Богојавление – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 19.01.2024 г., празнувајќи го Богојавлението Господово, кога Спасителот наш Господ Исус Христос се крсти во реката Јордан, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола.

После Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар го отслужи чинот на Големиот водосвет.

Од осветените води, Светиот Крст го извади битолчанецот Иван Стојановски.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Божествената благодат која спасува, ни се јави денес!

Много столетија во Стариот Завет, браќа и сестри, луѓето очекуваа да се јави Бог. На нашите прародители Адам и Ева, со првото Евангелие им беше ветено, дека ќе дојде Месијата, односно Спасителот на светот.

Бог, во Стариот Завет, многупати на различни начини се јавувал на луѓето.

Кога нашиот прародител Адам бил во рајот, уште пред да биде создадена жената, Господ му се јавувал, за да биде оној што ќе ги обедини различностите, оној што ќе ги обедини спротивностите, но тоа Адам не можел да го постигне, па затоа Господ, испратил врз него длабок сон и од него зел едно ребро и ја создал жената, бидејќи меѓу созданијата Божји не се нашло ништо подобно на човекот. Па така, Бог од него ја создал жената, за да бидат едно тело. Но, и мажот и жената, не успеале да ги обединат спротивностите, бидејќи биле прелагани од змијата, од сатаната, од богоборецот, од вечниот противник на Бога и на човекот, односно човекоубиецот сатаната.

И ете, ветувањето (првото Евангелие) на нашите прародители, а преку нив и на сите нивни потомци, дека ќе дојде Месијата, било всушност онаа нишка, оној ркулец, кој требало во нивните души и срца да се развие и да израсне.

Бог не ги оставил луѓето да бидат без Бога, ни во Стариот Завет, па затоа, на оние кои Нему најмногу му се посветиле, Он им се јавувал. Бог му се јавил на Авела и ја примил жртвата, потоа Он им се јаввал на патријарсите, а особено на Светиот славен патријарх Авраам, исто така,  му се јавувал и на Исака, неговиот син, на Јакова, потоа на пророкот Мојсеј, кој го превел Израилскиот народ, од Асирското ропство во ветената земја. Бог многупати се јавувал, и на Светите пророци, како на Свети пророк Исаија, Илија, Елисеј и на другите.

Ете, постојано во Стариот Завет имаме јавувања, но најконкретно јавување во Стариот Завет, било јавувањето на патријархот Авраам, кога Бог во вид на Тројца Патници, односно во вид на Три Ангела, кои ги претставувале Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. После ова јавување, Бог на Авраама му ветил, дека од неговиот род, од неговото семе, ќе направи народ, кој ќе биде поброен од морскиот песок.

Тоа не се однесувало само на еврејскиот народ, туку и на сите народи, кои што поверувале во Месијата, во Христа нашиот Бог и Спасител.

И ете, пред да дојде самиот Спасител Господ Исус Христос, како што било претскажано од старозаветниот пророк, претходно дошол Претечата на Спасителот наш Господ Исус Христос, Светиот славен пророк Јован Крстител, кој крштевал со вода, односно со покајно крштение, за прошка на гревовите.

Свети јован не го познавал Господа Исуса Христа, сè додека нè дошол на реката Јордан, каде доаѓал многу народ за да се крсти. Свети Јован ги повикувал луѓето со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 2). Луѓето доаѓале и јавно ги исповедале своите гревовите. Свети Јован, меѓу другото велел: „По мене доаѓа Оној, Кој е поголем од мене, на кого јас не сум достоен, да му ги одврзам ремењата на Неговите обувки“ (сп. Мат. 3, 11). А во тој народ, во тоа мноштво, ете, доаѓа и Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, за Кого старозаветниот пророк Исаија беше проповедал, односно напишал, дека Христос ќе се роди од Дева во пештера.

Спасителот Господа Исуса Христа се родил во Витлеем, кој значи дом(от) на лебот. Овој град е наречен дом на лебот, бидејќи во него се родил, Лебот небесен, Христос нашиот Бог и Спасител.

Ете, бргу се слушнало за Христа нашиот Бог и Спасител и насекаде се разгласило за Неговото раѓање.

Спасителот Христос, браќа и сестри, нечујно растел, како што растат и другите деца и Светиот Дух бил врз Него.

Христос нашиот Бог и Спасител, уште како дванаесет годишно дете, им проповедал на старешините и еврејските првосвештеници во храмот, односно во синагогата.

Ете, кога дошло времето за Неговата проповед, а тоа е времето кога наполнил триесет години, бидејќи според Еврејскиот Закон, тогаш имал право да проповеда, па така со она мноштво народ доаѓа и Тој на реката Јордан.

Кога Него го забележал Свети Јован рекол: „ Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (сп. Јован 1, 29).

