Послушанието – протаптан пат / Riverdance

Инспириран од оваа исклучителна и ретка музичка дисциплина, добив идеја да направам една мала споредба со една друга, многу важна дисциплина и добродетел – послушанието. Повелете!

Секоја област, како и музиката, содржи свои правила, ритам, мелодија, содржина, инструменти,  и играчи – кои се подеднакво важни за исполнувањето на поставената цел. Првите елементи кои ги споменавме, се различни во секоја област, но играчите, секогаш ја имаат централната улога.

Во сенката на високите идеали, често, местото на играчот стои празно. Колку и да има неуспешни обиди да се следи ритамот, колку танчарите да се обидуваат да се провлечат и да нудат некоја своја верзија, ритамот на тапаните е немилосрден и ги остава во сенка. Но, кога ќе се појави добар играч, тогаш целиот танц добива ново светло. Правилата на игра и незапирливиот ритам не изгледаат веќе страшни, туку го креваат играчот на површина, и веднаш му даваат можност да ја исполни точката, која недостасувала. Доколку човек ги исполни правилата, успее да им даде живот на сувите критериуми и правила, следува втората фаза:

Соло-настап. Човек, кој доволно се истренирал во одредена дисциплина, кому исполнувањето на тие критериуми ќе му стане лично својство, веќе дава нов лик на целата дисциплина. Таа станува дел од него, и тој веќе може да си „поигрува“ со чекорите и паузите, без да ја наруши првобитната убавина, и постојано да ја сведочи пред другите. Брзите чекори, стремежот кон врвот, нештедењето на своите петици, секако нема да останат незабележани и конечно ќе го родат долгоочекуваниот плод – Учениците.

Правилата на игра – познати, играта на учителот – јасна, сопствените грешки лесно се заблежуваат и преку напорна вежба и добра волја, до прекрасната изведба на Riverdance. Веќе нема потреба од надзор и работа по слушание (нешто што сме го слушале или на кое аскетски сме се принудувале), туку дисциплината станува дел од луѓето и сите дејствуваат како едно тело. Таквата тимска работа го подигнува квалитетот, поставува нови критериуми и остава можност на најдобрите, да внесат некој уникатен украс кој ќе ја запечати изведбата. Само тогаш, усогласеноста и разликите стануваат дел од една иста слика во која нема да си противречат, туку префинето се надополнуваат и ја пренесуваат главната порака:

Убавината ќе го спаси светот.

Животот е река, полна со танчари и музика за сечиј вкус. Но, како ќе го одиграме Танцот на реката (Riverdance), и чие оро ќе почнеме да го учиме, зависи од нас. Како и да е, уживајте во овој танц.

 

Подготви: Златко Дивјаковски