Љубете ги непријателите ваши

Наместо да ги мразиме оние кои ни згрешиле, ние треба да ги сакаме, и својата љубов ја изразуваме благословувајќи ги и молејќи се за нив. Ние го правиме ова затоа што ни е заповедано да го правиме тоа од страна на Христос. Тој ни го заповеда тоа за наше добро, за наше спасение, затоа што Тој нè љуби; и ние го правиме тоа за Него, затоа што го љубиме. Нашата падната природа се бунтува против ова: “Што? Да го благословувам и да се молам за лицето што ми згреши?“

Но, заради Христа, ние одиме против нашата падната природа, и се принудуваме да се молиме. Бараме Бог да го благослови и да има милост над личноста која ни наштети, му посакуваме добри работи нему, го сакаме неговото спасение, како што нашиот Господ го сака неговото спасение. На овој начин, ние почнуваме да стануваме слични на Бог, Кој, според зборовите Христови, е благ кон неблагодарните и злите (Лука 6:35). Одејќи против нашата падната природа, се враќаме на нашата првобитна природа – Божјиот образ во нас, и растеме во подобие Божјо.

 Јеромонах Дамаскин

Превод: Дамјан Божиновски