За молитвата

Што и да побарате од Отецот во Мое име, ќе ви даде. (Јн. 16, 23).

Што е постот во својата суштина? И зарем не се лажат себеси оние кои сметаат дека постот треба да се исполнува само по буквата, но не го сакаат и се обременуваат со него во срцата свои? И може ли да се нарече постот само запазување на одредени правила за невкусување на мрсна храна во посни дни? Ќе биде ли постот пост, ако освен некои промени во составот на храната, не размислуваме ни на покајание, ни на воздржание, ни на очистување на срцето преку засилена молитва?

Постот – не е диета. Апостолот забележува, дека „храната не нè приближува кон Бога“ (1 Кор. 8, 8). „Во видливото воздржување на плотта нема совршенство, него може да го имаат и неверните поради неопходност или лицемерие“ – вели свети Јован Касијан Римјанин. Воздржувањето во храната – е само основа за понатамошната градба, со него „се запазува во потребната чистота и трезвост нашиот ум, во потребната чувствителност и духовност нашето срце“.

Свети Игнатиј (Брјанчанинов)

 

Плодови на молитвата:

Молитвата – е свештена царица на добродетелите.
Преподобен Јован Лествичник

И така, ако сакаш да извојуваш победа над страстите, преку молитвата и содејството Божјо во тебе, влези во длабочините на срцето и таму најди ги следните три исполини [џинови]: заборавот, мрзеливоста и незнаењето, тврдината на мисловните туѓоплеменици, преку кои останатите зли страсти се враќаат, дејствуваат, живеат и крепнеат во сластољубивите души. Но ти, со многу внимание и будност на умот при содејство одозгора, најди ги, за многумина непознатите зли исполини, и потоа веќе лесно, пак со внимание и молитва, ќе можеш да се избавиш од нив.
Преподобен Марко Подвижник

Како што од облакот излегува молњата, така од молитвата, светлината на вистината и разбирањето.
Свети Филарет Московски

Голема е силата на молитвата, и таа најмногу го привлекува Духот Божји, и со неа е најлесно е за секого да се исправи.
Преподобен Серафим Саровски

Ништо толку не помага во преуспевањето во добродетелите, колку честиот разговор со Бога.
Свети Јован Златоуст

Плодови на искрената молитва се: простота, љубов, смиреномудрие, трпение, незлобивост и слично на тоа. Сето тоа и пред вечните плодови, дава плод и тука, во животот на оној кој се труди. Такви се плодовите, кои ја украсуваат молитвата; ако нив ги нема, залуден е нејзиниот труд.
Свети Григориј Ниски

Плод на молитвата е постепеното раширување на гледањето на своите грешки и својата гревовност, од што се засилува умилението и се претвора во плач.

Плодови на молитвата се чувствувањето на Божјото присуство, живиот спомен за смртта, страв од Судот и осудувањето.

Плодови на вистинската молитва: светол мир во душата, соединет со тивка, молчалива радост, туѓа на мечтателноста, суетата и разгорени пориви и движења; љубов кон ближните, која не ги одделува во себе добрите од злите… но се застапува за сите пред Бога, како за себеси.

Плодот на молитвата се состои во просветлување на умот и умиление на срцето, во оживување на душата со животот на духот.
Свети Игнатиј Брјанчанинов.

Вистина, вистина ви велам: што и да побарате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде (Јн. 16, 23), рекол Господ, и тоа со потврда: вистина, вистина ви велам. Колкав срам е за нас, што не знаеме како да го користиме тоа непреодно ветување! И добро ќе беше да се срамевме од тоа: кај нас паѓа сенка и на самото ветување, како тоа да е премногу големо и неисполнливо. Не, сета вина е наша, и главно во тоа, што не се осознаваме како верни слуги Христови, и совеста не ни дава да очекуваме било каква милост од Господа. Така, дури некогаш и да пристапиме да Го молиме за нешто Бога, тоа го правиме со раздвоена душа: ќе спомнеме за тоа во молитвата еднаш-двапати – и престануваме, а притоа и велиме: „Не слуша Бог“.  Не, – барајќи нешто посебно, треба да имаме неотстапност и неуморност во молитвата, како вдовицата, која со своето настојување, дури и бесрдечниот судија го натерала да ја здоволи нејзината молба. Вистинските молитвеници, испросувајќи нешто во молитвата, со неа соединуваат пост, бдение, лишување од секаков вид и секаква благосостојба, и притоа не просат ден, два, туку месеци и години; затоа и добиваат. Ним подражавајте им, ако сакате да имате успех во молитвата.
Свети Теофан Затворник

 

Извор: http://www.pravoslavie.ru/1624.html