Свети Нил Мироточиви – малечко чудо

Роден е во Мореја. Како јеромонах дојде на Света Гора заедно со својот чичко. Се подвизуваше како пустиник во пустото место наречено Свети Камења. Кога се упокои од него потече миро во такво изобилство, што од врвот на гората се слеваше во морето. Тоа чудотворно миро ги привлекуваше болните луѓе од секаде заради исцеление. Ученикот на Св. Нил му се пожали во молитва на својот духовен отец од мноштвото посетители. И мироточењето одеднаш престана. Свети Нил се подвизувал како ревносните светители во потполна смисла. Се упокои во 17 век.

Сведоштво на еден поклоник

… При крајот на нашето поклоничко патување на Света Гора, стигнавме до Скитот на свети Нил Мироточиви. Веќе беше петти ден, како пеш ја обиколувавме Света Гора. Јас неискусен, во тесни стартки, веќе почнав да ги слушам жалбите на нозете. Стапалата ме болеа, но душата се радуваше. Ни останаа уште два дена да се порадуваме на недопрената убавина од Света Гора, и веќе сфативме – дека начинот на кој ја запознавме Света Гора тогаш (пеш), не би можеле никако поинаку да го доживееме.

За свети Нил не знаев ништо. Стигнавме на врвот на Кавсокаливија, и видовме два скита над пештерата на свети Нил – едниот протатонски (официјален), другиот зилотски. Нас, како аутсајдери од се, не не интересираа толку нивните разлики, не ни пречеше да ги посетиме и двата скита. Но најпрвин, се спуштивме во пештерата на светителот.

Кога влеговме, не дочека стара запоставена пештера, со дрвени даски на кои се подвизувал светителот, стар самоделен иконостас, со неколку каширани икони… И незаборавно чувство на небесно жителство. Во тој миг, поделбите кои се случуваат меѓу нас луѓето ми се покажаа смешни. Камењата дишеа со некој мир, пред кого исчезнуваше сета човечка суета…

Одморивме таму десеттина минути, и го продолживме нашиот пат… Но, се случи нешто неочекувано. Светителот, за кого што ништо не знаев претходно, без да му се помолам, ми подари неочекуван подарок – стапалата престанаа да ме болат, до крајот на нашето патување…

Преподобен отче Нил, посети не нас кои не ти се молиме, и дај ни да го спознаеме твојот мир (Христов).

(Јули, 2010)

agios nil mirovlitis sveti nil sveti nil pestera sveti nil kelija sveti nil mirotochivi