Глупоста не е дефект на интелектот – Епископ Григорије

Браќа, по умот немојте да бидете како деца, за злото бидете младенци, а по умот совршени.

(1.Кор.14,20)

 

Од неодамна научив, дека глупоста можеби е поопасна за општеството и од самото зло, бидејќи злото доаѓа и заминува, се случува и исчезнува. На злото можеме да му се спротивставиме, можеме да го разобличиме, да им покажеме на другите дека дека се работи за зло и можеби веќе тогаш има надеж, дека некој храбар ќе му застане на патот.

Grigorije-750x480-750x450

Меѓутоа, глупоста не трпи совети, а притоа нејзиниот носител исполнет со себе и само(за)доволен, подготвен е секогаш и секаде за напад. Тој е готов бескрајно да ги повторува истите фрази, девизи и пароли. Тој сигурно не е философ кој разбира што е добро, а што зло; тој (станува) е мерило на сè, главен критичар на сè и сешто. По зборовите на теологот Дитрих Бонховер, глупоста не е дефект на интелектот туку дефект на човештвото, зашто несомнено е дека многу луѓе кои што се оптоварени со глупост имаат многу развиен интелект. За таа појава размислувал и големиот Андриќ, доаѓајќи до следниот заклучок:

Има таков тип на несреќен човек кој од раѓањето до смртта живее во заблуда, дека некако е повикан да се занимава со јавна работа, да исправи што е криво и да изведува на чистинка што е сплеткано, но всушност тој се занимава само со самиот себе и со своите матни амбиции, и со ништо повеќе и со ништо друго. Во кругот на тие свои работи тој вовлекува сè: идеи, движења, установи, јавни личности и скромни странци. Болувајќи од  фиксни идеи дека тој е во врска со сè што постои и дека сè на светот се однесува на него, тој ниже грешка на грешка и глупост на глупост. Но, убеден и упорен, тој тоа не го забележува. Секој чекор му е погрешен, зашто оди во обратен правец. И на штета е и досаден е на сѐ и на сите околу себе.“

(Од книгата Знаци покрај патот)

За оваа тема е пишувано уште во Стариот Завет, во кој на едно место се наведува дека ако на добриот му дадеме совет, ќе нè послуша, а на лошиот ништо не треба да му кажуваме, зашто ќе нè замрази (Приказни Соломонови 9,1-11). Ако сакаме да  ја избегнеме грешката на која нѐ предупредува премудриот Соломон, треба да тежнееме кон Стравот Божји како почеток на мудроста (Псалм 110). Со други зборови, да бидеме одговорни пред Бога, и ќе го пронајдеме патот кој води до надминување на глупоста.

Од сè споменато, се наметнува прашањето како всушност треба да се справиме со овој вид осудени и упорни луѓе? Уверен сум дека со секој човек, па и со оној кој го поседува наведениот дефект, треба да се постапува крајно благо, со љубов, бидејќи единствено љубовта и вниманието се надразумни и нѐ допираат во сржта на нашето битие. Меѓутоа, љубовта подразбира сериозна жртва, исполнета со милоста Божја, и како таква треба да биде ослободителна за оние за кои станува збор. Ако пак, не сте подготвени за таков подвиг, тогаш од наведенaта напаст отстранете се. Отстранете се на сите можни начини и пред сè, трудете се да избегнете било каква комуникација со такви луѓе, бидејќи тие на некој волшебен начин ќе ја зачинат со својата непоколеблива глупост, која сè знае и на сѐ има одговор. Таквите го игнорирале тоа познато евангелско тврдење кое вели дека единствено Бог е Вистина, бидејќи тие за себе мислат и велат: „Вистината, тоа сум јас“.

Според тоа, ако нашата љубов не го излекува тој личносен дефект, тогаш треба да се отстрануваме од луѓето кои го поседуваат. Во врска со тоа, уверен сум дека стомакот и лебот не се главните причини за егзодусот на паметните. Главна причина се свесните и потсвесни стравови од вака недобронамерните луѓе и отстранување од нивните глупости. Некој може да праша, зошто да одиме некаде на друго место, зарем не би било доволно да се отстрануваме од таквите луѓе овде и сега? За жал, проблемот произлегува од тоа, што таквите луѓе нема да се отстрануваат од вас, нема да ве остават на мир. Бидејќи, постојат краишта во кои е врежано сфаќањето дека глупоста треба да се игнорира и да не ѝ се дава сила, така што нејзе би ѝ се придавало какво било значење – многумина се засолнуваат во такви краишта, каде што се постигнати норми кои не ја хранат глупоста, не ја бранат и не ѝ даваат да делува. Интересно е, бегајќи од глупост, бегаат сите оние кои се макар и малку попаметни, без оглед на бојата на кожата, верата или нацијата, иако на тој начин некои од нив засекогаш се разделуваат од куќниот праг, од родниот крај и просторот на сопствениот јазик и предание. Меѓутоа, во тоа општо движење, покрај паметните, неретко одат и некои од оние за кои зборуваме, па така се наоѓаат внатре во општеството во кое никој не обраќа внимание на нивната глупост. Овој факт доведува до длабоки внатрешни потреси во нивното битие, и како последица од тоа, тие почнуваат да пукаат на луѓе и да ги газат. На таков трагичен исход денес сме често сведоци, макар и преку средствата за информирање. Секако не е исклучено ни тоа дека во новото опкружување ќе се здружат со своите истомисленици кои сигурно никаде не недостасуваат. Од сето ова, гледаме дека ни напредниот свет за вакви случаи нема решение, бидејќи очигледно е дека оние кои се заробени со глупоста добиле предност, па од ден во ден завладуваат нови простори. Само по себе се наметнува прашањето: кој им го допуштил тоа и зошто? Се плашам дека тие се во допир со оние кои имаат моќ тоа да им го допуштат. Со тоа, наместо стравот Божји како почеток на мудроста, ќе завладее стравот од луѓето како почеток на глупоста.

Размислувањето за оваа тема, ме потсети, меѓу другото, и на една приказна која одамна ја слушнав, а се однесува на дечанскиот игумен Јустин и тие веќе дамнешни времиња, седумдесеттите години на минатиот век. Имено, еднаш, едно момче, кое како сираче пораснало во Високо Дечани, го прашало старецот игумен зошто во манастирот не се обновува монаштвото и не доаѓаат нови луѓе, а дури и ако некој дојде, брзо се покажува дека е тврдоглав и дека не е при здрав разум. Се разбира дека имало и други причини за тоа, но игуменот преку шала му ја наведил на момчето оваа причина: „Па знаеш, синко, нема нови луѓе, бидејќи секој паметен отиде во Германија да работи“. Шегата, како што знаеме, секогаш е лекува, но често болно погаѓа во суштината на пробемот.

А сега, шегата на страна: што за мене како христијанин е суштествено во сето ова? Каде е тука Бог и зошто Он тоа го допушта? Мудирот поет би рекол: „Бог како Бог, молчи и гледа“. Можеби некои мислат дека Он како Бог треба нешто да направи. Но ние забораваме дека Он направи, ни го покажа патот живеејќи меѓу нас. Исус на глупоста на првосвештеникот и Пилат одговори со молчење. Ги поучуваше само оние кои сакаа да ги чујат неговите зборови и не се спротивставуваше на глупоста со сила. Се молеше на Отецот за оние кои го плукаа и распнаа, а со тоа го промени светот и со свесна жртва ја отвори вратата на новото време. Но, ние – прв јас меѓу вас – тоа Неговото учење го заборавивме. Сите ние всушност, можеме многу да научиме од Христовиот однос спрема другите луѓе, бидејќи навистина има безбројни прекрасни примери како, да речеме, оној кога Христос пишува по песокот прашувајќи ги оние кои држеле камења во рацете со намера да ја убијат жената грешница: „Кој е од вас без грев, прв нека фрли камен“. Иако меѓу нив несомнено имало и лоши луѓе, ве уверувам, дека немало ниту еден глуп човек, бидејќи тие, добро размислиле, и се откажале од својата намера. Христос глупоста, како и сите други човечки слабости ги лекувал со благи облоги, а современиот свет мисли дека тоа е можно со цивилизациските достигнувања и закони.

„Ѓаволот е интелегентен, така секогаш велат. Не, вистина е дека ѓаволот е исклучително глуп и неговата глупост и извор на неговата сила. Ако е интелегентен, не би бил ѓавол, одамна би се покајал и „ќе се посипел со пепел“. Да се подигнеш против Бога, пред сè е многу глупаво. Суштината на злото – суетата, зависта, омразата, желбата за слобода („да бидат како богови“) – доаѓа токму од глупоста…

Целиот паднат свет е глупост, вешт во досетки. Глупоста е измама, самоклевета. Ѓаволот е лажливец од почетокот. Тој вечно се лаже себе и другите. И неговите отровни лаги изгледаат интелегентно, воглавно зашто овозможуваат брзо задоволување… Може да се каже дека во паднатиот свет, глупоста е успешна бидејќи се облекла во интелегенција. Затоа Христијанството и Евангелието почнуваат со метаноија, преумување, менување на интелегенција, во буквално станување интелегентни. Затоа, на крајот на краиштата, застрашувачки е кога религијата, која Христос ја оживеа и ја исполни со светло на разумот и словесноста – logiki latreia – ја враќа глупоста назад. Најлошиот аспект на современата религија е новиот бунт против Логосот. Тоа во голема мера му служи на ѓаволот!

Суштината на верата не е порекнување на интелегенцијата („зашто е од ѓаволот“). Порекнувањето на интелегенцијата е најголемата и крајна победа на ѓаволот, триумф на глупоста. Суштината на верата е излекување на интелегенцијата и ослободување на интелегенцијата од илузијата на глупоста.“

о. Александар Шмеман

Мене пак ми се чини дека е потребно да се употреби и еден и друг лек, но ние за жал, како да сме изгубиле чекор со времето и не делуваме во ниту еден правец конкретно. Дури ми се чини дека поединци се радуваат што човечките слабости околу нас цветаат и се множат. Од друга страна, сведоци сме и на тоа дека некои ги прогласија нашите слабости и немоќи за пример на добра побожност. Во оваа прилика треба да се запрашаме дали Христос би ги лечел слабите и исцелувал болните ако тие слабости биле сами по себе добри и бенигни? Како и да е, во наше време – дали јавно или тајно, свесно или несвесно – на луѓето им се наметнуваат лоши примери на несреќни луѓе за образец, за пример, на што ние одговараме со молчење и бегство.

Со други зборови, ние не сме подготвени за жртва без која ниедно добро не е можно. Не е ли сето тоа, можеби знак на нашата целокупна слабост и немоќ наспроти мрачната и самоуверена глупост, која гази сè пред себе, не срамејќи се од ништо, бидејќи таа е секогаш во право!?

Епископ захумско – херцеговачки Григорије

 

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог