Едно момче верник се свршилo за една девојка, која може да се каже, била сосем рамнодушна кон верата. Тој отишол при старецот за совет. Отец Порфириј веќе се нашол пред готов факт, го видел недостатокот на невестата и му рекол на младичот:
„Сега напред до светоста. За тебе друг пат нема. Бори се за тоа и секој ден приближувај се до својата цел. Твојата сопруга, гледајќи како лицето ти сјае од Христовата Радост, ќе ти позавиди и ќе сака да те подражава“.
* * *
За разрешувањето на секој проблем, старецот секогаш го наоѓаше најдобриот резултат.
Еден мој познаник го посвршија за една девојка. Само што тој не можеше да се реши на тоа, затоа што во својата идна невеста гледаше сериозни недостатоци. Јас го посоветував да отиде кај отец Порфириј. Старецот „гледајќи ги“, му ги кажал сите недостатоци на невестата. На крајот на беседата, тој мистериозно кажал:
– Но, при сето ова, ти можеш да се ожениш за неа.
– Како може, старче? – прашал младиот човек.
– Со нејзиното своеволие ти ќе се осветиш, а преку тебе и таа.
Старецот со тоа сакаше да каже, дека ако тој се ожени за неа, треба да се усовршува во трпението, снисходителноста, разбирањето, простувањето и воопшто во секоја добродетел, додека не достигне светост. Слушајќи го тоа, младиот човек се откажал од свршувачката. Тој не можел да се реши да оди до светоста по таков пат.
* * *
Благодарение на даровите добиени од Бога, отец Порфириј знаеше како да се постави во секоја конкретна ситуација. На една омажена жена тој ѝ рекол:„Молчи и ништо не зборувај, кога на мажот ти му е тешко. Моли се за него, и замоли и други да се молат за него. Инаку само ќе си ги влошите односите. Ако не најде радост и топлина во тебе, тој ќе започне да бара на други места“. Секој пат, согласно конкретната ситуација, тој даваше јасен совет како да се постапи, за да се зачува мирот во семејството.
* * *
Жената на еден лакар-трауматолог била во очајание, зашто нејзиниот сопруг станал зависник од лоша навика. После работа, од болница право одел во кафани и се враќал секој ден на полноќ, оставајќи ги сопругата и децата сами. Така, тие речиси не го гледале. Таа се бунела, го карала, а тој како одговорот на тоа се враќал уште покасно. Положбата изгледала безизлезна.
Кога научила за Отец Порфириј, несреќната жена побрзала да отиде при него. Кога дошла во Калисија, старецот не бил во добро здравје, бил доста изнемоштен и не можел повеќе да прима посетители. Многу народ чекало на улицата. Дознавајќи дека отецот престанал да прима посетители, жената многу се огорчила. Таа прашала еден мој познаник, кој што го познавал нејзиното семејство, што да направи. Тој ја посоветувал, едноставно да помине да земе благослов од старецот, уверувајќи ја дека и самиот благослов ќе ѝ направи чудо. Жената со трепет се приближила до келијата на отец Порфириј. Уште не искачена по скалите, чула глас: „А ти влези тука“. Отец Порфириј ѝ ја почувствувал маката и расудил дека тој случај не трпи одложување. На семејството требало да се помогне. Не обрнувајќи внимание на својата слабост, тој ја примил жената.
Кога посетителката излегла од келијата на старецот лицето ѝ светело од радост. Таа ни раскажа:
„Отец Порфириј ми откри сè. Тој ми рече: Јас ги гледам неговите недостатоци. Тој добил комплекс. Па затоа до касно се заседува во кафаните, за да заборави на сè. Ти постојано му викаш и тој не сака да се врати дома. Колку повеќе му викаш, толку покасно се прибира. Сега, ти ќе постапуваш обратно. Колку повеќе тој се задоцнува, толку повеќе ти ќе се молиш за него, ќе го љубиш и ќе му услужуваш. Тогаш тој, малку по малку, ќе почне да се менува, сè повеќе ќе почне да го влечи домот, жената, децата, и твојот проблем ќе се разреши. Јас како да се разбудив од кошмарен сон. Колку сум била глупава. Со своите скандали, јас едвај не го разрушив своето семејство и не го разбирав тоа“.
Жената точно се раководела по советите на старецот, и за скоро време го вратила својот сопруг во семејството.
ПРОДОЛЖУВА
Превод: Андреј Талевски