тежнееш и спроведи го тоа во животот! Ништо од следново: самопознанието, искреноста, смелоста, промената, покајанието – не бидува без болка. Ама веќе нема да се навраќаш на бедното минато, туку напротив, ќе почнеш да живееш во убавата иднина.

Често не го живееме својот живот. Затоа се мачиме и исцрпуваме.

Една девојка станала фризерка и била среќна. Тоа е она за коешто сонувала. А некоја друга студира медицина, ама се мачи, поради тоа, што тоа не е нејзина желба. Имала погрешен пристап кон одбраниот пат.

А ти, не плаши се да се радуваш. Доволно е, сè да правиш со благодарење кон Бога. Не плаши се да бидеш среќен. И да живееш и да твориш да би се радувал! Внеси ги славата и убавината Божја во својот дом, во дружењето, во професијата: сè прави бодро, живеј вистински. Барај го патот на исправување и промена, во секој случај, немој залудно да го трошиш времето, живеј вдахновено, радосно, со благодарење, славејќи го Бог.

Превод: Бланка Тасламическа Трајкоска

Извор: https://www.bastabalkana.com