Секогаш треба да ја земеме вината на себе – Старец Пајсиј Светогорец

– Старче, рековте дека едно е трпението а сосема друго е поднесувањето. Што мислевте со тоа?

– Трпението не е поднесување на другиот. Кога велам дека го поднесувам другиот, тоа е како да велам: „Другиот воопшто не чини, јас сум добар и го поднесувам“. Трпението е кога јас чувствувам дека јас ја поднесувам состојбата во која се наоѓа другиот и ме боли колку и него. Во тоа има многу смирение и љубов и тогаш на мене слегува благодатта Божја и оној другиот добива помош. Ако видам, да претпоставиме, некој хром или глув или наркоман, треба да помислам: Кога мојата духовна состојба би дозволила, го молам Бога да го исцели“. Бидејќи Христос рекол: „Кој верува во Мене, делата Јас кои ги творам и тој ќе ги твори, и поголеми од нив ќе твори“(Јн. 14,12). Од тоа се раѓа болка, љубов спрема другиот. Но ако велам: „Што можам јас кога не е способен, ќе поседам малку со него, и ќе добијам нарада,“ тоа значи дека го поднесувам другиот и наоѓам за себе оправдување бидејќи мислам дека сум ја исполнил својата должност.

– Дали секогаш помага да ја превземеш вината на себе?

– Да, ако ја поднесеш, многу помага. За сѐ префрли ја вината на себе. Земи ја на себе и вината на другиот и моли го Христос да ти даде снага и сила да ја поднесеш. Ако примиш на себе поголемо бреме од тоа што е твојата грешка, или воопшто не си згрешил, а веруваш дека на некој начин и си згрешил, тогаш никогаш нема да бидеш преоптеретен со бремето на вината, нема да бидеш ниту горд и ќе го имаш сето богатство на благодатта Божја. Меѓутоа, треба и да внимаваш дали можеш да поднесеш големо бреме. Затоа што, ако не можеш, ќе добиеш хернија или дископатија…

– Што е во тој случај хернија и дископатија?

– Ако превземеш некоја грешка која не можеш да ја поднесеш и не даваш никакво објаснување, па потоа кукаш, се гневиш, критикуваш, осудуваш…

– Старче, често не само што ми е тешко да прифатам неправда, туку туку ја префрлам и одговорноста за својот духовен пад на другиот.

– Вие, не само што не сакате, од љубов, да ја носете торбата на другиот, туку и сакате да ја упатите и својата претешка торба не само на здравиот, туку и на болниот! Треба да стекнеш духовна храброст за да би бил во состојба да ја примиш на себе сета одговорност за својот грев. Колку и да тежи тој товар, го навалуваме на себе, земајќи ги гревовите свои и на другите, со тоа Бог товарот ќе ни го направи полесен и ние ќе чувствуваме Божја сладост.
Ако некој телесно снажен, од љубов, понесе со себе две вреќи цемент на плеќи, за да би го олеснил на некој кој нe е доволно силен физички, кој не е во состојба да носи тежина, нема толкава вредност, колку вредноста на некој да го понесе тешкото бреме на гревот од другиот човек, ако го прифати како свој, дури и да изгледа на другите дека тој згрешил – тоа е голема добродетел, големо смирение.