Кинеските новомаченици – фотографски материјали

 

„Во 20 век за верата загинаа повеќе христијани отколку во сите претходни векови.“

(SalzburgerNachrichten, Австрија, 5 септември, 1998)

 

На самиот премин од 19 во 20 век, на денот на светиот апостол Вартоломеј, далечната Кина ги даде првите маченици – сведоци Христови. Нивното страдање имаше голем одѕив во Православието ширум светот. Органот на Цариградската патријаршија, „Црковна вистина“, по повод гонењата на христијаните во Кина, напиша: „Крвта на мачениците секогаш беше семе од кое во незнабожечките земји израснаа Црквите Божји и се разви христијанскиот живот. Го молиме Бога и ова крваво гонење што во Кина го претрпе малечката гранка на Православието да послужи: прво, како извор на неослабната вера и мажественост за оние ревносни дејци на евангелската проповед во Кина и за нивното мало стадо Христово – православната кинеска паства; второ, како основа за понатамошни успеси на верата и Царството Божјо во Кина во слава и на Тој Кој рече: ‘И ќе биде проповедано Евангелието во целиот свет’; и уште, ‘Многумина од Исток и Запад ќе дојдат и ќе седнат со Авраама и Исаака во Царството Небесно’.“

 

Корените на кинеското православие

 

Исполнувајќи ја Господовата заповед за проповед на вистината на сите народи, светиот апостол Тома дојде „дури до крајот на светот“ – до земјите на денешна Кина, каде што многумина приведе кон Христа. Апостолот Тома е прв меѓу Небесните заштитници на Кина, кој и денес вознесува молитви пред Престолот Господов да се зачува и просветли земјата нему доверена, исто како и мноштвото кинески новомаченици, кои пострадаа од богоборците во 20 век.

Додека присуството на Западните христијански цркви е многу добро познат факт, многумина не знаат дека и Православната Црква исто така е присутна во оваа земја повеќе од 300 години. Православието допре до Кина со источното проширување на Руското Царство преку Сибирскиот далечен исток во 1651 година, повеќе од еден век пред пристигнувањето на првите протестантски мисионери. Во пограничните пресметки во регионот на реката Амур меѓу трупите на тогаш владеачката Квинг династија и рускиот цар, Кинезите во 1685 година заробија Руси, меѓу кои и свештеникот Максим Леонтиев. По мировниот договор од 1690 година во Нерчинск, заробениците беа ослободени; но некои од нив одлучија да останат таму како кинески граѓани. Царот Канг Хси им даде пагански храм во Пекинг, а православните верници го претворија во православен храм, посветен на Премудроста Божја и во него ставија икона на свети Николај Чудотворец. Црквата подоцна беше преименувана во црква на Успението на Богородица.

Така беше посеано семето на Руската црковна мисија на кинеската земја. За 200 години до Боксерската буна во 1900 година, наспроти католичките и протестантските активни мисионерски потфати, Мисијата успеа да обрати во верата само мал број домородни Кинези, и тоа главно преку мешани бракови со потомците на руските заробеници – Албазинци. (До ова време Албазинците прилично се асимилираа со месното население, после два века соживот. Нивниот надворешен изглед не се разликува многу од поголемиот дел на Хан кинеското население, иако етнички тие себеси се сметаат за Руси по потекло.) Но, Господ го удостои ова малечко стадо со маченички подвиг да Го сведочи Него меѓу своите еднородни незнабожечки браќа, наградувајќи ја нивната вера и верност со изобилна благодат и поткрепа во страдањата.

 Pravoslavie vo Kina

Првите христијански маченици меѓу православните Кинези

 

Длабоко се трогателни страданијата и исповедништвото на 222 нови исповедници и маченици кои ја прославија Кина пред престолот на Севишниот. Житијата на овие новопрославени светители кои во Пекинг пострадаа за верата Христова за време на Боксерската буна или Јихетуан движењето – како што Кинезите го нарекуваат востанието од 1900 година – оригинално се напишани на руски јазик; извадени се од архивите и за првпат отпечатени во изданието на „Кинески благовесник“ од јануари 2000 година. Во ова Боксерско востание, Мисијата од вкупно 1000 изгуби 300 луѓе. Некои од нив се одрекоа од православието, а другите се покажаа како свети исповедници и маченици заради Христа.

Меѓу нив од Кинезите посебно е почитуван свештеникот Митрофан Ѕи-Чун со целото свое семејство. Роден е во 1855 година. Рано остана без татко, па го воспитаа баба му Екатерина и мајка му Марина, која беше учителка во женското училиште. Уште пред да наполни 20 години беше вероучител, а на 25-годишна возраст е ракоположен за свештеник од самиот свети Николај Јапонски. Тој никако не сакаше да го прими свештеничкиот чин и постојано одбиваше, велејќи: „Како да се осмели малку способен и малку добродетелен човек да го прими овој голем чин?“ Но, од послушност кон Црквата, се потчини.

