Поезија чиста, лесна и убава како пердув од лебед – проф. д-р Владимир Мартиновски

Може ли некој да биде рамнодушен при средба со лебед?

Тешко е да се замисли срце што не го менува ритамот,

што не се раскрилува во близина на лебедовата кроткост, смиреност, прозрачност.

20180225_194525[1]

Поетската книга Лебедот е драгоцена и ретка книга, бидејќи смирено и неусилено  го менува нашиот мисловен и емотивен пулс. Книга што лебедовски кротко ни отвора нови духовни хоризонти.

Една од најголемите уметнички предизвици на духовната поезија е како да се говори за духовните искуства, кои тешко се доловуваат со помош на речта: кога се говори премалку се ризикува да не се пренесе вистинското чувство, а кога се глаголи премногу – да се има чувство дека се сквернави и се поедноставува сакралното искуство. Затоа, не нѐ изненадува што во оваа прекрасна ризница духовна поезија настаната од перата на жителите на манастирот „Свети Атанасиј Велики“ во Журче ги среќаваме следниве стихови: Како да доловиш / а без да објасниш. Имено, надоврзувајќи се на бисерите на христијанската духовна поезија, монашката уметничка интуиција настојува (и успева) во поезијата да навестува и да доловува, без да се впушта во непотребни објаснувања.

Ослободена од замките на допадливоста и од невидливото бреме на авторската суета, оваа поезија е полесна од пердув на лебед, но за неа би можело да се каже токму тоа што е кажано за моќта на сакралната уметност на иконата: Само таа мана нема, / не е нечија смена, / поглед за оној кој се надева, / благодат преку неа се налева. Прекрасната поетска дефиниција за иконата, понудена токму во песната „Икона“, (Проста простота, / едноставна едноставност, / љубов со убост – / потсетник на Вечност), како да ја доловува и суштината на поезијата поместена меѓу кориците на оваа книга: поетскиот глас е топол, скромен, едноставен, прост (во убавата смисла на зборот) и човечен, поклонички настроен кон „љубовта со убоста“.

vladimir-martinovski1

Инвокациските стихови (Зборувај место мене, / твори постојано од Себе), ни откриваат дека оваа поезија едновремено го опева и Изворот на своето постоење: Близок, / за Таков те знам / и така Име Ти изговарам, / срамежливо, испрекинато, / дрзок да не бидам. Испеани со молитвен тон, овие современи псалми се всушност химни за вечната Љубов: Докажа – Твојата љубов / не чека нашата да се потполни, / туку од искона – до крај на веков / со Неа сакаш срцето да ни се наполни. Ползувајќи инвентивни и мошне сликовити споредби, аналогии и метафори, секоја нова песна од оваа книга нѐ враќа кон изворот: Човек не може сам – да разбереме, / водата не тече без својот извор. Оттука, повеќе од очигледно е дека оваа поезија е длабоко дијалогична и полифонична: поетските гласови настојуваат да најдат решенија за човековата осаменост и отуѓеност во голем број песни, потсетувајќи дека Слични едни на други ќе бидеме / кога по ист Пат ќе одиме.

Соочувајќи нѐ со тешкотиите, премрежињата и стапиците на Патот, овие песни сосема природно впловуваат во водите на молитвената надеж: подигни волја падната / до престолот на верата („Погледни ангеле“), или, О, дену мој,  / кој почнуваш со будење, / упати ме на Оној / кој во секој час за мене е каење, / будење и осознавање. („Разбуди се“), или, Не постои зло околу нас, / освен ако сами не го создадеме, / сѐ е случка на нашиот раст, / во дивови да пораснеме. („Потврда“). Поетските слики од оваа книга нѐ постсетуваат колку е драгоцено секое човечко духовно патување и воздигнување, засведочено преку поезијата: Ќе ги паметиш ли небо моите зборови, / ќе ги впиеш ли небо моите мисли, / ги слушна ли свету моите воздишки, / ги понесе ли ветру моите чекори?

Патот има смисла ако духовно го менува и го облагородува патникот. Затоа, песните од Лебедот во себе имаат една силна философска (т.е. мудрољубива) нишка; речиси во секоја песна наидуваме на рефлексивни проблесоци, афористични и гномични стихови, кои можат да се издвојат и како самостојни мисли и согледби, како, на пример: Ноќта не се препознава себеси / додека не го види денот, или, кога главата е преоптоварена / низ неа виорат секакви ветришта. Напомнувајќи дека Небесната Татковина / е извор на нашата топлина, оваа поезија блика со својата топлина и светлина, (дури и во темнина – / внатрешност со Тебе е осветлена), како и со својата храброст и непоколебливост: Не, не се откажувам / сѐ додека здив не испуштам, / на Твои полиња ќе работам / ваков, никаков, таму ќе Те чекам. / Духу на Вистината

Токму затоа, в раце држиме книга која никако не може да нѐ остави рамнодушни.

Книга возбудлива, незаборавна и драгоцена како средба со лебед.

(Рецензија за книгата Манастирски води – Лебедот)

Владимир Мартиновски