Свети Кипријан Слепченски

Синаксар

Во 17от/30от ден од месецот Април спомен празнуваме на светиот свештеномаченик Кипријан, игумен на славната Слепченска обител на чесниот Претеча, кој пострада во оган од нечестивите Агарјани во 1780 г.

Во времето кога заради гревовите човечки, Бог допушти Исмаилќаните да завладеат со Балканските земји, една група од нивни арамии ја нападна славната Слепченска обител на чесниот Претеча на Велики четврток во 1780 г. Притоа свирепо го мачеа игуменот Кипријан и го гореа по целото тело, а тој, пак, поткрепен од Христа храбро застана како столб и поткрепа на доверената му обител, одбивајќи да отстапи пред заканите на иноверните. Оставајќи го полумртов, разбојниците зедоа сè што беше вредно во манастирот. Храбриот, пак, Кипријан по тридневното страдање, замина при Христа на денот на Неговото славно тридневно воскресение.

Тропар, глас 3ти: На божествената вера…

Велик ревнител за православието,* и нов маченик на Христа Бога,* се покажа мудар Кипријане,* заблудата агарина презирајќи ја,* и сите страдања машки ги претрпе.* Оче преподобен Христа Бога моли Го,* да ни дарува милост голема.

Кондак, глас 8ми: Тебе, Богородице…

Со бденија и подвиг добро утврден,* од лути маки, оче, не се исплаши,* но посака да пострадаш ти за Господа* и верните на Мухамед ги посрами* и од огнот раце кон Бога подигна, затоа пееме: Радувај се Кипријане преподобен.

 

(Извадок од книгата: Свети Кипријан Слепченски – Житие, богослужба, акатист)

Подготви: м-р Виктор Недески