Интервју со авторите на филмот „Обожение, Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов

„Катарза“, „Созерцание“ и „Воздигање“ се дел од Обожение, филм кој ни го претставија младите автори Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов. Потрага по добродетелите, основите, скалите кои водат кон издигнување, изобличување на страстите, немилосрдноста, изобличување на „христијаните“, кои под знамето на Христос, не престануваат да мислат само на своите лични интереси. Приказна за две различни поколенија, две различни цивилизации, проткаени со страдањето кое се среќава на секој чекор, и ги подготвува срцата за издигнување кон небото.

На читателите на pppe.mk им предложуваме интервју со авторите на филмот, Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.

  1. Почитувани, знаеме дека овој филм е вашиот дипломски труд и е снимен без никаков буџет. Најпрвин би ве прашале, која е, или која треба да биде, според вас улогата на филмот во животот на човекот и општеството?

– Не постои уметност што може толку длабоко да ни влезе во совеста и да ни ги допре нашите чувства, така како што тоа може да го прави филмот. Неговата улога би требало да биде да пренесува пораки, да допира до нас, да ни поставува прашања, на кои самите треба да наоѓаме одговори, да се обиде да нè промени на некој начин. Секако, сето тоа доколку режисерот го користи со таква цел и намера и го третира како таква уметност, а не како индустрија и забава. Младите не само кај нас, општо генерациите што доаѓаат не знаат да гледаат филмови.

  1. Можете ли да ни кажете како се роди идејата да работите на оваа тематика и што беше
    14202525_10208951204090354_8945525383320515694_n
    Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов

    главната инспирација која ве поттикна да размислувате на оваа тема – Обожението?

– Идејата за да работиме на длабока,  покомплексна филозофска и теолошка тематика тлееше во нас последните години од нашето студирање. Духовното мртвило на ова време беше најголемиот проблем што нè измачуваше, па решивме дека нашиот дипломски филм искрено и безусловно ќе го посветиме на внатрешните згаснати чувства на човека, чувства кои што треба повторно да се разбудат и да го потсетат што значи тоа да се биде човек. Заминавме во манастир (Св. Преображение Христово) и тука се роди сценариото за Обожение.

  1. Во филмот се опфатени многу егзистенцијални прашања од животот на секој човек, болка, страдања, кои се заеднички за сите и носењето со истите. Очајот кој ги потиснува луѓето под бремето на проблемите во животот, но и доблеста на пожртвуваното служење, кое го прави човекот да биде човек. Кои се главните моменти што би ги истакнале, во тој процес на Катарза (очистување), кој води до Тхеориа (созерцание)?

– Взаемната несреќа која што ги спојува ликовите, истовремено доведувајќи ги до безизлезни духовни ситуации го предизвикува за нив можеби и најтешкото – Покајанието. Покајанието кое што ги прочистува нивните души и дозолува во нивните срца да се вгнезди Надежта, која пак ја буди Верата и сознанието дека Севишниот е со секој од нас.

obozenie (1)

  1. Во двете приказни, може да се забележат две навидум спротивставени работи: религиозноста и личната побожност, надворешните религиозни обележја, наспроти носењето на личниот крст во животот на секој човек и личноста на Христо, кој ги обединува и двете. „Ако светлината што ја имам стане темнина, тогаш каква ли ќе биде темнината?“ Можете ли да ни го објасните копнежот на ова прашање на Христо, прашање до целото човештво?

– Да се верува, значи да се дојде до себе низ светлината што создава трага. Како што Христос им зборувал на апостолите, а тие зборови се запишани во евангелието по Матеј, “Ако светлината што е во нас стане темнина, тогаш каква ли  ќе биде темнината”, тие зборови и тоа прашање што е наметнато сега во времето и местото каде што живееме, по којзнае кој пат луѓето ја губеле и сеуште ја губат светлината. Извртени вредности, пороци, лични интереси, омраза,  брзина на живеење во ова општество, материјалните добра, сето тоа води кон губење на светлината што останала во луѓето, а темнината е таа која сега владее. Ова е еден вид, порака и предупредување дека не смееме да ја изгубиме светлината што е останата во нас.

  1. Филмот изобилува со многу симболи. Лазар, кој „двапати умре“, разочараната Нада, смртно болната Вера, парталавиот Христо, кого никој не сака да го слуша, а секој сака да го искористи, Белко, јајцето, и на крај кроткото јагне крај нозете на Христо. Невозможно е да се прераскажат сите работи кои треба да се разберат, но истовремено, зад нив се крие целата приказна која има за цел, да ја пренесе овој филм. Кои би биле вашите препораки до гледачите, кои ќе им помогнат да ја откријат пораката која треба да се согледа?

– Во нашиот филм се застапени христијански симболи со нивното теолошко значење. Христијанството не треба слепо да се чита и проповеда, туку треба мудро да се прочита, верува и тивко во себе живее. Така и нашиот филм не треба да се гледа, туку треба да се “види.”

  1. Каде на следна свирка со Христо? Кои се следните планови и вашите желби за овој филм?

– Филмот “Обожение” во досегашните патешествија досега имаше 11 кино проекции низ Македонија, една балканска проекција во Софија, Бугарија и 5 интернационални фестивали низ светот. Следно каде што ќе се прикажува, а тоа ќе биде шестиот фестивал на филмот е во Сиднеј, Австралија на “Денови на македонската кинематографија” од 14ти до 16ти Октомври. Во очекување сме на одговори за уште неколку фестивали до крајот на годинава, а се надеваме дека ќе оствариме уште некоја кино проекција, заедно со изложбата на фотографии од самото снимање на филмот, сето тоа се разбира доколку се појави интерес кај гледачите.

Ви благодариме за одвоеното време и Ви посакуваме понатамошен успех и раст во „тивкото живеење“!

Интервјуто го водеше: З. Д. 

Поврзано: Осврт на филмот Обожение