Кој бил Исус? – Епископ Григорије (Дуриќ)

Кој бил Исус? Ова прашање го поставуваме едни на други повеќе од 20 векови. Како и секогаш, толкувањата и заклучоците се различни. Користејќи ја оваа прилика, ќе се обидам да дадам одговор на ова, навидум едноставно прашање.

Исус, на прв поглед, бил сосема и во сè обичен, едноставен, но над сè, смирен. Највпечатливи примери за неговото смирение се оние, кога Тој, на луѓето што го нарекуваат добар и благ им вели: зошто Ме нарекувате добар, никој не е добар освен едниот Бог (Мт. 19,17). Низ целиот Нов Завет, сите оние што му се обраќаат ги насочува кон Отецот. И така, сè до последниот момент на крстот. Него, во светот во кој што е опкружен, Го нарекуваат син на дрводелецот и тој на тоа никогаш не дава никаква забелешка. Кога апостол Петар го нарекува Син Божји, тој одговара дека на Петар тоа не му го откриле крв и месо, туку Отецот Негов, Кој е на небесата. Затоа, како најкраткиот одговор на прашањето кој е Исус, е: тој е Син Божји и Син Човечки.

Со ова, на обичните читатели не им е кажано доволно. Затоа ќе се обидам, до одговорот на поставеното прашање да дојдеме од друга страна, настојувајќи, спротивно од врежаните мислења, да кажам нешто и за тоа што не бил Исус.

Исус, пред сè, не бил припадник или член на ниту една ексклузивна групација. Тој не потекнувал од свештнички сталеж, ниту бил дел од храмот, во кој што свештениците принесувале жртви. Он, понатаму, не бил член на ниту една религиска заедница, кои што биле многу во Негово време, да ги спомнеме само фарисеите, садукеите, зилотите и др. Како некој што денес припаѓа на високиот ред на христијанското свештенство, морам да признаам дека оваа вистина ја произнесувам на површината со извесна непријатност. Знам дека многумина во овој момент негодуваат зборувајќи како Тој, Христос, се нарекува Архиереј, Првосвештеник. Тоа е вистина, тој навистина така се нарекува, но, за време на Својот живот на земјата, тој не припаѓал на свештеничкиот ред, и тоа е неспорен факт.

Од друга страна, Исус Христос не бил ниту монах. Иако во Негово време постоеле монашки заедници, и тоа баш на просторот каде што се движел, на брегот на Мртвото море, во ниту едно евангелие не е запишано дека Исус барем еднаш посетил некоја таква заедница. Тој ниту ги фалел, ниту ги напаѓал, ниту на било кого препорачувал да оди таму или да не оди, да им се придружи или не. Иако Исус не бил ниту зилот, ниту пак припаѓал на било која друга религиска секта од неговото време, вистина е дека помеѓу неговите ученици има припадници, кои му пристапиле од различни религиски групи – да се сетиме само на Симон Зилот, Јуда Искариотски и др.

Некој ќе каже дека Тој бил аскет, дека постел 40 ден. и тн. И тоа е точно, но тој победоносен подвиг го направил само еднаш во целиот Негов живот.  Не смееме да заборавиме на тоа, дека ревносните исполнувачи на  религискиот закон од негово време го нарекувале сластољубив и пијаница (Лк. 7,34), бидејќи влегувал во домовите на цариниците, фарисеите, грешниците и со нив јадел и пиел (Мк. 2,16). Дека извршителите на законот наоѓале повод за такви приговори, недвосмислено сведочат евангелијата.

Бидејќи со досега кажаното, сигурно ги разочарав типичните религиски следбеници, да кажам збор – два за политичката ориентација на Исус. Како што знаете, Тој живеел во времето на Римската империја. Не постои ниту еден збор, ниту еден гест со кој што Исус покажал бунт или негодување спрема политичарите на Римската империја. Едноставно тој не зборувал за нив, ниту било што правел против нив. Може да се каже дека спрема Римската империја бил едноставно индифирентен. Во секој случај, не припаѓал на оние што се бунтуваат против неа.

А кои биле вистинските политички бунтовници во негово време? Тоа се, на просторот каде што делувал Исус,  националните борци на еврејскиот народ, желни за слобода и независност – некој мешан вид на борци за слобода и придобивачи на материјална корист. Но Исус никогаш, со ниту еден дел од своето битие не им се придружил. Тој одел низ Светата Земја од Кана Галилејска до Витанија и им ги кажувал на народот возвишените и необични зборови: Блажени се сиромашните по дух… радувајте се и веселете се (Мт. 5), и правел чудесни дела, лекувал болни, простувал гревови, ослободувал луѓе од неволји. Но не бил приврзаник на ниту една политичка партија.

