Ставови и барања на Свештенството на МПЦЕАНЗ од 16.11.2015

Свештенството на Македонската Православна Црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд (МПЦЕАНЗ), на своето вонредно Епархиско Свештеничко собрание, одржано на 16 Ноември 2015 г., по опстојна дискусија и анализа на состојбата во Епархијата, а во врска со пропагандата која ја води Игуменот Гаврил (Галев) заедно со неговите таканеречени духовни чеда, со цел разнебитување на МПЦЕАНЗ, по опстојна дискусија ги донесе следниве

 

СТАВОВИ И БАРАЊА

Ние, парохиските свештеници и монасите во Епархијата, сме згрозени од пропагандата која веќе неколку седмици ја води Игуменот Гаврил (Галев) заедно со неговите таканаречени „духовни чеда“, и бараме, тие веднаш, да престанат со нецрковните дејствија против МПЦЕАНЗ, епархискиот надлежен Архиереј, Телата и Органите на Епархијата, чесното свештенство, преподобното монаштво, сиот црковен клир и сите верни чеда на МПЦ.

Со братска љубов ги повикуваме водачот и организаторите, итно, во рок од 7 дена, јавно да се покајат и извинат пред целокупната јавност излегувајќи на сите медиуми и електронски портали, кадешто тие ја започнаа и сеуште ја шират својата злонамерна и антицрковна пропаганда за уривање на Црковниот поредок во нашата Епархија.

Во ниеден случај нема да дозволиме она што со огромни жртви, саможртви, подвизи, напори, пот и крв го постигнавме, ние парохиските свештеници, заедно со нашите верници, предводени од нашиот Митрополит г. Петар и тоа уште пред игуменот Гаврил да дојде во Австралија, да го растури и уништи само заради неговата прелест и вообразеност дека е некаков духовен лидер, за жал според нашето видување од типот на источните гуру духовници, кои им го перат умот на своите духовни чеда, доведувајќи ги во состојба наполно да заборават на Христа, а болно да се приврзат кон својот духовник, по цена дури и физички да се пресметуваат со неистомислениците на нивниот духовен отец, игуменот Гаврил.

Сè до испраќањето и објавувањето на „Повикот за мир и разбирање“ на о. Гаврил на сајтот на Премин портал, ние свештениците во МПЦЕАНЗ бевме прилично воздржани  за  разни  коментари.  Но,  откако  го  прочитавме  тој  „Повик  за  мир  и разбирање“, кој всушност е уште поголем и помасовен повик на бојкот против Архиерејот, свештенството, монаштвото, верниците и телата и органите во Епархијата, не можеме повеќе да го толерираме ова крајно перфидно однесување на игуменот Гаврил кој едно зборува пред нас, телата и органите и Архиерејот, а сосема друго пред негвите духовни чеда и јавноста. Затоа  дирекно ти се обраќаме о. Гавриле:

– ДОСТА Е со твоето подмолно однесување и со замајување на јавноста и верниците дека си единствениот просветлен духовник во МПЦ што ја просветлуваш цела Австралија (според изјавите на твоите духовни чеда);

– ДОСТА Е со твоите перфидни подмолни изјави дека си ги собрал младите во MOYA при манастирот „Св. Прохор Пчињски“ во Донибрук. Зар, заборави дека отец Тоне ти ги отстапи младите, од својата парохија, за да не бидеш без ниту еден човек на богослужбите во манастирот;

– ДОСТА Е со фалбите твои дека имаш, покрај тебе, двајца искушеници, кои од тебе за 9 години ништо духовно не научија за монашкиот живот и верата, освен да му се закануваат на секој еден со физички пресметки, особено на твојот духовен брат, игуменот Никодим, доколку продолжи да ги почитува Одлуките на Архиерејот, за наизменично богослужење во манастирите во Донибрук и Роклин, или основање на заедничко братство во ман. „Св. Наум“ во Роклин;

– ДОСТА Е со фалбите и самофалбите за присвоената твоја, младинска ореганизација MOYA, од која, на крајот од краиштата испадна дека е тоа само една мала група на твои приврзеници, твои духовни чеда, кои постојано се присутни во електронските медиуми за твое промовирање, наспроти промоцијата на Епархијата, верниците Црковните Одбори и свештенството и Архиерејот. Тие своевремено одбија да го заштитат угледот на телата и органите на Епархијата од нападите на отпадниците од МПЦ, предводени од Александров и неговите истомисленици со распопите.

