Недела на Сите Свети – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик

На 11.06.2023 г, во Неделата посветена на Сите Свети, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослушение на протоерејот Благој Стефановски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот  Синот и Светиот Дух!

„Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец Небесен, а кој ќе Ме исповеда Мене пред луѓето, и Јас ќе го исповедам него пред Мојот Отец Небесен“ (сп. Мат. 10, 32-33), вели Спасителот наш Господ Исус Христос во денешното Свето Евангелие, браќа и сестри.

Оваа прва недела по Духовден, која е посветена на Сите Свети, Светата Православна Црква си споменува за Сите Светители, кои Црквата ги каноницирала или признала за свети, но и оние, кои на Црквата Христова не и се познати дека се свети.

Кога говориме за светителството, ние знаеме дека светители имало и во Стариот и во Новиот Завет, но исто така светители има и денес во овие тешки времиња, кои се истакнале со својот духовен живот, со пост, молитви, подвизи и со силна вера и љубов кон Бога, кои живееле во согласност со Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци.

Од Светиот Апостол ние денес слушнавме дека светителите со својата вера победија царства и успеале да надвладеат над многу искушенија, страдајќи на различни начини. Некои од светителите со камења биле каненувани, други биле гонети и со меч убивани, некои својот живот го минувале во пустини, пештери, ридови и бездни, во големи маки и страдања. И старозаветните и новозаветните светители, имале силна вера во Христа нашиот Бог и Спасител, зашто во Стариот Завет, никој неможел да се спаси, ако не верувал во Месијата, а Месијата е Христос нашиот Спасител, Кој сеуште во Стариот Завет не бил јавен во тело, туку само како совршен Дух.

Ете, таков бил Синот Божји во Стариот Завет, а во Новиот Завет, по благоволението на Отецот, а во согласност со Мајката Божја, Пресвета Богородица, благоволил да прими човечко тело, еднакво во сè на нас луѓето, освен во гревот, да поживее со луѓето, да ни ја открие Верата во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а потоа и да пострада т.е. да биде биен, камшикуван, шамаран, плукан, трнов венец да Му стават на главата и неправедно да Го осудат на Крст, на најсрамното орудие во тоа време.

Браќа и сестри, не можат луѓето да се спасат, ако не веруваат во Бога. Верата е онаа сила, која луѓето ги прави да бидат чесни, достојни и одговорни. Верата во Христа нашиот Бог и Спасител, е Христочентрична. Христос нашиот Бог и Спасител вели: „Кој сака повеќе татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, куќи, ниви, богатство и сè друго во овој свет, не е достоен за Мене“ (Марко 10, 28–30). Само оние, кои сè друго ќе стават во втор план, а на прво место ќе Го имаат Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, само тие можат да очекуваат дека ќе се спасат, зашто спасението на човекот доаѓа преку верата во Христа нашиот Бог и Спасител. Но верата во Бога, несмее да биде формална вера, како што некои велат: „Јас верувам во Бога“. Тоа е само израз и кажување со устата. Нашата вера треба да биде исполнета со добри дела. Само таквата вера, е вистинска вера. Во однос на љубовта кон Бога, таа треба да биде на прво место, зашто на прашањето на еден богат законик до Христа Спасител: „Која е најголема заповед од сите заповеди“, Христос Спасителот рекол: „Првата и најголема Заповед е: Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27). Од овие две заповеди, првата е најголема, а втората кон ближниот, е слична на неа. Тие се најголемите заповеди, а оној кои нив ќе ги исполни, тој практично ги исполнил и сите останати Заповеди.

Па затоа, браќа и сестри, кога зборуваме за љубовта кон Бога, ние тоа треба да го потврдиме и со зборови, зашто денеска кога ќе стане збор за Бога, честопати одбегнуваме да Го посведочиме Бога пред луѓето, особено пред оние кои нам не ни се познати. Ние треба секаде, на секое место и во секое време да Го сведочиме Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, зашто ако ние се посрамиме да Го сведочиме Бога пред луѓето, како што слушнавме на почетокот во мотото на проповедтта, и Христос ќе се посрами од нас пред Отецот Небесен. Што значи нашата вера во Христа нашиот Бог и Спасител, треба да ја сведочиме на секое место, и во секое време.

Браќа и сестри, должноста наша христијанска, е ние да покажеме дека имаме љубов кон Бога, а љубовта наша, е во исполнување на Божјите Заповеди. Господ Исус Христос на Своите ученици и Апостили им рекол: „По тоа ќе ве познаат дека сте Мои Ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (сп. Јован 13, 35). И ние ако имаме љубов помеѓу себе и не само помеѓу себе, туку и кон непријателите, тогаш сме вистински христијани. За тоа пример ни покажал Самиот Христос нашиот Бог и Спасител кога од Крстот се молел за оние што Го распнале со зборовите: „Прости им Отче, оти незнаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).

Ете, таква треба да биде нашата љубов и кон Бога и кон луѓето, доколку сакаме да се спасиме. Затоа, браќа и сестри, никогаш не треба да се срамиме да ја исповедаме нашата Света Православна Вера во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Кога зборуваме за Сите Светители, честопати и ние грешиме, браќа и сестри, бидејќи кога ќе видиме некои несоодветно да се однесуваат со постапките кон нашата вера, веднаш почнуваме да ги осудуваме таквите луѓе. Да не заборавиме дека во Црквата Христова имало таканаречени јуродиви заради Христа, нашиот Бог и Спасител, а и денес има такви луѓе, кои своите добри дела и својата вера во Бога ја скриваат, и пред луѓето  оставаат впечаток како да не се нормални луѓе, а тие тоа го прават за да ги скријат добрите дела, зашто она што го прават во тајност, како што вели Господ Исус Христос, да им биде примено како награда во Царството Небесно. Секое добро дело, кое  го правиме јавно, е гордост. Ние ако ги истакнуваме нашите добри дела, за да покажеме дека сме добри, учени, паметни, чесни, добродетелни, сето тоа не е добро. Кога правиме добри дела, сето тоа треба да го правиме тајно, како што вели Господ Исус Христос: „Да не знае твојата лева рака што прави десната“ (сп. Мат. 6, 3).

Кога даваш милостина, давај насамо, никој да не те види, кога постиш, намачкај ја главата со масло, за да не помислат луѓето дека постиш, туку тајно прави го тоа, а Господ, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.

Па така, браќа и сестри, да се помолиме на Сите Свети, на кои денес споменот им го празнуваме, по нивните молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар