На 20.09.2026 година, во Шеснаесеттата недела по Педесетница, кога Светата Православна Црква го празнува споменот на Светата преподобна Касијана, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Атанас Лажовски и ѓаконот Крсте Атанасов, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“ во Довлеџик.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ молитвено учествуваше во богослужението и се причести со Светите Христови Тајни, примајќи го Телото и Крвта Христови за духовно укрепување и спасение.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
„Кој има уши да чуе, нека чуе!“
Овие беа последните зборови од литургиското Свето Евангелие, браќа и сестри, откако Христос Спасителот ја кажал параболата што ја слушнавме: дека еден човек ги повикал своите слуги и на едниот му дал пет таланти, на другиот два, а на третиот еден талант. Оној што ги добил петте таланти, сработил и спечалил уште пет; оној што добил два, спечалил уште два; а оној што добил еден талант, го зел талантот, го закопал во земјата, а господарот заминал.
Кога господарот се вратил за да побара сметка од оние на кои им ги дал талантите, првиот му рекол: „Господаре, ти ми даде пет таланти; јас ги употребив и работев со нив и спечалив уште пет. Еве, сега се десет“. А господарот му рекол: „Добро, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар“.
Истото му го кажал и на оној што добил два таланти.
А оној што имал еден талант му рекол на господарот: „Господаре, знаев дека си жесток човек: жнееш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел. Затоа се уплашив, го зедов талантот од тебе и го закопав во земјата. Еве ти го твоето“.
А нему господарот му рекол: „Лукав и мрзлив слуго! Бидејќи си знаел дека жнеам каде што не сум сеел и собирам каде што не сум веел, требаше мојот талант да го дадеш на банкарите, па кога ќе се вратев, ќе го примев своето со добивка“. Затоа рекол да му го земат талантот, а лошиот слуга да го фрлат во крајната темнина.
Оваа парабола, браќа и сестри, има свое преносно значење. Господарот што им ги дава талантите на своите слуги, всушност, е Самиот Господ Бог. Сè што имаме ни е дадено од Бога, а особено дарбите што ни ги дал. Ние треба да ги умножиме и со тоа да покажеме дека сме биле вредни и работливи. За тоа ќе добиеме и соодветна награда.
Доколку ние тоа не го направиме, тогаш ќе следува казна за нашето неработење. И не случајно нашиот македонски православен народ има една поговорка која вели: „Подобро бадијала, без пари и без добивка да работиш, отколку да не работиш и да лежиш“.
Зашто, кога не работиме, кога лежиме, тогаш сме во разговор со сатаната, со ѓаволот, а тој ќе нè научи на многу лоши работи. Како што, еве, се случило со оној што имал само еден талант, добиен од својот господар, а не го умножил поради својата мрзеливост.
Кај луѓето што се мрзеливи и завидливи, браќа и сестри, присутни се сите пороци. Речиси нема порок што не е присутен кај мрзеливите и неработливите луѓе.
Затоа треба да размислиме што значи најнапред овој човек, овој господар, кој во параболата, всушност, е Самиот Бог, Кој ни ги дал дарбите со кои треба да сработиме нешто, да направиме добри дела и да го спечалиме Царството Небесно уште тука, на земјата. Зашто само тука можеме да го спечалиме, никаде на друго место.
Неговото отсуство, односно заминувањето на господарот, означува дека ние не Го гледаме Бога, односно дека честопати не сакаме да мислиме на Бога. Постојано живееме како Господ да не постои, бидејќи сме заборавиле дека сме создадени од Бога.
Господ нè создал, како што ги создал и првите луѓе, Адам и Ева, и ги поставил во Рајот и им рекол да работат. Тие ја обработувале земјата, а таа им давала изобилни плодови и сè што им било потребно.
А и Самиот Бог вели дека Он работи.
Христос, нашиот Бог и Спасител, работел кај Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица, кој бил дрводелец. И Господ Исус Христос се научил на дрводелскиот занает. Според Преданието, се смета дека меѓу она што го изработувале биле ралата и јаремите. Ралото, всушност, е орудие со кое некогаш се орала земјата. Старите рала биле направени од дрво, слично на плуговите што подоцна биле изработувани од железо. За да се ора со ралото, биле потребни волови, кои се впрегнувале во јарем. И токму такви работи изработувал Господ Исус Христос додека престојувал кај Јосиф.
Господ Христос затоа и рекол: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам“.
А што значи тоа?
Тоа значи дека Бог Троичниот – Отецот, Синот и Светиот Дух – Кој е љубов, како што читаме во Светото Писмо кај Светиот Јован Богослов, ученикот кого Господ Исус Христос го љубел, е совршена љубов. Свети Јован Богослов вели: „Бог е љубов“.
Отецот Го љуби Синот и Светиот Дух, Синот Го љуби Отецот и Светиот Дух, а Светиот Дух Ги љуби Отецот и Синот. Таму има совршена љубов, непрестајна љубов, љубов без крај.