Ваквите жестоки напади, омаловажувања, унижувања, клевети и лаги упатени од твоите чеда, кон нас свештениците, телата и органите, верниците и Архиерејот во МПЦЕАНЗ ќе можевме некако да ги разбереме, само доколку пред тоа на ист начин и со ист набој и чувства беа упатени и кон отпадниците со Александров и распопите. Но, оче Гавриле кога ти беше од наша страна укажано дека твоите духовни чеда треба да се вклучат во одбрана на Епархијата ти цврсто застана против тоа велејќи: „не смееме да ги втурнеме младите во политика“. Тогаш и таква одбрана на Епархијата ти ја нарекуваше политика, а како го нарекуваш овој напад врз телата и органите во Епархијата од страна на твоите духовни чеда?

– КАЖИ И на јавноста, оче Гавриле, дека ти не ја организира MOYA, туку ја употреби за себеафирмирање, а сега ја злоупотребуваш за разнебитување на Епархијата и нејзините тела и органи;

– ПРЕСТАНИ со самофалбите и фалбите за градењето на црквата манастирска, и кажи и на јавноста дека, своевремено, по предлог на Архиерејот, ЕУО го купи  излетничкото  место  со  објектите  и  минералната  вода,  за да биде манастир кој од почетокот го организираа и раководеа Црковниот Одбор со верниците од црквата „Св. Петка“- Милпарк предводени од нивниот парохиски свештеник о. Тоне Гулев и дека тие обезбедија и содадоа услови да може да се гради манастирска црква откако го исплатија кредитот од 400.000 АУД. Ти, пак, за возврат на нивната грижа најзаслужните ги награди, нарекувајќи ги крадци и ги отстрани од манастирот, а тие пак, несебично ти го предадоа манастирот на управување;

– КАЖИ ИМ слободно на верниците и јавноста дека предавањата на семинарите на MOYA ги одржуваа Архиерејот, неколку свештеници, се разбира и ти и о. Никодим, и дека на тие предавања секогаш на поставуваните прашања од присутните Митрополитот Петар даваше соодветни одговори но и постојано им укажуваше на присутните, а тоа значи и тебе и на искушениците дека не треба духовните чеда да се приврзуваат кон духовниците, туку кон Христа Бога;

– КАЖИ И отворено на јавноста дека младите девојки од иконописната школа, атељето и MOYA беа многу често присутни во твојата келија и тука се одвиваше активноста на атељето и MOYA, па затоа откако дозна Архиерејот за тоа, за да нема соблазна кај верниците донесе одлука иконописното атеље и MOYA да се дислоцираат најмалку 50 метра од твојата ќелија.

– КАЖИ И на јавноста дека ти во овие 9 години не успеа да подготвиш ниту еден помлад или постар човек што би примил монашки чин, или дека си испратил девојки или жени, кои имаат желба за монашки живот, во некој женски манастир во Преспанско-пелагониската епархија, како што тоа го направи Митрополитот Петар, кој од Австралија испрати и замонаши две монахињи. Но, заборавивме, ти навистина испрати (кришум од Архиерејот) и девојки и жени во Струмичката епархија, а некои од нив биле облечени во монашка риза, па потоа ја соблекле и вие нив ги прогласивте за бели монахињи, кои на свадбите се покажаа како повешти танчерки од Саломија. Кажи слободно, дека твоето гледање кон некогашните твои собраќа, од манастирот во Хамзали, Арсениј и Георгиј што откако ги соблекоа мантиите ти ги оправдуваш и пред твоите духовни чеда и пошироко ги преставуваш како бели монаси.

– КАЖИ И на јавноста дека ти не сакаш да живееш во братство со уште еден игумен кој инсистира, по секоја цена, монашкиот живот да го водите согласно со Уредбата за манастирите и монаштвото во МПЦ и типикот манастирски, а не постојано да ги посетувате домовите на парохиските свештеници, да извршувате треби и чинодејствија во домовите на верниците.

– КАЖИ ИМ на верниците и јавноста дека за добиената твоја заслужена награда, како заслужен граѓанин за придонес во општетствениот живот во Австралија, последен дозна Архиерејот, од кого ти преку твоите духовни чеда на чело со Ананија и Аргирета побара, вечерта на семинарот, јавно да те пофали без да знае за што се работи. Но, потоа, по неколку дена на свештеничкото намесничко собрание, кога Архиерејот те запраша, пред нас свештениците и пред двајца владици од каде си ги собрал и каде си ги наменил 400.000 АУД социјална помош, што си ја подарил не знаеме каде, кому и кога, ти одоговори дека тоа било грешка во преводот.

