Свети Мојеј Мурин – За еден поглед кон небото

Свештеник Вадим Арефјев, раководител на Домот за трудољубие посветен на Свети Јован Кронштадски во Бруклин, за бездомни лица (наркомани и алхохоличари) и нивниот застапник, преп. Мојсеј Мурин.

Тој гледаше во ѕвездите, и само една воздишка го измени неговиот живот

Си спомнуваме за овој светител, не само на секоја проскомидија, но и на секое осветување на лебовите, на секој молебен, секогаш и секаде. Што толку нè привлекува кон неговата личност? Според житието, тој човек пораснал, најверојатно во бандитска средина. Веројатно, неговите родители исто така биле некакви бандити и живееле во таква група, и тој буквално уште со мајчиното млеко го впил во себе сиот ужас на крвопролевањето, беззаконијата, грабежите и насилствата (тоа е веќе моја претпоставка, не наоѓаме опишување на неговото детство во житието). Пресвртен во неговиот живот станала една единствена воздишка кон Творецот. Сред ноќ, како што опишува житието, тој погледнал во небото, длабоко воздивнал по Бога, ја почувствувал Неговата блискост, и отфрлил сè, со што живеел дотогаш, ја напуштил својата огромна непобедлива банда, отишол пред ѕидините на манастирот и застанал пред влезот на колена.

Монасите, кога го виделе Мојсеј, почнале да се подготвуваат да умрат. Бидејќи Мојсеј бил позната фигура во источните земји во тоа време. Тој имал банда колку една мала армија, и кога со неа тој се движел по малечките градови, луѓето претпочитале сè да остават и да заминат. Самиот Мојсеј, бил апсолутно бестрашен и свиреп воин. Судејќи по описите, тој имал огромен раст, околу 2 метри, и бил доста цврсто граден – голема планина мускули. Притоа, тој имал фантастична, речиси ѕверска реакција и брзина. Како што кажува житието, Мојсеј можел со голи раце да се пресмета со неколкумина вооружени луѓе.

Колку нè љуби Господ, кога таков човек, кој практично живеел во единство со бесовските сили, се сраснал со тоа зло, наеднаш, за една секунда можел целосно да се смени, и да стане, всушност, преподобен. Сеуште не по форма, сеуште тој блиску не ѝ се доближил на светоста, но после таа единствена воздишка тој веќе станал друг човек и не можел повеќе да размислува како бандитите, па дури ни како мирјаните, неговата душа повикувала кон осаменост и молитва.

Тој е моментот на пресврт, за кого ние ретко се молиме. Ние се спасуваме некако пополека. Нешто добро сме направиле, не сме заборавиле да пружиме рака некому, и како да сме на патот на спасението. А всушност, таа воздишка, тој крик кон Господа е многу важен! Додека не крикнеме во душата: „Господи, спаси, загинувам!“ Господ не ни е Спасител, а некаков апстрактен Бог. Штом ќе викнеме, вистински „тонеме, загинуваме, спаси нè!“ тој веднаш истрчува кон нас и ни ја подава Својата рака. Очигледно, токму тоа се случило со бандитот, и тој станал преподобен.

 

Ава Мојсеј сега е цел бел

Но, монасите тоа сеуште не го знаеле. Вратарот, кога видел кој стоил пред вратите, помислил дека браќата ги чека смрт. Сите монаси заедно во манастирот не би можеле да се справат со тој бандит, а можеби и неговата армија била некаде во близина. Браќата на манастирот отишле да се подготват за смртта: ги затвориле сите катанци, и на чело со игуменот спокојно се причестиле пред смртта, се поздравиле и се спремиле да се преселат во другиот свет. А Мојсеј стоел со часови, додека не паднал во бесвест под врелото сонце. Игуменот сфатил што се случува и побарал да ги отворат портите и да го внесат Мојсеј. Мојсеј се освестил и рекол, дека сака само едно: „Исповедај ме, оче свети“. Мојсеј се исповедал неколку часа, и бедниот игумен бил потресен од потокот на злото, кој човекот го излеал пред Господа, и од тоа, колку длабоко се покајал тој бандит и убиец.