Од друга страна, по малку парадоксално, тој бил религиски бунтовник. Ги кршел поставените религиски правила, правел добро во сабота (во која што не смеело да се прави ништо, па ниту добро), го толкувал законот на свој начин. Со еден збор, бил слободен од законот, згора на тоа, бил над законот. На приговорите за таквите престапи одговарал бескомпромисно, оставајќи ги приговарачите во недоумица. Покрај сето тоа, Tој имал нешто, на што тие не можеле да се спротивстават. Го имал најмоќниот аргумент – вршел само дела на љубовта. И така, од ден во ден, било потешко да Го победат. На крајот, се замерил со банкарите и менувачите на пари, фрлајќи ги масите на банкарите пред храмот, истовремено замерувајќи се и со свештенството на храмот, кое на крајот не нашло ефикасен одговор на Исусовите дела, туку решиле да Го убијат. Меѓутоа, за таков (зло)чин им била потребна согласност од политичарите, т.е. римскиот намесник. А тој се поставил (како што обично се случува кога е во прашање политичката моќ) опортунистички т.е. се прилагодил на ситуацијата, ѝ угодил на толпата и се согласил со пресудата на првосвештениците Ана и Кајафа, Исус да биде распнат, иако, рака на срце, како што и Пилат рече: не наоѓам вина во него.

А коj бил дел од таа толпа народ? Толпата била составена од чуварите на верскиот закон, најревносните националисти и религиозни фанатици. Кој и како ја покренал таа толпа? Толпата која викала: распни го распни, најверојатно била покрената од тие што имале интерес (претходно спомнатите служители на храмот и околу него). Тие им објасниле на групата народ, дека Исус рекол ќе го сруши храмот, и што е најстрашно, дека Тој проповеда спасение на сите народи и покрај тоа, Царство, кое што нема да биде воспоставување на владеењето на Израилот. Веројатно прв се разочарал Јуда, а потоа и многу други, веќе спомнати. А потоа, без одолговлекување, организирале избор помеѓу Варава и Исус. Варава бил еден од бунтовниците, кого Рим го затворил поради вооружена побуна и отуѓување на материјални богатства. Варава, значи, политички бил апсолутно виновен, а покрај тоа веројатно и криминалец (бараба). Меѓутоа, како што кажавме, Пилат, во својата недоследност, под притисок на силната волја на мнозинството, го убива необично обичниот Исус, иако тоа утро, сопругата го молела да не учествува во пролевањето на крвта на Тој праведник. Но, тој од сè, само си ги мие рацете (познатото Пилатово миење на рацете).

Исус, меѓутоа, благословувајќи ги од крстот своите убијци, останува до крај доследен и верен на секој Свој збор покажувајќи уште еднаш дека само делата на љубовта се вечни. Тој, како и на почетокот, кога дошол меѓу нас пратен со ангелската песна, слава на Бога во висините, и на земјата мир меѓу луѓето добра волја, оддава слава на Бога и прави мир, одобрувајќи луѓето да ја негуваат љубовта помеѓу себе. Тоа го прави славен и до ден денешен и дародавец на Божествената топлина на нашите изладени срца, како што тогаш, со своето раѓање донел топлина во ладната пештера.

И на крај, нека Исус постојано ни носи топлина во срцето, особено за Божик, бидејќи Тој ги сака сите, и сега како и секогаш, грешниците и праведниците, оние во рудниците, болниците и затворите, од исток до запад, и од север и југ. Овој Божик треба усрдно да Го замолиме, со особена топлина да ги посети срцата на децата во Сирија, без разлика која религија се, бидејќи тие срца сеуште треперат од страв. Да, Тој тоа сигурно ќе го направи! А кој направил нивните срца да треперат од страв и студ? Да се сетиме на Ирод, кој барал да се убие Исус, убивајќи ги сите витлеемски деца до две години. Да се сетиме на свештениците, националните и верски фанатици, кои заедно со политичките актери, секогаш имаат оправдување за сè, бидејќи од тоа профитираат – ги мијат рацете од своите (не)дела. Потребно е да се запрашаме дали сме со Исус Кој умира, за да можеме ние да живееме или со оние кои убиваат за да можат да живеат?

Епископ Захумско-херцеговачки и приморски Григориј (Дуриќ)