– КАЖИ И на јавноста дека ти го насочуваше народот да ја губи довербата во раководството на Епархијата, само затоа што претпоставените ти укажуваа на твојата опрелестеност и нескриена желба да ја приграбиш власта во оваа Епархија, уште пред да бидеш ставен на списокот за кандидати за Архиереи. Нашиот Архиереј ја прозре твојата преголема желба за Архиерејска власт, па затоа по Епархиското собрание во август 2012 г. ти предложил, откако се подели Епархијата да побараш премин во црковните општини кои се под управа на САС, па откако поработиш како Архиерејски намесник, секретар и Архиерејски заменик и се покаже дека ги исполнуваш условите за владика да бидеш предложен и избран за Архиереј, но немој, ни случајно да негуваш некакви илузии дека ќе можеш да бидеш предложен и иазбран за Архиереј на оваа Епархија;

– КАЖИ И на јавноста дека ниту една одлука од Архиерејот во врска со формирање на заедничко монашко братство, наизменично престојување и служење во манастирите во Роклин и Донибрук, отстранување и ставање во посебен двор на животните од црквата и манастирските ќелии кој со својот измет го загадуваа просторот околу ќелиите, па и самата внатрешност на црквата, како и прифаќање двата манастири да имаат заеднички буџет се заради доброто на манастирското братство;

– КАЖИ И на јавноста дека заради твојата небрежност и самоволие се случи да се загубат дозволите за градба и на манастирската црква и на епископската резиденција во Донибрук, и токму поради тоа повеќе од 4 години беше стопирано нивното градење, се до пред извесно време, кога едвај добивме дозвола само за продолжување на градбата на црквата, и тоа условно, кое условување ти се обиде, со непревземање до одредено време да се изградат одредени работи, повторно да се изгуби дозволата;

– ТИ со овој твој „Повик…“ наместо да донесеш мир и разбирање повторно ги повикуваш твоите верници на масовно самоорганизирање, за да го врателе живото во манастирот со твоето враќање во Донибрук, што со овие постапки го уривате до темели. Ти, о. Гаврил дотураш бензин на огинот што сам го запали и крајно перфидно и подмолно ги насочуваш твоите духовни чеда да ја разнебитуваат Епарахијата и да создаваат хаос и безредие, но не заборавај дека нема да дозволиме тоа да се случи, затоа што ние свештениците сме одговорни пастири и ги знаеме нашите духовни чеда и правилно ги упатуваме и насочуваме, не кон себе (како ти), туку кон Христа единствениот Пат, Вистина и Живот. Жалосен е фактот, о. Гавриле, што ти не си успеал вистински да ги оцрковиш и правилно да ги упатуваш твоите духовни чеда, па тие затоа мислат дека треба да градат манастир само за од нив избран духовник, кој духовно ќе ги раководи, заборавајќи дека прв и последен духовник на верниците им е парохискиот свештеник, а не некој еромонах, игумен или архимандрит од некој манастир. Духовниците од манастирите треба да ги исповедааат само искушениците и клириците во соодветниот манастир, односно манастирското братство или сестринство, а само со благослов, знаење и координација на парохискиот свештеник, духовниците од манастирите можат да даваат совети.

Твојата изјава, во овој „Повик…“ дека твоите духовни чеда ти откажуваат послушност е замајување на јавноста и верниците, кои што не се упатени во проблемот што ти го создаваш, и верувај, не сме ниту глупи, ниту наивни и знај дека нема, а и неможе да има, поделба во Епархијата, телата и органите и дека ова сето е само твоја фикс идеја, опрелестеност и фантазија дека ти и твоите духовни чеда сте незаменливи и дека само околу вас се врти духовниот живот на Македонската заедници во Австралија. Со твојот парадоксален повик ти не повикуваш на мир и едниство во Епархијата туку на бунт и безредие, а тоа се гледа и од коментарите на твоите духовни чеда, по овој твој повик.