Кога Спасителот Христос пристапил кон Свети Јован Крстител, барајќи од Него да го крсти, Свети Јован му рекол: „Не, јас не можам да те крстам, човек, тебе безгрешниот Бог, зашто јас сум грешен . Кој сум јас, да го крстам мојот Бог. Кој сум јас, да ја положам раката моја на мојот Господар“. Но Господ му вели: „Остави го сега тоа Јоване“ (сп. Мат. 3, 14-15). Христос  со други зборови сакал да каже, дека не е битно тоа, дека Он не треба да бидам крстен, заради тоа што не направил никаков грев, туку тоа го прави заради многубројниот народ, кој е со големи гревови, односно за народот од постанокот па сè до кракот на светот. Јас треба врз Себе да ги земам гревовите на сите луѓе, врз Своите плеќи и затоа доаѓам кај тебе да се крстам, не заради Мене, туку за грешниот народ.

Господ Бог, Кој е безгрешен, пристапува смирено, ја наведнува својата глава и се крштева од Свети Јована Крстител, во Јорданските води.

Со крштевањето на Господа Исуса Христа, сите води во целиот свет биле осветени, зашто до водите се допрел, Светиот над Светите. На тој начин, секоја година на Богојавление, кога се полага Крстот или кога Крстот на некој начин се спушта се потопува во водата, тогаш всушност, сите води се осветуваат.

И ете, Спасителот Господ Исус Христос се крштева, а при крштевањето на Господа Исуса Христа, Свети Јован Крстител забалежал, како се отвориле небесата и се појавил облак, а од зад облакот се слушнал гласот на Отецот: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (сп. Мат. 3, 17).

И веднаш Светиот Дух во вид на гулаб, како што пееме во тропарот на Богојавление, ги испуштил врз главата на Господа Исуса Христа силно своите лачи, своите зраци, а Синот Божји, се крштева од Свети Јован Крстител.

Еве го големиот настан, кога Триединото Божество, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, се јавува, и тоа го гледал и Свети Јован Крстител и присутниот народ.

Ете, со ова јавување, практично е докажано, дека нашата вера не е измислена. Нашата вера не ја измислил и создал ловек, туку верата е од Бога откриена. Нам верата, браќа и сестри, не ни ја проповедал некој друг, туку самиот Бог.

Во Стариот Завет верата била откриена од страна на Троичниот Бог преку богоизбраните луѓе, а во Новиот Завет, од Спасителот наш Господ Исус Христос. Каде што е Спасителот Христос, таму е и Отецот, таму е и Светиот Дух, а тоа е потврдено, токму на овој голем настан, на Богојавление.

Кога Бог се јавува, сите Три Лица на Света Троица делуваат, односно Отецот говори, Синот се крштева, а Светиот Дух во вид на гулаб, ја испраќа својата благодат преку лачите, односно силните зраци, кои од Него излегуваат.

Благодатта Божја, браќа и сестри, е сила Божја т.е. несоздадени небесни енергии. Токму таа несоздадена Светлина, за кој во Символот на Верата се вели: „Светлина од Светлина, вистински Бог од Бога вистински“, се однесува на Христа нашиот Бог и Спасител.

Еве, таа иста Светлина е самиот Бог Отец, Кој е Отец на светлините. Таа Светлина е и Синот, таа Свтлина е и Светиот Дух, бидејќи една е природата на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Браќа и сестри, кога Спасителот наш Господ Исус Христос се крстил на реката Јордан, заради нас и заради нашето спасение, иако Тој немал потреба од крштението, со тоа ни покажал, дека ние имаме потреба од крштението, и токму затоа се крштева, за да ни покаже пример, да ја пројави својата Божествена сила и да се слушне гласот на Отецот, да се види и Светиот Дух преку гулабот, Кој ги испушта своите лачи или зраци, врз Христа нашиот Бог и Спасител.

Ете, токму заради тоа, кога ние се крштеваме, се одрекуваме од сатаната, се одрелуваме од сите негови дела, од сета негова гордост, од сето негово служење и веруваме и велиме, дека го прифаќаме Христа нашиот Бог и Спасител, за Спасител и за цар.

И ете, при крштевањето ние ја пееме онаа прекрасна песна: „Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“ (сп. Гал. 3, 27). Ние се облекуваме во Христа, не со некоја телесна облека, туку се облекуваме со духовната Христова облека, а тоа е Светиот Дух, тоа е благодатта за која говорев на почетокот на оваа моја беседа.

Всушност со таа благодат Божја, со тие Божествени енергии, со таа небесна светлина, ние сме се облекле, кои пред тоа сме биле во темнина.

