Ако немаш духовен отец – Митрополит Антониј Сурожскиј

Би сакал да зборувам за нешто, што не е коментар на Евангелието. Често, не само јас, но и секој свештеник е замолуван од некој, да му биде духовен отец. И мнозина се растревожени од фактот, што сите велиме не; ние не го можеме тоа. Тоа е надвор од нашата сила.

Не е тоа одбивање на грижата, не е отказ од тоа, да се понесе на рамења изгубената овца. Не! Тоа е потврда дека ние можеме да ви бидеме сопатници по патот кон Царството Божјо, но и самите не сме доволно зрели за да ви го покажеме тој пат.

Секој од нас може да им каже на оние што приоѓаат: „Јас изодив дел од патот. Ќе ти бидам твој содружник на патот. И тогаш, кога ќе дојдеме до една точка, на којшто јас сеуште не сум стапнал, ќе одиме заедно, следејќи го Единствениот, Кој ни е водич; навистина, Единствениот, Кој не е само наш водич, туку и  Спасител, Кој е самиот Пат, Вистина и Живот.“

Па така, кога доаѓаш кај свештеникот заради исповед, отвори го срцето пред него, или поточно на нашиот Господ Исус Христос во неговото присуство, и тој, согласно со молитвата која ја читаме пред исповед, ќе биде сведок на твојата отвореност, искреност, вистина и покајание. Тој ќе го послуша она што ти му го зборуваш на Христос. Тој ќе се моли за да те прими Христос, онака како што го прима секој грешник – по цената на Неговиот живот и смрт. Тој ќе се моли. И нема никогаш да те заборави, ни тебе ни твојата исповед. Ќе прифати да биде маченик, не само сведок, но ќе ја носи болката, хоророт, страдањето на гревовите кои ги слушнал. Секој што доаѓа на исповед кај свештеник, на неговите рамења го става товарот на своите гревови, и во неговото сочувство свештеникот засекогаш ќе ги носи пред Бога.

Затоа, да бидеме задоволни со љубовта, состраданието, со искреноста на свештеникот кај кого сме дошле. Не го барај од него невозможното. Ако посакаме да се искачиме на некоја планина, ние го прашуваме за совет оној, кој го изодел тој пат и се вратил назад жив. Никој од нас не може да каже дека го изодел патот до Царството Божјо и влегол во него. Можеме само да кажеме, „Ние сме на патот кој заедно ќе го одиме, ќе го споделиме со вас нашето знаење, поддржувајќи ве во моментите на слабост, правејќи сè што можеме, за да влезете во Царството Божјо.

Кој го постигнал тоа? Светиот Серафим Саровски одбивал да биде духовен отец на оние кои доаѓале кај него. Им ветувал дека ќе се моли за нив. Им ветил дека ќе се застапува пред Бога за нив и навистина неговата молитва била спасителна. Во житието на светиот Макариј Египетски слушаме дека кога умрел, некој негов ученик во сон, ја видел душата на светиот Макариј како се движи кон небесата и како демоните поставиле бариери на патот. И на секоја препреки тие го тестирале за еден или друг грев. И тој поминал слободно. Кога пристигнал пред портите на Царството Небесно тие му ракоплескале со извици: „Макариј, ти нè победи!“ А Макариј се завртил, се насмеал и рекол: „Не сеуште!“. И тогаш влегол во Царството Небесно.

Ова е недостижно за нас свештениците. Но она што можеме да го направиме, е да одиме чекор по чекор со вас, ќе бидеме светлината која ќе ве одржи пред лицето Божјо, и ќе Го прашаме Оној, Кој е патот, Кој е вистината, Кој е животот, Кој е нашето спасение, да биде ваш водач, пат и спасение. Амин!

Извор: http://www.pravmir.com/if-you-don-t-have-a-spiritual-father/

Превел од англиски: Стефан Цветановски