Жалосно е што „верниците“, твои духовни чеда давале донации поради љубов кон тебе, а не заради љубов кон Христа. Еве ја твојата егоистичност и гуру насоченост на верниците твои, кои го заборавиле Христа и се насочиле само кон тебе. Лага е дека скапоцени предмети од манастирот и други вредни работи не си зел со себе што тие духовни чеда ти ги дале тебе а не на манастирот, заборавајќи дека монасите немаат друга сопственост освен облеклото и предметите за лична хигиена. Жалосно е што уште сега си заборавил на положените монашки завети.

– КАЖИ И на јавноста дека изјавата што ти и ја даде на јавноста со која ги повикуваш твоите духовни чеда да престанат со пропагандата и дека им наложуваш забрана на причесна од 6 месеци е твое дело, како што и самиот ни рече, нам на свештениците, дека ти добро знаеш што да напишеш, или пак, како личност со двоен морал, едно говориш пред нас свештениците, Архиерејот и телата и органите на Епархијата, а друго пред твоите духовни чеда и јавноста. Не го криј повеќе твоето вистинско лице и однесување, туку јавно кажи дека пред нас свештениците и пред тројца Архиереи, без никој да те принудува изјави дека си половина монах а половина мирјанин.

Едно од твоите духовни чеда кое коментира на твојот „Повик…“ признава дека петицијата е дело на твоите духовни чеда, а тие секогаш се изјаснуваа дека без твој благослов не прават ништо, ниту се мажат ниту се женат, а некои дури по цена да останат неоженети и неомажени чекаат на твој благослов со години, не купуваат ниту храна, ниту возило, ниту што и да било без твој благослов. Дрскоста на твоите духовни чеда, особено на највлијателната, Аргирета Атева, се гледа во нејзиниот повторен повик на подршка на петицијата. Таа, меѓу другото, ги повикува сите на длабок поклон кон тебе, наместо кон Бога, на кого единствено треба да му се поклонуваме и да му служиме. Виде ли, о. Гавриле, што си направил од овие твои духовни чеда и од себе? Идол – на кого треба да му се поклонуваат. Христа, можеби наполно го заборавиле како Бог, или само го почитуваат како секој човек, ама тебе ти се клањаат и ти служат како на Бога. Ноторна лага е и клевета дека во просторијата во конакот во манастирот „Св. Наум“ во Роклин живееш и спиеш без прозорци, и дека немало чиста вода и услови за прием на гостите, иако вистината е спротивно на тоа дека има, не големи, но одлично подготвени ќелии за монасите, работна соба, посебни тоалети, трпезарија, кујна и приемна соба за монасите и за гости. А, твоите духовни чеда заборавија во какви услови беше ставен игуменот Никодим, кога дојде во манастирот, односно го сместија во ќелија смрдена од изметот на мачките, кои ги поганеа не само монашките ќелии, туку и внатрешноста на црквата, за што има и материјални докази. Quo vadis о. Гавриле?

СМИРИ СЕ и покај се, ама монашки, вистински, а не како досега декларативно, перфидно и лукаво. Се молиме и за тебе и за твоите духовни чеда, но моравме да ти ја кажеме вистината, а тоа е Христос нашиот Бог и Спасител.

 

Збор-два упатуваме и до вас, духовни чеда на игуменот Гаврил.

Ние свештениците од оваа Епархија многу жалиме што вашиот духовен отец, за кого во суперлативи зборувате, не успеал правилно да ве поучи и упати во верата наша Света, Православна, или пак вие ништо не сте разбрале за вистинското учење на Црквата. Не знаеме, до крај, во што е проблемот!? Во сеачот ли е, во семето или во почвата. Ако е до сеачот, тогаш вината е во игуменот Гаврил, ако е до семето – најверојатно лошо семе посеал и еве ги плодовите од него – петиција против оној кој го преставува Христа во Епархијата, Архиерејот-владиката и свештениците, кои ги претставуваат апостолите, а ако е до почвата (духовните чеда на игуменот) натапканата земја крај патот, каменитото место и трњето, очигледно тоа семе брзо, благодарение на електронските медиуми, интернетот, телевизијата, социјалните мрежи ќе никне и израсне, но нема да вроди достоен плод. Го сожалуваме о. Гаврил за тоа што кога веќе се одлучил да ја урива и разградува Црквата не требаше тоа да го прави на ваков начин, туку да ве упатеше, доколку сметате дека сте онеправдани и загрозени тоа да го правевте преку институциите во Црквата. Во раните векови на Црквата кога Архиереите ги избирале верниците а не Архиерејските синоди, недостојните за архиереи личности ги поткупувале “верниците“ односно толпата која влегувала во црквите и наспроти вистинските верници тие го вршеле изборот на недостојните архиереи, па изгледа вие духовни чеда се огледавте на нив па мислите дека преку социјалните мрежи можете да го изберете својот игумен за Архиереј, а да го разрешите надлежниот Архиереј.