На Мојсеј долго не му верувале, му давале најтешки послушание – да ги чисти отпадните места, дење да носи вода од бунарот и сл. Наеднаш, браќата почнале да забележуваат дека некој им помага, додека тие спијат, и ноќе ги исполнува нивните најтешки послушанија. Но, еднаш наутро браќата го виделе Мојсеј како лежи во несвест крај бунарот. Ноќта, додека носел вода за другите монаси, на него нападнал демонот и го удрил по плеќите толку силно, што Мојсеј се онесвестил. Го однеле во манастирот, и така браќата сфатиле кој им помагал цело време.

После многу години, епископот одлучил дека Мојсеј е достоен за свештенослужител. Мојсеј, веќе пострижен монах, станува јероѓакон. По тој случај, епископот го облекол во бела облека и рекол: „Ава Мојсеј сега е сиот бел“. По опишувањето, поблагоговеен јероѓакон тешко можело да се најде. Но, епископот никако не можел да се одлучи да го ракоположи во јеромонах, сеќавајќи се на неговите страшни престапи. Тогаш епископот решил Мојсеј да го смири и да го провери. Тој ги замолил малите деца, кои прислужувале во олтарот, да отидат и да го искушаат Мојсеја.Тие отишле и почнале да му викаат пред него нешто многу навредливо, ја спомнувале бојата на неговата кожа и викале „да си одиш оттука, и твојата нога да не стапне на прагот на Божјиот олтар“. А епископот, набљудувајќи ја оддалеку таа сцена, воопшто не се покажувал. И епископот бил поразен, гледајќи, како тој огромен црн великан застанал на колена пред децата, ја спуштил главата до земјата и рекол: „Вие немате ни поим, кколку сте во право. Јас – сум голем грешник, и не само во олтарот што не сум достоен да влезам, но дури ни да го престапам прагот на светата црква“. И Мојсеј горко заплакал и излегол од олтарот. Тогаш епископот го повикал Мојсеј и го ракоположил во свештеник и Мојсеј станал јеромонах.

Смртта на преподобниот – пример на свештениците.

Еднаш, на манастирот нападнале бившите другари на Мојсеј од бандата. По благослов од игуменот, Мојсеј, помолувајќи Му се на Бога, ги разоружал напаѓачите, ги заврзал бандитите и ги однесил пред нозете на игуменот. Кога бандитите го препознале во монахот легендарниот Мојсеј, многумина, ако не сите, се покајале и многумина останале во манастирот. Што ни зборува тоа? Човекот можел толку да се проникне од љубовта кон Творецот, да се проникне во послушанието и молитвата, што дури и при напаѓањето на неговиот манастир, не зема во рацете оружје, не ги казнува бандитите, а ги прегрнува со своите огромни раце и ги носи во манастирот. Тоа е пример на тоа, како ние свештениците, би можеле да им служиме на страдалниците, дури и ако се бандити. Да не се трудиме да ги изгониме со стап, туку да ги привлечиме со својата љубов. Господ дошол, за да ни го покаже патот преку Голгота кон спасението, а не само да не искара за нашите гревови, да не казни и да си замине, нели?

Откако доволно послужил, и почувствувал дека Господ ги исполнил неговите дни, иако преп. Мојсеј бил сеуште доста млад, тој при следен напад од бандитите побарал од браќата да го напуштат манастирот, а самиот останал да ја чува црквата. Мојсеј не се спротивставил на бандата кога влегла во манастирот, и според едно од житијата, тие го убиле преп. Мојсеј директно во црквата.
Извор: http://www.nsad.ru/articles/prepodobnyj-moisej-murin-svyatoj-negr