Беседа на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан

ДА ЖИВЕЕМЕ ДОСТОЈНО НА ПОВИКОТ [1]

Два повода нѐ собраа на оваа света Литургија – за истите молитвено да ги одбележиме. Прво – Неделата посветена на жената Самарјанка (Јн. 4, 5-26), подоцна позната како маченичка Фотина. Од прочитаното свето Евангелие слушнавме за средбата на Господ Исус Христос со таа жена Самарјанка, кај Јакововиот извор во градот Сихар. И ништо необично, ако се знае дека по земјата израилева ретки се изворите и имајќи недостаток на вода, на таквите места можеле да се сретнат жедни души од сите народи – постојани жители или поминувачи од други краеви, за да се напијат или да наполнат вода. Така, Господ Исус Христос уморен од патот дошол на бунарот, а жената Самарјанка, пак, дошла да наполни вода. И го слушнавме нивниот разговор. – Господ Исус Христос ѝ објаснува на жената за смислата на Неговото доаѓање, ѝ ја открива тајната за живата вода. –Дај ми од таа вода за никогаш да не ожеднам, побарала жената Самарјанка. – Јас ти говорам за водата на вечниот живот, за живата вода што тече во живот вечен… Кој е жеден нека дојде кај Мене и нека пие и од неговото тело ќе потече река од жива вода.

Жената Самарјанка сфатила дека пред себе има необичен човек, има пророк, а таа знае дека треба да дојде Месија да дојде Спасител. – Јас Сум, кој зборува со тебе, ѝ рекол Господ Исус Христос. Жената Самарјанка, возбудена од разговорот и од впечатокот што го стекнала за човекот кој ѝ кажал сѐ што таа направила во животот, отишла во градот и раскажувала за тоа кого Го сретнала и што разбрала.

Од денешниов евангелски расказ треба да се поучиме, пред сѐ, за тоа дека Господ Исус Христос дошол за спасение на сите народи. – Тој Евреин а таа Самарјанка, и таквата средба не била пожелна, зашто им припаѓале на народи кои биле во постојано меѓусебно нетрпение. Но Господ Исус Христос својата наука и својата вистина ја упатува пред секого. Тој не гледал кој е кој, односно кој каде припаѓа по било која основа, туку гледал секого да го преобрази, од секого да направи подобар, од грешните да направи праведници… – Па од цариници направил апостоли; галилејските рибари постанале помудри од сите  мудреци и философи. – Силно е Христовото Евангелие – зашто ја проповеда вистината, голема е науката Христова – зашто е спасоносна. – И нема друг Пат, Вистина и Живот освен Христа (Јн 14, 6), и нема друго име под сонцето кое спасува освен името Христово (сп. Дела 4, 12). Секој кој ја разбрал, секој кој ја примил таа вистина – секој бил подготвен сѐ да претрпи за таа вистина, за тоа име. Оваа жена Самарјанка не ја завршила средбата и разговорот со Христа кај бунарот. Имено ,таа жена Самарјанка не само што се напила од водата од која никогаш не се жеднее, туку со својот живот, со своите подвизи и дела продолжила и други да напива со таа вода, и други да ги воведува во евангелската вистина.

Нејзиното житие сведочи дека таа жена Самарјанка постанала бестрашен борец и бранител на Христовата вистина. Да се потсетиме, првите децении се период на најстрашните гонења и измачувања на Христовите следбеници. Тоа е време кога владее царот Нерон, мачителот на првопрестолните апостоли Петар и Павле и на илјадници исповедници на Христа воскреснатиот. Жената Самарјанка, по примерот на апостолите станала голем проиповедник на Евангелието Христово заедно со своите синови. Проповедале во Северна Африка, во Картагина, па кога разбрала за маченичката смрт на апостолите, отишла и таа во Рим, за и таму да ја проповеда и брани вистината за Христа. Маченички пострадала со своите два сина и пет сестри претрпувајќи страшни измачувања. Тоа нивно маченичко стардање за името на Христа помогнало и ќерката на царот Нерон, Домника, да постане христијанка. Жената Самарјанка, чие име и е Фотина, во Православната Црква се празнува на 20 март, според стар стил.