Многу жалиме што не ве информирал вашиот духовник, дека според црковните закони вие пред се сте духовни чеда на парохиските свештеници, од соодветната парохија на која припаѓате, која пак, е приклучена кон најблиската црква.

Вие доколку сте вистински верници длабоко би се покајале, за досега јавно направените гревови по ова прашање, но вашето упорствување во гревот, без да покажете ни трунка покајание, е доказ дека полошо постапувате и од оние што ништо не знаат за верата, но кога совеста во нив ќе проговори знаат да се извинат и да побараат прошка, без оглед дали згрешиле од небрежност, од незнаење или пак биле заведени.

Вашиот духовник кој објавува во Епархиското списание „8-ми ден“ мисли од Светите оци требаше да знае дека просветлените и обожените во кои вие, неговите духовни чеда го вбројувате о. Гаврил, требаше да се однесува исто како просветлените и обожените духовници, а тие себе си се сметале за виновни дури и кога не биле виновни, а вашиот духовник го прави обратното. Има нешто гнило во учењето и советувањето на вашиот духовник. Жалиме што нашите добронамерни укажувања и кон вашиот духовник и кон вас, вие ги сметате како омраза и завист. Ова што го изложивме не е се што направил о. Гаврил, има уште многу потешки престапи, но за тоа нема да говориме за да не ги соблазниме верниците и јавноста.

Црквата Христова се темели врз Божјите закони, и правата на Архиереите, свештениците, игумените, монасите и верниците, како тие да живеат и се однесуваат се изложени токму во Светите Канони и Црковните закони. Сѐ што не е во согласност со Црковните закони води кон хаос, анархија и безредие во Црквата, и затоа, секој што ќе ги прекрши Црковните закони ќе мора веднаш да направи голем подвиг (да се покае и поправи), во спротивно ќе ги сноси санкциите, согласно Светите Канони и Уставот на МПЦ.

Поради сето погоре кажано, Ние, свештениците на МПЦЕАНЗ, ги прекинуваме сите комуникации со Игуменот Гаврил (Галев), сè додека тој не го исполни нашето Барање,  упатено до него самиот и до неговите следбеници.

 

Изјавуваме, дека до моментот додека тоа не биде исполнето, игуменот Гаврил (Галев) и неговите следбеници ќе ги сметаме за соработници на Игор Алексадров, или на слични личности и здруженија што непријателствуваат против нашата Црква.

Нашата свештеничка должност и одговорност, нѝ наложува да се бориме за зачувување на Црковниот поредок и, согласно Црковните канони и закони, да побараме што поскоро да биде започната црковно-канонска судска постапка против Игумен Гаврил (Галев) за негово расчинување и враќање во редот на мирјаните, а, пак, за сите негови подржувачи и следбеници да биде покрената црковно-судска постапка со која тие ќе бидат земени на одговорност за поткопување на црковниот живот, ред и поредок, предизвикување на раздор и нетрпеливост меѓу верниците во Епархијата, а и пошироко, во рамките на целата диацеза на МПЦ-ОА.

Членови на Епархиското свештеничко собрание:

Архиерејски заменик, Протоереј Јовица Симоновски,с.р.

Архиерејски намесник, протоереј Тоне Гулев, с.р.

Архиерејски намесник, протоереј Митко Митрев, с.р.

Протоереј Љупчо Каревски, с.р.

Игумен Никодим Солунчев, с.р.

Протоереј Душко Спирковски, с.р.

Протоереј Трајко Мојсов, с.р.

Протоереј Миле Талески, с.р.

Протоереј Глигор Киселинов, с.р.

Протоереј Мирко Пешовски, с.р.

Протоереј Димче Воиновски, с.р.

Протоереј Рубин Бојчески, с.р.

Протоереј Миме Смиљковски, с.р.

Протоереј Радмил Јошевски, с.р.

Протоереј Васко Трајчевски, с.р.

Протоереј Јованчо,Сумрачки, с.р.

 

(оригиналниот документ можете да го спуштите на следниот линк

Stavovi i baranja od 16.11.15 )