Ние кои се крштеваме, пребиваме во светлина. Ние кои пред тоа сме биле нечисти, заради гревовите на нашите предци, од Адама па до денес, еве сега, сме чисти и ослободени од првородниот грев и од сите други гревови. Ние што сме биле робови на гревот и на сатаната, по крштението стануваме синови Божји и наследници Божји.

Ете, во тоа е суштината и на овој голем празник на Светата Божја благодат, која нам ни се дава, која нас нè просветлува и нè осветува. Преку оваа благодат, браќа и сестри, ние практично стануваме чеда Божји и наследници на Царството Небесно.

Па ете, кога сето тоа се случило на овој голем и спасоносен ден, да не заборавиме, дека Спасителот наш Господ Исус Христос, дошол во светот заради нас и нашето спасение.

Кога Спасителот Христос се крштевал, по крштевањето, практично ги осветил сите води, и понатаму кога ја осветуваме водата, таа ни е потребна, за да очистиме секаква нечистотија, па истата ја употребуваме, кога осветуваме домови, кога полагаме камен темелник во домовите, кога осветуваме храмови, попрскувaјќи ги со осветената вода, а некогаш било пракса, секој месец да се осветува Света вода во домовите. Особено, водата на Богојавление, е изобилно света, бидејќи врз неа, изобилно слегол Светиот Дух.

Ете, некои Богојавленската вода ја нарекуваат Причесна или Причестие. Но не може Светата Богојавленска вода да се спореди со Причесната, со Телото и Крвта на Спасителот наш Господ Исус Христос, која е најсветото нешто. Богојавленската вода, всушност е близу до светоста на Спасителот наш Господ Исус Христос, бидејќи Он ја осветува.

И така, таа се чува во домовите и се употребува кога луѓето се во немоќ, маки, потешкотии и слабости. Затоа кога некои луѓе сонуваат лоши сонови и соништа, се попрскуваат со оваа вода, а со неа ја попрскуваат и постелата. Богојавленската вода, ја употребуваат луѓето, кои се со лошо здравје, односно пијат по една голтка пред секое јадење, за да се освети телото, кое е создадено да биде храм на Светиот Дух.

Токму затоа, оваа Света благодат, за која спомнавме на почетокот во денешната беседа, е всушност суштината на денешниот празник, зашто денеска благодатта Божја, изобилно слегува врз сите осветени води, зашто денеска, браќа и сестри, се крштева Нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Па ете ние, денеска собрани во овој Свет храм, да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која ни го роди Спасителот наш Господа Исуса Христа. Да се помолиме на Светиот пророк Јован, Претеча и Крстител, кој заради нас и заради нашето спасение, го крсти Спасителот Христос на реката Јордан. Да се помолиме, крштението наше, кое сме го примиле од свештеното лице кое не крстило, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, да биде во нас запазено до крајот на светот.

Да не заборавиме, дека сме дале заповед, ние „кои во Христа се крстивме во Христа се облековме“ (сп. Гал. 3, 27), а се одрековме од сатаната, од неговата гордост и од сите негови дела.

Ако не заборавиме на тоа, на нашето крштение, кое е всушност новото раѓање, за кое Спасителот Господ Исус Христос рекол: „Кој не се роди со вода и Дух Свет, нема да влезе во Царството Небесно“ (сп. Јован 3, 3). Господ му вели на Никодима, „кој повторно не се роди“, а тоа значи, кој не се крсти, тој нема да се спаси.

Но и по крштевањето по нашата човечка слабост, по нашата слаба човечка природа, ние грешиме, и затоа потребно ни е второ крштение, но не исто како она со кое сме се крстиле, туку покајание и исповед.

Второто наше крштение, е признавањето на нашите гревови, како оние луѓе кои пред Свети Јован Крстител, што се исповедале, јавно кажувајќи своите гревови и добивале простување на гревовите. Така и ние, пред нашиот духовник, свештеникот, односно пред Бога, треба да ги исповедаме и да ги кажеме нашите гревови, без да се плашиме од тоа, дека истите ќе бидат кажани на некого. Зарем кога ние луѓето правиме гревови се криеме, а кога треба да признаеме, дека сме згрешиле, тогаш не сакаме луѓето да знаат, дека сме згрешиле. Затајувањето (криењето) на гревовите пред свештеникот е ѓаволска идеја.

Ние не се исповедаме заради свештеникот и не му се исповедаме нему, туку на самиот небесен Бог. Свештеникот е само сведок, дека тоа што го кажуваме, тие гревови што ги исповедаме, дека Господ ги слуша и ќе ни прости, ако искрено сите ги исповедаме и кажеме, и се поправиме.

Покајанието или Исповедта, е нашето второ крштение, односно нашето спасение, преку благодатта на Светиот Дух. Амин! Бог се јави! Навистина се јави! За многу години нека е празникот!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар