Акатист на нашиот отец меѓу светите светителот Јован Битолски – Шангајски Чудотворец

 

Во чест на својот духовен наставник го составил

монах Серафим (Роуз) Платински.

Го одобрил епископ Нектариј Сиетлски.

 Кондак 13

О, пресветол и Прекрасен угоднику Божји, Светителу оче наш Јоване, утеха на бедните, прими го сега нашиот молитвен принос и моли го Господа од адот да се избавиме со богопријатното твое застапништво, бидејќи самиот по смртта рече: „Кажете му на народот: иако умрев, јас сум жив“: Алилуја!

 

Кондак 1

 

Избран чудотворче и прекрасен Угодниче Христов, кој по целиот свет изли многуценето миро, вдахнато и неисцрпно изобилство на чуда, со љубов те фалиме и коленичиме пред тебе:

Радувај се Светителу оче наш Јоване, чудотворче на последните времиња!

 

Икос 1

 

Ангел во тело те покажа во последните времиња Творецот на сите твари, преку милоста Божја се грижеше за  луѓето на земјата. Гледајќи ги добродетелите твои, преблажени Јоване, вака коленичиме:

Радувај се, со страв и трепет ја исполнуваше Божјата волја!

Радувај се, во тајните добродетели ја покажуваше благодатта Божја!

Радувај се, исполнет со љубов ги упатуваше ближните кон спасение!

Радувај се, зашто си радост на сите кои  со вера ти се приклонуваат!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 2

 

Гледајќи го обилното изливање на твоите добродетели, Светителу славен Јоване, кој нас како животочен источник нè напојуваш со чудеса Божји, со вера коленичиме пред Бога: Алилуја!

 

Икос 2

 

Умствено преисполнет со љубов и богословие, Богомудар Јоване, богопознаен, умудрен и со љубов спрема луѓето кои страдаат, украсен, нè научи нас на познанието за Вистинскиот Бог, затоа со умиление коленичиме:

Радувај се, непоколеблива тврдино на вистината на Православието!

Радувај се, драгоцен саду на даровите на Светиот Дух!

Радувај се, праведен разобличителу на неверието и науката на лажните!

Радувај се, ревносен исполнителу на заповедите Божји!

Радувај се, недремлив подвижнику, кој себеси не си дарува здив!

Радувај се, љубен пастиру на стадото Христово!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 3

 

Со силата на благодатта Божја ти се покажа како благ отец на сиротите и воспитувач на младите, учејќи ги на страв Божји и припремајќи ги за служење на Бога. Затоа сите тие чеда со љубов те гледаат и благодарно му пеат на Бога: Алилуја!

 

Икос 3

 

Навистина би требало, оче Јоване, на небесата со песна опеан да бидеш, а не на земјата: бидејќи кој од луѓето може да ја опише возвишеноста на делата твои? Ние пак, принесувајќи на Бога она што го имаме, вака коленичиме:

Радувај се, со непрестајна молитва ги штитеше чедата твои!

Радувај се, со крсен знак го огради стадото свое!

Радувај се, голема ризницо на љубов која не гледа разлика меѓу народите!

Радувај се, светилнику сјајен и сèљубен!

Радувај се, образу на духовна кротост!

Радувај се, ти што сладост духовна даваш на оној, кому му треба!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 4

 

Со бура на недоумица сме збунети: како достојно да ги пофалиме чудата твои Блажен Јоване? Зашто од крај на крај на вселената пројде благовестејќи го  Евангелието на оние кои беа во темнина за нивно спасение. Благодарејќи на Бога поради апостолските подвизи твои, Нему му коленичиме: Алилуја!

 

Икос 4

 

И блиските и далечните слушнаа за величенствените чуда Твои, кои со милост Божја се јавуваат сé до нашите времиња. Затоа, восхитувајќи Му се на Бога, Кој во тебе се прослави, со стравопочит ти се поклонуваме:

Радувај се, просветителу на оние во темнината на неверието!

Радувај се, својот народ од Далечниот Исток го донесе на Запад!

Радувај се, извору на чуда од Бога излиени!

Радувај се, заблудените со љубов ги вразумуваш!

Радувај се, брза утехо на оние кои се каат поради своите гревови!

Радувај се, потпоро на сите кои одат по правиот пат!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 5

 

Како богоозарена светлина се јави Светителу Јоване, со своите молитви разгонувајќи ги бурите на сите опасности и  со крсниот знак ги оградуваше смртоносните  ветрови на оние кои живеат на остров. Научи нè и нас кои те призиваме за помош, о Чудотворецу свет, смело да коленичиме пред Бога: Алилуја!

 

Икос 5

 

Ја видовме честата помош твоја во неволјите и безизлезните ситуации, Преблажен оче Јоване, смел посреднику пред Престолот Божји и брз помошнику во неволјите.

Ние се надеваме дека и пред Бога ќе бидеш наш покровител и ти  коленичиме:

Радувај се, стихијо на опасните прогонители!

Радувај се, молитвите твои од неволја избавуваат!

Радувај се, насекаде дарителу на гладните за леб!

Радувај се, ти кој им подготвуваш изобилие на оние кои се молат!

Радувај се, утехо на оние кои тагуваат!

Радувај се, ти кој паднатите од пропаст ги избавуваш!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 6

 

Проповедајќи се покажа како нов Мојсеј, избавувајќи го својот народ од ропство преблажени Јоване. Избави нè и нас од ропството на гревот и непријателите, со спасението Божјо, бидејќи и ние коленичиме пред Бога: Алилуја!

 

Икос 6

 

Осветлувајќи се со молитвата своја направи невозможно, о добар Пастиру, и ги убеди властите на овој свет да се смилуваат на стадото твое. Поради тоа и ние заедно со нив благодарно коленичиме:

Радувај се, искрен помошнику на оние кои со вера те призиваат!

Радувај се, од неправедни убиства избавителу!

Радувај се, заштитнику од лаги и клевети!

Радувај се, ослободителу на невините од окови!

Радувај се, на безбожните напади осветителу!

Радувај се, помрачителу на лагата и пројавителу на вистината!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 7

 

Сакајќи достојно да ги прославиш древните светители на Западот, кој е отпаднат од Вистината, го обнови нивното почитување во Православната Црква, о љубителу на светиите на Исток и Запад. Денес со нив на небесата моли го Бога за нас, кои на земјата му пееме на Бога: Алилуја!

 

Икос 7

 

Како нов Божји избраник те гледаме заедно со светителите на древна Галилеја, тебе кој во последните времиња се јави како еден од нив, вдахновувајќи ја својата паства да ја чува православната вера, како што и тие на Запад некогаш ја исповедале. Во таа вера да пребиваме, сочувај нè и нас кои коленичиме:

Радувај се, нов Мартине, во воздржанието, подвизите и чудата твои!

Радувај се, нов Германе во исповедањето на верата православна!

Радувај се, нов Иларие во Божанственото богословие!

Радувај се, нов Григорие, во почитувањето и прославувањето на угодниците Божји!

Радувај се, нов Фавсте со својата нежна љубов и монашка усрдност!

Радувај се, нов Кесарие во цврстата љубов кон Правилата на Црквата Божја!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 8

 

Страшно чудо видовме при крајот на овоземниот твој живот,  Маченику Свети Јоване, зашто беше повикан во Нов Свет и таму го проповедаше древното христијанство, примајќи гонење поради праведноста своја, припремајќи ја душата за Царство Небесно. Восхитувајќи се сега на трпението и многустраданието твое, благодарно коленичиме пред Бога: Алилуја!

 

Икос 8

 

Беше работник на лозјето Христово, Богоносни оче, и не знаеше за одмор сé до крајот на многунапатениот живот твој. Помогни ни и нам недостојните во учествувањето наше, прекрасен угоднику Божји Јоване, секогаш верно да  припаѓаме на Бога, бидејќи те славиме коленичејќи:

Радувај се, трпејќи  до крајот достигна спасение!

Радувај се, се удостои да почиваш пред иконата на Мајката Божја!

Радувај се, покрај неправедните гонења храбро верата ја чуваше!

Радувај се, добар пастиру на стадото свое и владика, упокоението седејќи го дочека!

Радувај се, после смртта паствата ја утеши со чудесното враќање свое!

Радувај се, многу чуда правиш на оние што со вера и љубов пристапуваат на гробот твој!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 9

 

Целата ангелска природа ја зарадува со влегувањето на душата твоја во небесната обител, а ние восхитувајќи се на земјата на чудата твои пројавени со дејството на Светиот Дух, му пееме на Бога: Алилуја!

 

Икос 9

 

Многуглаголивите говорници не можат да ја искажаат светата сила на животот  твој, о праведен оче Јоване, светилиште на Бога неизречивиот. Гласно те прославуваме, о чудесно јавување Божјо во нашите маловерни времиња, коленичиме вака:

Радувај се, палато на Божествените заповеди!

Радувај се, мало и кревко обиталиште на ангелската обител!

Радувај се, лествицо со која лесно се качуваме на небесата!

Радувај се, исцелителу кој сите болести брзо ги лечиш!

Радувај се, тајна ризницо на молитвениот подвиг!

Радувај се светло украсен храму на Светиот Дух!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 10

 

Сакајќи да го спасиш светот, Спасителот свој те прати нам, како нов светител, повикувајќи нè нас од мрачните длабочини на гревот. Слушајќи те како нас на покајание нè повикуваш, преблажен оче Јоване, ние во добродетели сиромашни, вака коленичиме пред Бога: Алилуја!

 

Икос 10

 

Карпа си на сите кои прибегнуваат кон твоето небесно застапништво, оче Јоване, оградувај нé и ослободувај нé и нас од демонските војски, од болести, искушенија и  разни неволји, бидејќи со вера ти коленичиме:

Радувај се, на слепите прогледување!

Радувај се, со силата на молитвата со живот ги даруваш оние кои се на смртниот праг!

Радувај се, од метежот и револтот нè чуваш!

Радувај се, спасоносна росо на оние кои гинат во оганот на жалоста!

Радувај се, осамен и напуштен отечки застапнику!

Радувај се, свет Учителу на оние кои бараат вистина!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 11

 

Непрестајно пеење си принел на Пресветата Троица, Преблажен оче Јоване, со мислите, зборовите и добродетелите. Со големо разбирање на заповедите на вистинската Вера си објаснил, поучувајќи нé нас, на Единиот во Троица  Бог, со вера, надеж и љубов да му коленичиме: Алилуја!

 

Икос 11

 

Како светлоносен светилник на Православието се јави на оние кои беа во темнината на незнаењето, добри пастиру на стадото Христово. Така и после заспивањето свое им ја откриваш вистината на оние кои не ја знаат, просветувајќи ги душите на верните кои вака ти коленичат:

Радувај се, просветување на Божјата мудрост на оние кои се во темнината на незнаењето!

Радувај се, виножито на тивката радост на кротките!

Радувај се, грому кој ги плашиш упорните грешници!

Радувај се, молњо која ги запалуваш ересите!

Радувај се, дожду на догмите православни!

Радувај се, росо на Богомислието!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

Кондак 12

 

Знаејќи за излиената благодат која ти е дадена од Бога, со побожност и благодарност ја примаме и кон прекрасното застапништво твое прибегнуваме, о сефален оче Јоване. Прославувајќи ги чудата твои, пред  Бога коленичиме: Алилуја!

 

Икос 12

 

Пеејќи благодарност кон Бога, Кој прекрасно се прослави во тебе, кроткиот и смирениот слуга, јавувајќи се на паднатиот и неверен свет, кој не направил ништо што е рамно на чудата твои, ние остануваме восхитени,  ти се поклонуваме и со светите те почитуваме:

Радувај се, нова ѕвездо на праведноста што засвети на сводот небесен!

Радувај се, нови пророку, кој нé избавуваш од зацарените зла!

Радувај се, нов Јона, прорекуваше за пропаста на гревот!

Радувај се, Крстителу, сите ги призиваше на молитва и покајание!

Радувај се, нов Павле, го поднесе теретот на евангелските проповеди!

Радувај се, нов Апостоле, светло проповедање на верата!

Радувај се Светителу оче наш Јоване, Чудотворче на последните времиња!

 

 Кондак 13

 

О, пресветол и Прекрасен угоднику Божји, Светителу оче наш Јоване, утеха на бедните, прими го сега нашиот молитвен принос и моли го Господа од адот да се избавиме со богопријатното твое застапништво, бидејќи самиот по смртта рече: „Кажете му на народот: иако умрев, јас сум жив“: Алилуја!

 

Величание

 

Те величаме Светителу оче Јоване и го почитуваме светиот спомен Твој, бидејќи ти се молиш за нас на Христос, нашиот Бог.

 

Тропар, глас 6

 

Славен наследнику на апостолите Христови

се јави нас маловерните и ладните по срце да нè спасиш.

Во благодатта и подвизите на древните светители си се облекол,

со тоа небесните тајни ги доби од Бога.

О, предобар хранителу на сиромашните,

кој им даваш надеж на отфрлените од светот,

о Светилнику Христов со Божествен пламен

во зорите на Страшниот Суд вжештен,

моли се за нас Светителу оче Јоване,

и нашите срца да се разгорат со оганот

на спасоносната љубов за Христа

и нашите души да се спасат во последните времиња.

 

Превод: Ѓакон Златко Крстевски