Затоа е кажано дека за љубов треба да има најмалку двајца. Не може да има љубов ако постои само еден, бидејќи тогаш тоа нема да биде љубов кон другиот, туку самољубие – суштеството само себеси да се сака и да се љуби.
Ете, Бог Троичниот, од преголема љубов, не останал само во љубовта на Отецот, Синот и Светиот Дух, туку од преголема љубов го создал светот – видливиот и невидливиот. Од невидливиот, духовен свет ги создал ангелите, а од видливиот – материјалниот свет. И како круна на сè што е создадено, го создал човекот и го поставил да биде цар на земјата и да управува со неа.
Ете колку е голема љубовта на Троичниот Бог, браќа и сестри!
Па кој поголем пример може да ни биде даден од Самиот Бог – пример за љубовта, за работата, за создавањето и за творењето?
Светиот апостол Павле вели: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“.
Што значи тоа?
На луѓето што не сакаат да работат, не треба да им се даде да јадат. А некој, пак, ќе рече: „Па како сега? Што со оној што е немоќен и не може да работи?“
Сите ние, браќа и сестри, сме повикани да работиме. Тие што не можат да работат со рацете, ќе работат со умот, ќе работат со срцето, ќе работат со чувствата, ќе читаат, ќе се образуваат, ќе даваат совети на оние што тргнале по лош пат и, на тој начин, можеби ќе сработат и повеќе од оние што се физички посилни и способни за телесна работа.
Значи, работењето не се однесува само на физичката работа. Ние треба да работиме во секој поглед. Тоа е најбитното.
А за да го заслужиме Царството Небесно, три работи се особено важни.
Прво, треба да мислиме на Бога. Богомислието значи постојано во мислите и во умот да Го имаме Бога. Зошто?
Кога еден од закониците Го прашал Христа Спасителот која е најголемата заповед, Христос Спасителот му рекол: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сета своја душа, со сиот свој ум и со сето свое срце, а ближниот свој како себеси“.
Толку Го љубиме Бога колку што мислиме на Него. Кога Бог ни е секогаш во мислите, ние Го љубиме Бога. Го љубиме и кога Го посакуваме, кога Го чувствуваме во нашето срце, кога имаме чисто срце во кое нема ништо друго што го зазема Божјото место.
Таков бил Свети Игнатиј Богоносец. Кога маченички пострадал во Рим, во онаа голема арена каде што христијаните биле фрлани пред дивите животни, пред лавовите и другите ѕверови, за да бидат растргнати и изедени, според преданието, кога телото на Свети Игнатиј било растргнато, останало неговото срце.
Свети Игнатиј Го љубел Бога. Затоа е наречен Богоносец – оној што Го носи Бога во своето срце.
Понатаму, ние треба да Го бараме Бога.
Оние луѓе што заборавиле дека постои Бог не треба да чекаат да им се случи нешто лошо, па дури тогаш да Го побараат Бога. Не треба само кога ќе се најдеме во мака, во теснотија, во лоша состојба, кога ќе се разболиме или кога некој од нашите блиски ќе се разболи, кога некој од најблиските – дедо или баба, татко или мајка, брат или сестра, или некое од децата – ќе почине, дури тогаш да Го бараме Бога. Не, браќа и сестри!
Бога треба секогаш да Го имаме и во мислите и во срцата. А ако понекогаш почувствуваме дека сме се оддалечиле од Него, тогаш треба повторно да Го бараме.
Барањето на Бога значи да Го видиме Бога и преку творенијата што ги создал. Бог го создал сонцето, ги создал планетите и ѕвездите, планините, реките, морињата, животните, рибите и сè што постои.
Ете, преку Неговото создание можеме да Го видиме Бога како Создател.
Но, исто така, браќа и сестри, Бога треба да Го бараме и да Го најдеме кај нас, внатре во нас.
Христос Спасителот вели дека стои пред вратата, а таа врата е нашето срце, и постојано чука за да Му отвориме и да влезе.
Оној што ќе Го препознае Бога, кој ќе разбере дека Христос Спасителот чука на вратата на неговото срце, и ќе Му го отвори срцето, во него ќе влезе Христос. А со Него доаѓаат и Отецот и Светиот Дух. Како што вели Светото Писмо, ќе вечераат со него, а тој со Нив.
Тоа, исто така, нè потсетува дека оние што се подготвиле за време на Божествената Литургија за примање на Светите Тајни, за Светата Евхаристија, за Причеста – Телото и Крвта на Христа, нашиот Спасител – тие Го примаат Бога, Синот Божји, Неговото Свето Тело и Неговата Света Крв. А каде што е Синот, таму се и Отецот и Светиот Дух.
Па така, браќа и сестри, треба да знаеме дека ние, луѓето, примаме различни дарови.
