Света Архиерејска Литургија во манастирот Свети Великомаченик Димитриј, во село Селце

На 14.06.2025 г., кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Јустин Философ, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Епископот Велички Никола, игуменот Мојсеј (Тодоровски), протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Кирил Донев, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот  „Свети Великомаченик Димитриј“ во село Селце, Прилеп.

На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, во игумен го ракопроизведе еромонахот Мојсеј (Тодоровски).

Надлежниот епархиски архиереј треба да ја чуе и волјата на присутните во манастирите – таму каде што има поголеми братства и сестринства. А таму каде што ги нема, треба да се слушне гласот на верниот народ кој се собира во Божјиот храм. Овие присутни треба да ја потврдат согласноста со волјата на архиерејот – дали лицето што се предлага за чин е навистина достојно за истиот.

Најнапред, да кажеме неколку зборови за еромонахот Мојсеј. Во време на искушенија за нашата Црква, се појави една парацрковна организација што привлече мала група свештеници и верници. Но, по Божја волја, кога Српската Православна Црква конечно донесе одлука – гледајќи го подвигот на нашата Света Црква, нејзините страдања и искушенија, и особено фактот дека никогаш, во ниту еден период на изолација, не направивме никаква штета на Црквата, ниту пак поддржувавме парацрковни организации – нешто што, за жал, се случувало во други прилики со други Цркви, Светиот Дух преовлада во Соборот на архиереите на Српската Православна Црква.

По разговорите меѓу комисиите на двете Цркви, се констатира дека е дојдено времето нашата Црква да се стекне со автокефалност. Тоа беше во согласност со светите канони, но и со одлуките на десетте точки донесени во Шамбези, каде што е утврдено дека Мајката Црква најпрво го издава томосот за автокефалност, кој потоа се испраќа до другите поместни православни Цркви, почнувајќи од Вселенската Патријаршија, која треба да го прифати. Се разбира, и Вселенската Патријаршија има право да издаде томос за автокефалност, што не е спорно ниту за СПЦ, ниту за било која друга Црква. Но, не смее да се игнорира она што веќе го издала Мајката Црква – во конкретниот случај, Српската Православна Црква.

Одлуките на Синодот на нашата Света Црква во пленарен состав, како и одлуките на Синодот на СПЦ и Соборот на архиереите, беа пресудни за конечното доделување на автокефалноста. Потоа, за парацрковната организација за која станува збор, беше речено дека и епископите, и свештенството, и монаштвото, како и една помала група верници што ѝ припаѓаа, треба да се приклучат кон Мајката Црква – кон Македонската Православна Црква – и да се вратат во единство со неа.

Во тој контекст, ние, браќа и сестри, со радост ги примивме и архиереите, и монаштвото, и свештенството, и тие верници. Но, во оваа прилика сакам особено да нагласам дека од сите нив, најголема зрелост во приклучувањето кон нашата Света Црква и во покајничкото прифаќање на единството покажа еромонахот Мојсеј, кој денес го произведуваме во игуменски чин.

Тој целосно ѝ се приклучи на нашата Света Црква, како што и доликува на луѓе што се враќаат во единство со неа. Особено нагласувам дека тој се покажа пред сите останати – и пред митрополитот, и пред епископите на таа поранешна парацрковна организација – со својата смелост и достоинство. Тој прв го врати на располагање имотот кој претходно се наоѓал надвор од Единството на Црквата – метохот во Старо Лагово.

Заради сето тоа, и за неговото достоинствено приклучување кон нашата Света Црква, со пример кој, ќе повторам, не го следеа ниту другите епископи кои сè уште не ги вратиле имотите, најдовме за потребно да го произведеме во игуменски чин во Светата Обител, во која и досега пребиваше, а од денес ќе биде нејзин игумен.

И затоа прашуваме: дали е достоен за чинот што денес му го доделуваме?

Достоен!