За постот – свети Ефрем Сирин

Возљуби ја сиромаштијата Христова, за да се обогатиш со Христовото Божество. Возљуби го најпрекрасниот пост – дело чесно и богоугодно. Постот – е колесница, која вознесува на небото. Постот раѓа пророци; постот вразумува законодавци. Постот – добар чувар на душата, сигурен сожител на телото. Постот – оружје на доблесните, училиште на подвижниците. Постот ги отстранува искушенијата, поттикнува на подвигот на благочестието; тој е сожител на трезвеноста, виновник за целомудрието. Постот – е доблест во борбите. Постот ја угаснал силата огнена. Постот затворал уста на лавови, ја вознесува молитвата на небото. Постот – е мајка на здравјето. Постот – е наставник на младоста, украс на старците, добар сопатник на патниците. На оние што постат, телото им е чесно, душата драгоцена. Постот го упокоил Лазар во прегратките Авраамови.

Затоа, да го возљубиме и ние, за и нас да нè прими лоното Аврамово. Да избегнуваме раскош и пијанството, придружувано од шумна смеа, мајката на блудот. Пијанството нема да го прими Господа. Пијанството Го оддалечува од нас Духот Свет. Постот – се грижи и го запазува девството. Постот – е пат кон покајанието. Постот – е виновник на солзите. Постот не го сака светот, ниту тоа што е во светот. Затоа, да не очајуваме постејќи, зашто ангелите во секоја црква ги запишуваат оние кои постат. Постот не допушта злопаметење. А оние кои ги збираат во себе огорчувањата и злото кое им е нанесено, иако навидум се молат и постат, се слични на луѓето кои црпат вода и ја тураат во скршено буре. Не ги прима Господ молитвите од оној, кој држи зло на братот.

На Господа слава и власт во веки векови! Амин.