Од писмата на отец Серафим Роуз / Писмо 11-то


011. 22 јануари /4 февруари 1964 г.

Драг во Христа, брате Глеб!

Многу сум среќен, што најде и човек, кој со ентузијазам го прифати нашиот проект, но мене малку не ми е јасно, во што се состои неговата идеја. Нашата продавница треба да стане киоск на храмот? Ако е така, што ќе биде со стариот киоск? И како ќе можеме да ја сочуваме определената слобода на дејствување? Нема ли да биде премногу ограничена количината на книгите, кои ќе може да ги продаваме? Или пак тој (и ти) имате некакви други планови? Не би било лошо, доколку храмот би можел некое време да ја плаќа киријата, но тоа може да повлече одредени тешкотии. А што е со Губин? Планира ли и тој да учествува во оваа работа?

Кај мене, нема речиси ништо ново. Жења и Алјоша Заварини планираат наскоро да ни позајмат уште пари, но не знам колку. Тие, исто така ни предложија едно место, каде што ќе можеме да најдеме прекрасен шалтер (всушност, тоа е врата) за десет долари или поевтино, а ногалки ќе можеме да ѝ направиме сами. (Ќе ни требаа, најмалку две големи маси). За почеток, ќе ни требаат многу малку, едноставни шкафови за книги, за нашите англиски книги размислувам за специјален шкаф, кого што можеби ќе успеам да го направам сам, многу евтино. Во продавницата, повторно ни ја вклучија струјата. Меѓу другото, Џери, кога слушна за нашите планови, ни испрати десет долари, што ме израдува. Нина ни испрати список на повеќе од 100 наслови.

Оваа недела, многу малку работам со продавницата, а главно, барам некаква работа, барем привремено. Моето соопштение во неделата, предизвика многу жив спор, најмногу меѓу мене и еден атеист по име Вадим, кој настапи со философијата на вистински „супермен“ и го обвини Христијанството за тоа што претрпело пораз, и што повеќе не е моќно (во световна смисла на зборот), и затоа, сите христијани не се свети. Некои од неговите аргументи, делумно беа точно, но повеќето од нив беа како да се директно од устата на сатаната, и јас бев доста обесхрабрен од слабоста на моите зборови. Колку станавме малечки и слаби! Но, треба да претрпиме уште многу порази, за да се смириме и повеќе да се надеваме на Господа.

Жал ми е за тоа што го дознав за отец Николај. Значи ли тоа, дека и тој нема да купува од нас книги?

Мислам, дека би било добро да поразговараме со отец Леонид за „братството“, како еден дел од нашиот проект (или како уште ќе го наречеме), бидејќи тој, од сите овдешни свештеници, има најмисионерски склоп на умот. Тој предава на Богословските лекции во петок навечер, од 8 до 9 часот, така што, доколку ти би дошол во Свето-Тихоновскиот (на полуподземниот спрат) во петок во девет, би можеле со него да поразговараме.

Секогаш се молам на свети Инокентиј, а сега ќе се молам и на отец Гавриил. А ти, моли се на свети Сава, зашто благодарение нему и на неговиот ден, јас одлучив да из ја изнајмиме продавницата. Ако даде Бог, сè ќе биде добро. Да Му се довериме Нему и на Неговите светии и на Неговата Пресвета Мајка.

Во Христа,

твојот грешен брат,

Евгениј.

Поврзано: Од писмата на отец Серафим Роуз / Писмо 10-то