Во 1900 година, на 14 јуни, вечерта, просториите на Мисијата беа запалени од Боксерите. Многумина од христијаните, криејќи се, се собраа во домот на свештеникот Митрофан. Меѓу нив беа и поранешните непријатели на о. Митрофан, од кои беше претрпел многу неволји. И како што порано, кроток и молчалив, не се оправдуваше, така и сега, незлобивиот, им даде закрила, од послушност кон Оној што ни заповеда љубов и кон непријателите (Мат. 5, 44). Гледајќи дека некои паѓаат во малодушност, тој ги поткрепуваше, велејќи дека дошло времето на неволји што тешко дека ќе може да се избегнат. На денот во кој од страна на Боксерите и Кинезите незнабожци маченички пострадаа неговите православни браќа Кинези христијани, о. Митрофан ним им беше ангел-утешител, кој ги бодреше и тешеше пред да го задобијат венецот на славата.

На 23 јуни вечерта војниците и Боксерите го опкружија домот на о. Митрофан. Во тоа време таму беа собрани околу седумдесет христијани. Некои побегнаа, а оние што беа подготвени да ги примат маченичките венци, меѓу кои старецот Митрофан и многу жени и деца, останаа и беа мачени. Боксерите му ги избодоа градите на о. Митрофан, а јеромонахот Аврамиј го зеде телото на свештеникот и во 1903 година, кога за првпат се празнуваше споменот на овие маченици, телото заедно со други беше положено под олтарот на двоспратната камена црква посветена на мачениците. На местото каде што маченички пострада, сега е поставен крст и на празникот на мачениците (24 јуни) тука поминува Литија и се служи Помен.

Многу е впечатливо житието на 8-годишниот Јован. Кога го убија о. Митрофан, Боксерите на Јован му ги расекоа рамениците и му ги отсекоа ножните прсти, носот и ушите. Свршеничката на брат му, Марија, му го спаси животот. Наредниот ден, без облека и обувки, тој седеше на влезот и на прашањето на луѓето дали го боли, одговараше – не. Децата му се потсмеваа, нарекувајќи го „ер-мао-ѕа“, што значи „следбеник на ѓаволот“. Но, тој одговараше: „Јас сум следбеник на Христос Бог“. Јован бараше вода кај соседите, но тие не само што не му ја даваа, туку и го бркаа. Иако раните беа многу длабоки, момченцето не чувствуваше болка и кога повторно го фатија, не покажуваше страв. Придружуван од потсмев и навреди од страна на своите сограѓани безбожници, беше воден како јагне на клање. Божјата благодат, која му беше дадена на малечкиот исповедник во изобилство, го направи нечувствителен за сè од овој свет – раните, потсмевот, стравот од идни мачења. Љубовта Христова го вдахнови со радост да чекори во пресрет на смртта.

19-годишната Марија, свршеничка на синот на о. Митрофан, дојде во куќата на отецот два дена пред Боксерскиот погром, сакајќи да умре во семејството на својот свршеник. Кога Боксерите ја опколија куќата на о. Митрофан на 23 јуни, таа со голема мажественост им помагаше на оние што не беа подготвени за мачеништво да побегнат од раката на гонителите. Иако другиот син на о. Митрофан, Сергеј, трипати се обидуваше да ја убеди и таа да побегне и да се скрие, Христовата следбеничка одговараше: „Се родив покрај црквата на Пресвета Богородица, тука и ќе умрам“. Ја претпочиташе смртта како заминување во местото на блажениот покој. Таа смело ги разобличуваше војниците и Боксерите за нечовечното мачење на христијаните, кога тие ја провалија вратата и влегоа во дворот. Безбожниците беа стаписани од необичната храброст на младата девојка и не ја убија. Но, раните што ѝ ги нанесоа беа претешки и таа маченички го заврши својот земен живот.

Меѓу постраданите за Христос имаше и Албазинци, потомци на оние славни Албазинци што ја донесоа светлоста на Христовата православна вера во 1685 година во главниот град на Кина, Пекинг, и ја сочуваа верноста кон неа. За верност кон светото православие Господ ги награди нивните потомци со славата на мачеништво и исповедништво. Климент Куј Лин, Матеј Хај Цјуан, неговиот брат Вит, Ана Жуј и многу други Албазинци, не плашејќи се од оние што го убиваат телото, а не можат да ги убијат душите (Мат. 10, 28), без страв ги дочекаа своите мачења и својата смрт заради Спасителот на светот, молејќи Го Бога за просветлување на гонителите и за простување на нивните гревови.

Опишувајќи ја нивната маченичка смрт, архимандрит Аврамиј додава: „Упокој ги, Господи, душите на твоите слуги – ереј Митрофан и постраданите со него – и нека им биде вечен споменот!“ Ние денес велиме: „По нивните свети молитви, Господи Исусе Христе помилуј нè!“

1. holymartyrschurch razrushena 1. Uspenskiot hram 2. Bunarot 2. Sveti Mitrophan prv sveshtenik 2. Uspenie hramot vnatre 2.1. Novomachenici 3. Crvena sala 3. St Innokenty of Irkukst Cross Church 1930 3. stguryhkicon 4. Крст и меморијална плоча 4. литија со децата од сите свети маченици до успение 5. Manastir na Pokrov 5. park 6. bishop clergy 6. Sveti Stefan Nov 7. 1951elementary school 8. wedding 9. This Orthodox Mission was located in Haimen, Jiangsu Province. 1912

 

Премин 43/44, 2007 година

 

Поврзано: Спомен на 222 Кинески новомаченици