Ете, примерот на жената Самарјанка, на маченичката Фотина, нѐ потсети колку е важно и да се разбере, но и да се брани вистината, колку е важно да пиеме, но да не дозволиме да ожеднуваме. Историјата на Црквата Христова е исполнета со маченици и исповедници, со сведоци за Христа и Неговото Свето Евангелие. И низ сите времиња, па и денес, Христијанството е изложено на искушенија и страданија. Минатата година антиохискиот патријарх Јован, при посетата на Романската православна црква во Букурешт, изјави дека за изминатите три години од земјите на Блискиот Исток недостасуваат половина милион христијани. Последниве преселби на народите од Северна Африка и Блискиот и Средниот Исток, колку имаат за цел да се спасат себеси уште повеќе за цел им се европските христијански земји и народи. Ако во нивните татковини им пречат крстот и христијаните, како ќе им биде меѓу христијани во земјите на Европа?! Но, конечно, време е да се погледне во причините, а потоа ќе ни бидат појасни последиците од мигрантските движења. И тоа неодложно, и заради мирот во нивните татковини и заради христијанската иднина на европските земји!

Вториот повод, за кој сме денес вака заедно, е и одбележувaњето 70-тиот роденден на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Петар. Токму седумдесет лета, со денешниов ден, се нанижале на неговиот животен ѓердан! И како што е вообичаено, кога празнуваме годишнина, обично се навраќаме на првата страница. Затоа, како кратко потсетување: Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Петар се родил на овој ден, на 29 мај 1946 година во Богомила, Велешко. По Основното училиште во родното село ја завршил Призренската богословија, па Богословскиот факултет во Белград. Неколку години помина како професор во Македонската богословија во Драчево, па како секретар на Полошко-кумановската епархија, а извесно време и како парохиски свештеник во храмот „св. Великомаченик Димитрија“ во Скопје. Потоа отиде на последипломски студии во Рим, каде го затекна изборот и за архиереј на Македонската православна црква. Од Духовден 1981 година е надлежен архиереј на Преспанско-битолската односно Преспанско-пелагониската епархија, еден период раководи со Црковните општини во Западноевропските земји, а од 1995 година раководи и со Македонската епархија на Австралискиот континент…

Така размислувајќи за неговите досегашни години, особено како истите ги поминал – со сите животни премрежиња, со многу предизвици и искушенија – секогаш останувајќи непоколеблив и непопустлив, кога биле во прашање вистината и правдината… Секогаш бил борец и знаел да се бори, по примерот на неговиот покровител свети апостол Патар. Тој правилно ја разбрал и онаа порака на св. апостол Павле дека треба достојно да се живее за Бога, Кој нѐ повикал во Негова служба (1 Сол 2, 12), како и тоа дека славата Му припаѓа само на Бога, како што вели св. апостол Петар (1 Петр 4, 11). Затоа за човекот вистински живот е само оној живот што се живее врз темелот на духовните, моралните односно на Божјите закони, и човекот стекнува вистинска слава само доколку истата извира од Божјата слава.

Свети Иринеј Лионски заклучува дека – живиот човек е слава за Господа и цел на човечкиот живот треба да биде трајната средба и видување со Бога! Значи човекот треба да живее за да Го прослави Бога преку вистината и правдата, преку љубовта кон Бога и луѓето, преку давањето а не земањето… Само доколку се трудиме да се сретнеме и да Го видиме Бога, само тогаш ќе ја разбереме и целта и смислата на животот, само така ќе напредуваме и достојно ќе им служиме и на Бога и на луѓето.

Само со достојно живеење и служење ќе го оправдаме повикот од Бога и, затоа дури и не е важно колку, туку како живееме!

Многубројните светители и праведници, впрочем, така го разбирале и така го живееле својот живот, па затоа уште во животот на земјата заслужиле слава и почитување.   

И Вие Ваше Високопреосвештенство, со делата и подвизите се трудите токму за тоа – сѐ што правите го правите за да биде за слава на Господа и верниот народ! И продолжете во годините што Господ Ви ги определил да служите – служете им на нашиот благочестив народ и на нашата света Црква, а со тоа ќе му служите на Господа, Кој ве повика на оваа служба, зашто сите наши дни минуваат под Неговиот гнев, а годините ни свршуваат како здив, истакнал уште царот Давид ( Пс 89, 9).

Па, Високопреосвештен владико – нека Ви се множат годините!

Христос воскресе!

 

[1] Слово изговорено на светата Литургија во храмот „Св. вмч. Димитриј“ – Битола, во Неделата на Самарјанката, а по повод 70-роденден на НВП митрополитот Петар, 29. 05. 2016 г.