Можеме да погледнеме и на нашите раце и нозе. Прстите се различни, но секој прст, било на раката или на ногата, има своја задача. Она што го работи палецот не го работи малиот прст; она што го прави показалецот не го прави средниот прст, и така натаму.
Така и луѓето се различни и дарбите се различни, но секој треба со она што му е дадено да сработи нешто.
А на оние што не работат – тешко ним!
Како што рековме, подобро е човек да работи и без добивка, отколку да седи и воопшто да не работи.
Во врска со дарбите, кои се различни, еден познат учен човек вели: погледнете ги лисјата на дрвјата – ниту еден лист не е сосема еднаков со другиот лист.
Сите тие лисја – илјадници, милиони и милиони – се различни. Малку се разликуваат и по бојата, и по обликот, и по сè друго.
Но секој лист има своја задача, своја должност, свое назначување.
Ако природата, ако растенијата го исполнуваат назначувањето за кое Господ ги создал, ако тоа го прават и животните, колку повеќе треба тоа да го прави човекот!
Дарбите се различни, но ние треба да вложиме труд и не смееме дарбите да ги злоупотребуваме.
Еве, на пример, познатиот француски писател Анатол Франс, кој имал прекрасен дар да пишува. Но што пишувал? Пишувал и нешта што не служеле за духовна полза – за неморал, за нечесни и недостојни работи – и со тоа можел да ги соблазнува оние што го читале.
Па зар денес немаме такви писатели што пишуваат глупости, а нашите деца и возрасните, читајќи ги тие глупости, наместо да се насочуваат кон Царството Небесно, се оддалечуваат од него? Тие нема да влезат во радоста на својот Господар, како што вели денешната парабола, ако дарот што им е даден го употребуваат на погрешен начин.
Но имаме и еден друг пример, со еден наш познат научник.
Во една прилика гледав интервју со него на Македонската радио-телевизија. Се викаше Паскал Сотировски и потекнуваше од едно гостиварско село.
Во тоа време, по војната, имал дарба и желба да студира книжевност – македонска, југословенска и светска книжевност. Се јавил кај тогашниот секретар, што денес би одговарало на министер за образование, и му рекол:
„Јас сакам да студирам во странство, книжевност“.
А тој му рекол: „Не. Нам не ни требаат книжевници, нам ни требаат физичари. Ќе ти дадеме стипендија да студираш физика“.
А тој одговорил: „Но јас немам желба за тоа и немам талент“.
Му било кажано: „Или тоа, или ништо“.
И тој тогаш размислил и одлучил: „Добро. Иако немам желба и немам склоност кон физиката, ќе одам, бидејќи ми даваат стипендија“.
И отишол да студира на Сорбона, еден од најпрестижните универзитети на Запад. Толкав труд вложил – што народски се вели, „столот го загреал“ од учење – што станал врвен научник. Особено се занимавал со проучување на сончевите пеги, односно дамките на Сонцето.
Во Русија, на еден собир или натпревар на научници, добил заслужено признание како врвен научник од македонско потекло, кој својата научна дејност ја развивал во Франција.
И знаете што го прашале?
„Што мислите, кој е Вашиот врвен дострел во науката, или воопшто во животот? Кое е Вашето најголемо достигнување?“
Немојте да очекувате дека рекол: „Мојата докторска дисертација и моите научни достигнувања“. Не!
Тој рекол: „Мојот највисок дострел е тоа што сум оженет со Французинка, а ја научив да зборува совршено македонски, како мене, ако не и подобро. Ќерката ми се роди и неа ја научив прекрасно да зборува македонски, и тие се подобри Македонки од многу наши Македонки. Тоа е мојот врвен дострел“.
Гледате што кажал еден учен човек!
А денес, пак, имаме наши луѓе, таканаречени врвни интелектуалци, кои го предаваат своето име, својата нација, својот народ, својата земја, својата држава и сè наше македонско.
Еве прекрасен пример за еден човек од нашиот македонски род.
И така, во тој дух, да завршиме, браќа и сестри.
Постигнување во овој живот можеме да очекуваме само преку многу труд. Но никако да не заборавиме дека врвното наше достигнување, за да влеземе во радоста на Господарот, во Царството Небесно, е богомислието – секогаш со умот да бидеме со Бога, во умот секогаш да ни биде Бог и да мислиме на Бога, Кој нè создал, бидејќи од Него ни е даден животот и во Него е нашиот живот.
Исто така, треба да ги очистиме нашите срца, зашто е кажано во петтото блаженство: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога“.
Кој нема чисто срце, тој не може да Го види Бога.
И да не заборавиме: кога ќе помислиме дека Бог е далеку од нас, треба да Го бараме Бога.
А ќе Го најдеме насекаде.
Но најмногу ќе Го најдеме ако се потрудиме да Го побараме внатре во нас – во нашите души и во нашите срца.
Како што кажавме, Христос вели дека постојано стои на вратата на нашето срце, чука и чека некој од нас да Му го отвори срцето, за Он да влезе. Амин!









