Свети Јован Шангајски

 

Светиот Јован Шангајски  е Христов апостол, угодник, пастир, литург, светител, просветител, ревносен мисионер, автетичен сведок и примо – предавач на апостолското предание помегу емигрираните Руси и сиот Божји народ.

Роден е на 04 јуни 1896 година во малата населба Адамовка (Харковска губернија), во православното благочестиво семејство на Борис и Глафира Максимович, со крстено име Михаил. Бил воспитан во вистински христијански дух, а особено се интересирал за историјата на својот народ.

Своето прво образование го здобил во Полтавскиот Кадетски Корпус, а истото го продолжил на Правниот факултет во Харков, каде се преселил со своето семејство и се запознал со о. Антониј Храповицки (Харковски архиепископ и нивни голем семеен пријател и духовник). Средбата била клучна и од големо значење.

Во тој период во младиот Михаил се повеќе се разгорувала желбата за подвиг, па неговиот живот сосема се променил, запишувајќи се на Богословскиот факултет во Белград (каде живеел со семејството и со сега веќе поглаварот на Р. Задгранична Црква г. Антониј Х. , односно неговиот духовник), каде дипломирал во 1925 година.

Наредната година на празникот „Воведение Богородично“ бил замонашен дипломираниот теолог Михаил, со монашко име Јован, во чест на неговиот роднина по крв, св. Јован, еп. Тоболски. Набрзо потоа бил ракоположен во еромонашки чин.

Во есента 1928 г. со синодска одлука го назначиле за професор во Битолската богословија, каде бил вистински Христов светилник, за кого преп. Николај Жички (тогашен Охридско – битолски епископ) кажал: Ако сакате да видите светител, одете во Битола кај о. Јована .

По неколку години (1933) бил хиротонисан за епископ, а наредната година востоличен за митрополит на Шангајската епархија, од каде по Втората светска војна успеал да им обезбеди влез на своите верни чеда во Америка, одн. Сан – Франциско.

Потоа (1951 / 61) околу една деценија послужил во Западно – Европската епархија, па повторно се вратил при своите шангајци  во  Сан – Франциско, каде изнемоштен од мисионерско – пастирската дејност,  што постојано ја вршел, се упокоил во Господа на 19 (02) јуни 1966 г. , по одслужената литургија во градот Сиетл.

Во својата богата дејност најмногу настојувал да всади во луѓето вистинско христијанство. На тој начин тие биле збогатени со вечните евангелски и морални вистини и со светлоста на христијанската љубов. Успеал да го всади евангелието во Црквата, во просветата и во општествено – човечките односи. Се трудел морално да ја препороди секоја човечка личност и да воспостави високоморален поредок во животот на својот народ и пошироко.

Ако не бил таков, Св. отец наш Јован ќе бил обичен како и другите, но поставувајќи си високи цели на човечко, духовно и морално самореализирање како монах и Божји угодник на нивата Господова, е прославен со светителски чин. Неговиот свет спомен го прославуваме на 02 јули.

YouTube Preview Image

подготвил: Петар M. Петковски